„Не дека не го прифаќам Бога, само со најголема почит му ја враќам влезницата“

10.11.2023 11:57
Не дека не го прифаќам Бога, само со најголема почит му ја враќам влезницата

Чуј: ако сите треба да страдаат и со тоа страдање да ја купат вечната хармонија, каква врска имаат децата со тоа, кажи ми, те молам? Никако не разбирам зошто тие мораат да страдаат и зошто хармонијата се купува со страдање. Зошто и тие завршуваат како материјал и со себе ја наѓубруваат нечијата идна хармонија?

Можам да ја разберам солидарноста меѓу луѓе во грев, ја разбирам и солидарноста во одмазда, но со деца не може да има солидарност во грев, а ако е вистина дека тие се солидарни со татковците во сите нивни злодела, тогаш тоа сигурно не е вистина од овој свет, и затоа ми е непоимлива.

Можеби некој шегаџија ќе каже дека детето ионака ќе порасне и ќе се испонагреши, но тоа, ете, уште не пораснало, а на осум години му загнале кучиња.

О, Аљоша, не хулам на Бога! Разбирам каков космички потрес ќе се случи кога сето на небото и на земјата ќе се спои во еден пофален глас, и сè што живее и што некогаш живеело ќе воскликне: „Праведен си, Господи, оти се укажаа твоите патишта!“ Кога мајката ќе го гушне мачителот чии кучиња го раскинале нејзиниот син, и кога тројцата во солзи ќе воскликнат: „Праведен си, Господи!“, тогаш, се разбира, доаѓа врвот на осознавањето и сè ќе се објасни.

Но зврчката е што јас тоа просто не можам да го прифатам. И додека сум на земјава, брзам да си ги преземам мерките.

Знаеш, Аљоша, можеби стварно ќе се случи, ако поживеам до тој момент или ако воскреснам да го видам, и јас најпосле да воскликнам со сите, гледајќи ја мајката што се прегрнала со мачителот на своето дете: „Праведен си, Господи!“

Но јас тогаш нема да кликам. Додека имам уште време, брзам да се оградам и затоа целосно се откажувам од највисоката хармонија. Таа не вреди ни една единствена солзичка макар само да е на едно измачено дете што се удирало себеси со тупаничето в гради и му се молело на „Боже“ во своето смрдливо дувло со неискупените солзички свои! Не вреди, оти неговите солзички останале неискупени. Тие мораат да бидат искупени, инаку не може да има хармонија.

Но со што, со што ќе ги искупиш? Зарем е тоа воопшто можно? Зарем со тоа што тие ќе бидат одмаздени? Но, што ќе ми е таквата одмазда, што ќе ми го пеколот за мачителот, што може тука да поправи пеколот, кога тие веќе биле измачени? И каква е таа хармонија, кога е тука и пеколот: јас сакам да простам и сакам да прегрнам, воопшто не сакам веќе да се страда!

И ако страдањата на деца служат за пополнување на квотите за страдање што се неопходни за да се плати таа вистина, тогаш однапред тврдам дека таа вистина не вреди по таа цена.

И, најпосле, не сакам мајката да се прегрнува со мачителот чии кучиња ѝ го парчосале синот! Не смее та нему да му прости! Ако сака, нека си простува за себе, нека му прости на мачителот за своето неизмерното мајчинско страдање; но таа нема право да му го прости мачењето на своето раскинато дете, ниту смее да му прости на мачителот, па дури и ако самото дете му прости!

А кога е така, кога тие не можат да простат, каде е хармонијата? Дали постои суштество во целиот свет кое би можело и би имало право да прости?

Не ја сакам хармонија, од љубов спрема човештвото не ја сакам. Подобро да останам со неодмаздените страдања. Подобро да останам при неодмазденото страдање и при своето незадоволено негодување, па макар и не бил во право.

Прескапо ја ценат таа хармонија, не е за нашиот џеб толку да ја платиме влезницата. И затоа брзам својата влезница да ја вратам. И само ако сум чесен човек, должен сум да ја вратам што поскоро. Тоа и го правам. Не дека не го прифаќам Бога, Аљоша, туку само со најголема почит му ја враќам влезницата.

(Иван Карамазов во разговор со братот Аљоша, во романот на Ф. М. Достоевски „Браќата Карамазови“)

Превод: П. В.

Слики: John Bauer (1882 - 1918)

ОкоБоли главаВицФото