Почина американскиот писател Пол Остер

01.05.2024 13:25
Почина американскиот писател Пол Остер

Американскиот писател Пол Остер почина вчера, 30 април (вторник) на 77-годишна возраст поради компликации од рак на белите дробови, потврди за „Гардијан” неговата пријателка и колешка Џеки Лејден.

Пол Остер е автор на 34 книжевни дела, меѓу кои најпознати се „Њујоршка трилогија” и „Левијатан”. Тој е познат по својата високостилизирана, чудно загадочна постмодернистичка фикција.

Остер беше романсиер и сценарист кој се прослави во осумдесеттите и стана еден од најпрепознатливите њујоршки писатели на својата генерација, пишува „Њујорк Тајмс”. Неговите приказни често се занимаваа со темите на случајноста, можноста и судбината, забележува „Гардијан”.

Пол Бенџамин Остер е роден на 3 февруари, 1947 година во Њуарк, Њу Џерси, во еврејско семејство. Дипломирал во 1970 година на Универзитетот Колумбија, по што се преселува во Париз каде работи како преведувач на француска книжевност, а потоа се враќа во САД.

Иако роден во Њу Џерси, тој стана неизбришливо поврзан со ритмите на неговиот посвоен град, Њујорк, кој беше своевиден книжевен карактер во голем дел од неговите дела, како и Бруклин, каде што се пресели во 1980 година.

„Пол Остер беше познат њујоршки романсиер во текот на осумдесеттите и деведесеттите, во времето и местото во кое растев, во време кога многу малку познати писатели живееја во тој дел од градот”, напиша авторката и поетеса Меган О Рурк, која израснала во Бруклин.

„Неговите книги беа на полиците на сите пријатели на моите родители. Како тинејџери, јас и моите пријатели со воодушевување ги читавме делата на Остер за да ја почувствуваме неговата чудност - тој допир на европскиот надреализам - и неговата близина”. „Тоа се случуваше долго време пред Бруклин да стане место каде што секој романсиер сака да живее”, додаде таа.

Сепак, неговиот углед не беше од локален карактер. Само во Франција освои неколку книжевни награди. Како Вуди Ален и Мики Рурк, Остер, кој ја поминал својата младост во Париз, стана еден од ретките американски извозни „производи” кои беа прифатени како автохтони во Франција.

„Првото нешто што го слушате додека го читате Остер, каде било во светот, е францускиот јазик. Како автор на најпродаваните книги во Франција, Остер е рок ѕвезда во Париз”, напиша магазинот „Њујорк” во 2007 година.

Извор:https://www.danas.rs

Слика: Лот Хансен 

ОкоБоли главаВицФото