1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Во Темплум едицијата Старо купувам пред неколку месеци излезе мала антологија-сликовница на песни за дрвја од 23 македонски автор(к)и. Книгата мајсторски ја илустрираше Симонида Филипова - Китановска, а изборот го направи Никола Гелевски. Овде пренесуваме шест песни од книгата проследени со шест акварели на Симонида.
Во книгата се застапени следните автор(к)и: Славко Јаневски, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Стојан Тарапуза, Олга Арбулјевска, Зоран Анчевски, Рајко Јовчески, Влада Урошевиќ, Николина Андова Шопова, Видое Подгорец, Пандалф Вулкански, Јован Стрезовски, Евгенија Шуплинова, Матеја Матевски, Анте Поповски, Димитар Башевски, Ацо Шопов, Петар Т. Бошковски, Србо Ивановски, Весна Ацевска, Санде Стојчевски, Цане Андреевски и Блаже Конески.
Славко Јаневски
Големиот колеж
Ќе се покриеме со портокалов мрак.
По шумите почна големиот колеж.
Не ќе има листе за лулка на лунениот зрак.
Ќелавата планета ќе е најпесочно поле.
Попусто пресувите стебла со секој час
ќе подаваат голи раце кон непочитаниот Закон.
Крцкотот на соголеноста ќе е само глас
што ќе ни допре до слухот заспан млако.
И почна, ви велам, големиот сек.
Зелено ќе нема. Пепелав сè ќе е думан.
Ќе мине ли в неврат само еден век
за да прашуваме што беше тоа шума?
И почна. Не ќе има ни смоквин лист.
Планетата гола да заприлега на библиска Ева.
На Земјата ѝ помагавме да одигра стрип‒тиз
додека плачот добога ѝ се кревал.
Ива Дамјановски
Ќе им зборуваш ли на дрвјата?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
како кога ќе умрат
стануваат огнот во нашите куќи
и нивната пепел станува едно
со онаа од нашите изгорени сништа?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
како кога ќе умрат
нивната рапава кожа станува мазна,
повеќе не умее да старее
и на неа со зелена боја пишуваме:
„ДРВО“?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
дека ги убиваме
за сликарите да можат
да сликаат дрвја?
Владимир Мартиновски
Шумски блуз
Кај што беа тополите сега
копаат јаглен. Нема ни
трага од нашиот багрем.
Ридот со брези станал
каменолом. Дабовите со камион
ги преселиле во нечиј дом.
Кај што видовме срни
сега вијат ко волци моторни
пили, гладни, стрвни.
Кај што насон буки шумат
сега стои знак со натпис
„Тука имаше шума“.
Стојан Тарапуза
Дрво
Јас сум дрво!
Јас сум зелен пожар
со корен и врв,
со гранки‒ дланки,
со најбистра крв!
Ноќе месечко ме посребрува,
дење сонцето ме позлатува...
— Небото врз мене се налактува!
За птиците сум отворен стан,
за ветрот — без ѕидови ан...
— Член сум на растителниот клан!
Под мене лете
во сенка и лад
коски си одмора
и стар и млад!
Олга Арбулјевска
Слава на дрвото
Струи флуидот низ стеблото
Времето му врежува прстени
Во кората столетијата сонуваат
Шумолее древноста во пергаментот
Расстеблено извишено до небото
дрво на животот закоренето во просторот
Врежан таинствен шепот на иднината
Со разгранети ветчести раце
ја обгрлува светлината
Ги слави своите светлосни години!
Видое Подгорец
Кос
Познавам еден обичен кос ‒
има клун, а нема нос.
Не е ни мечка, ни елен рогат ‒
малку е умен, многу е богат.
Тој си нема ни куќа, ни кревет,
но затоа има земји девет.
Прва земја ‒ Брезова,
а втората ‒ Слезова.
Трета земја ‒ Борова,
четврта ‒ Јаворова,
петта земја ‒ Липова,
шестата Јасикова,
седма земја ‒ Врбова,
осмата ‒ Тополова,
деветтата земја црна
носи име Три гроздови зрна.
Па сепак нашиот пребогат кос
краде туѓо грозје
и лета гол и бос.
Слики: Симонида Филипова - Китановска
Извор: Песни за дрвја (едиција Старо купувам; Темплум, 2023)