Феминистички народни песни

29.04.2022 10:27
Феминистички народни песни

 На претстојниот Саем на книгата (3-9 мај, арена „Борис Трајковски“) ќе биде претставена и необичнава сликовница: „Феминистички народни песни“ илустрирани од три современи македонски уметници: Маја Стефановска, Душица Димитровска и Будимка Поповска. Книгата содржи 21 илустрирана песна во избор на Никола Гелевски. Во продолжение од книгата пренесуваме три илустрирани песни и делче од предговорот. 


Сирма војвода

Дека се чуло видело,

мома Војвода да бидит

на седамдесет сејмени

на тија гори зелени,

на тија води студени?

 

Мома им веле говоре:

„Това сос људба не биват,

това сос срдба не биват!

Земајте прстен от р’ка,

врзејте прстен на бука,

фрлејте редом на нишан;

кој ќе ударит прстенот,

тој ќе си бидет Војвода

и мене ќе ме кердосат.”

 

Сите фрљаа со редом,

никој ми прстен не удри.

Мома си веле, говоре:

„Подај ми, чауш, пушката!”

Пушката пукна от р’ка,

падна ми прстен от бука,

пак мома веле говоре:

„Земајте камен фрлејте,

кој ќе ме мене натфрлит,

тој мене нека кердосат,

тој млад Војвода да бидет.”

 

Сите ми се редом фрљаа,

никој се камен не натфрли;

Сирма ми камен натфрли

десет чекори потамо.

И седамдесет дружина

одбраа Сирма Војвода.

Сирма војвода; илустрација:Маја Стефановска



Легнало девојче

Легнало девојче

на паќ, на растопаќ,

на друм, на раздруми.

Лудо поминало,

та девојче буди:

„Стани, моме, стани,

на жатва д’ идеме,

на голема нива,

на бела пченица,

жатва да жниеме,

да се наджниваме,

да видиме, моме,

кој кого ќе наджние.“

Станаа, ојдоа

на голема нива,

на бела пченица,

та жнаа шчо знаа:

момче е нажнало

двесте и два снопа,

мома е нажнала

триста и три снопа.

Легнало девојче; илустрација: Душица Димитровска


Мома желка

Прошета се мома желка, дос, дос,

низ ливади, низ угари.

 

Усреќа ѝ ерген ежо,

истроши ѝ рамна става,

изоба ѝ црни очи,

избаци ѝ бело лице,

измрси ѝ руса коса,

искина ѝ герданите.

 

А што беше мома желка,

па си ојде на кадија,

на кадија на валија.

 

Проговара мома желка:

‒ Еј, кадија, еј, валија,

право седеш, криво судиш!

Што си пуштил ергените,

ергените, ежовете?

Ја си стани ја да судам!

 

Па си седна мома желка,

да си суди ергените,

ергените, ежовете.

Па судила ден до пладне:

триста ежа обесила,

а па двесте затворила.

Мома желка; илустрација: Будимка Поповска


Од предговорот

Неколку поважни работи сакаме да постигнеме со оваа мала збирка на „феминистички народни песни“ илустрирани од три одлични современи уметници. Главната цел е јасна: низ внимателни илустрации да претставиме дваесетина посебни, необични, интригантни „женски песни“ од народното творештво. Избирајќи три различни уметници и три различни ликовни приоди токму сакаме да укажеме на разноликоста на темата со која се занимаваме, создавајќи предизвикувачки споеви и контрапункти ем меѓу различни ракописи, ем меѓу два медиума ‒ книжевноста и сликарството. (Како што вели Вилијам Блејк: Противставеноста е вистинско пријателство.)

Освен тоа, сакаме да потсетиме на богатството на македонскиот фолклор во книжевната сфера; да укажеме на современите значења на фолклорот и да понудиме поинакви читања на културното наследство, што значи поинакво разбирање на себеси и на културата во која живееме. (...)

Никола Гелевски


 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Стрип / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност

ОкоБоли главаВицФото