Сликовница за попреченост: Седум конци на сонцето

15.09.2023 15:44
Сликовница за попреченост: Седум конци на сонцето

 

 

Новата сликовница во едицијата Во 5 кај вртелешките! е дело на писателката од Белград, Драгана Младеновиќ, и илустраторката од Скопје, Инес Георгиевска.

Поточно, сликовницата е резултат на еден регионален конкурс за најдобар текст за сликовница за попреченост. На тој конкурс, распишан од Темплум и Контрапункт, на кој пристигнаа 43 ракописи од Србија и Македонија, најдобро оценет ракопис беше Седам копчи на сунцу (Седум конци на сонцето).


Текстот на Драгана Младеновиќ на креативен и духовит начин го парафразира мотивот на Храбриот кројач, познат од бајките. Во оваа осовременета бајка Храбриот кројач е полуслеп, а повеќето актери имаат некаков проблем: некои принцези и принцови се во инвалидски колички, некои актери имаат штаки, некои носат темни наочари, некои имаат слушни апарати итн. Современата бајка на Младеновиќ има фуриозен ритам, сјајно осмислени слики, духовити дијалози во рамките на една минималистичка но функционална драматургија во која ќе уживаат првенствено помладите читатели.


Кон одличниот текст придружени се исто толку одличните, прецизни и функционални илустрации на Инес Георгиевска. Нацртани со дрвени боици, во нежни пастелни тонови, во извонреден ритам го следат динамичниот и возбудлив текст, актуелната бајка за борбата на поразличните. Главен ликовен мотив на Инес е шиењето; таблите, страниците, се решени со суптилна, ненаметлива фантазија. Ликовите (меѓу кои, би рекле, особено се издвојуваат расшиеното Сонце и Храбриот кројач), ентериерите, екстериерите, ситуациите, монтажата, сценографија, костимографијата... - сѐ е прецизно вклопено во умната, благородна и поучна приказна.

Графичкиот дизајн на сликовницата (направен од студиото Кома) е исто така на највисоко ниво - кориците, уводните страници, фонтовите...

 


Не треба да се нагласува колку е важна клучната тема на сликовницата: попреченоста. Тежина и деликатност темата добива зашто во прв план се децата со попреченост, и како ликови и како потенцијални читатели. Знаењето на оваа област кај нас, за жал, е мошне слабо, а слиовницава ќе помогне тоа барем малку да се зголеми. Впрочем, почитувањето на различностите и добрата општествена интеграција не се проблем само на луѓето со попреченост туку и на други ранливи општествени групи, што на сликовницата Седум конци на сонцето ѝ дава многу пошироко значење.

Во продолжение ексклузивно ви ја пренесуваме анимираната верзија на сликовницата направена од Александар Јосифовски од графичкото студио Кома.


Проектот „Седум конци на сонцето“ е поддржан од GIZ (German cooperation) и од READ (Regional Network for Cultural Diversity) и Европската Унија.

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Општество / Активизам / Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото