Замор на духот

16.09.2022 01:52
Замор на духот

 

Оти како може да има среќа ако е таа заснована врз несреќата на другиот?

Достоевски

 

„Да се стане вистински Русин значи токму тоа: да се потрудиме да внесеме конечно помирување во европските противречности, да покажеме излез за европската безнадежност во нашата руска душа, сечовечка и сеобединувачка, со братска љубов во неа да ги примиме своите браќа, за можеби најпосле да се искаже конечниот голем збор за општата хармонија, конечното братско согласие со сите народи според Христовиот евангелски закон.“

Ова е извадок од свечениот говор пред голем аудиториум на веќе смртно болниот Фјодор Михајлович Достоевски, говор по повод откривањето на споменикот на Пушкин во Москва, на 6 јуни 1880 година.

Говорот постигна неверојатен успех, затоа, и покрај тешкиот замор, уште истата вечер Достоевски на сопругата Ања и ги напиша следниве зборови: „Не, Ања, ти никогаш нема да можеш да го замислиш впечатокот што го остави мојот говор! Каков е мојот успех во Петроград? Ништо, нула во споредба со ова! Кога се појавив салата се затресе од аплауз и долго, многу долго, не ми дозволуваа да зборувам. Се поклонував, со гестови молев да ми дозволат да зборувам - не помагаше ништо: восхитување, ентузијазам (сето тоа заради Карамазови). Најпосле почнав да го читам својот говор, но ме прекинуваа после секоја страница, а понекогаш и после секоја реченица, со громогласен аплауз. Кога најпосле го прокламирав сеопштото, сечовечко братство на луѓето, салата беше како во хистерија, а кога завршив, не можам да ти го опишам татнежот, извиците на воодушевување: непознати луѓе во салата плачеа, пискаа, се прегрнуваа и се заколнуваа еден на друг дека ќе бидат подобри, дека во иднина нема да се мразат, туку ќе се сакаат“.

Следниот ден се појавија весници со наслови напишани со кубитални зборови: „Тоа е молња која го распара небото“. Но во воодушевените зборови на Достоевски за европско помирување, во кое главната улога би ја одиграла руската душа, почиваше малиген чир што го изразува неговата најава на сопругата денот пред празникот: „Цел живот војував и сега не можам да побегнам од боиштето“. Имено, од боиштето на помирувањето, конечно и сеослободувачко, во атмосфера на христијанската логика на срцето и на револуционерната руска идеја. И со „рускиот Христос“, кој му беше идол на Достоевски и чија руска слика настојуваше да ја прикажува во романите, со Мишкин во Идиот и во Браќа Карамазови со Алјоша.

Но, како што утврди Николај Берѓаев и по него заостри Лав Шестов, „не му успеа“. И покрај импресивниот успех на романот Браќа Карамазови, заради кој Друштвото на љубителите на руската книжевност и го избра за свечен говорник, за тоа бил свесен и самиот Достоевски. Затоа, најпрвин на себеси, романот Браќа Карамазови го прогласил за недовршен и најавил втор дел во кој главен јунак ќе биде Алјоша Карамазов, монах, ученик на старецот Зосима: „Многу ме интересира психологијата на револуционерите. Имам намера да напишам нов роман, продолжение на Браќа Карамазови, во кој со задоволство би му се посветил на проблемот на револуционерното движење. Јунак на романот ќе биде Алјоша Карамазов. Вистината ќе ја бара во манастир. И револуционерите, на свој начин, ја бараат вистината. Барањето на вистината им е заедничко на калуѓерите и револуционерите. Нашите револуционери навистина имаат нешто од историските маченици. Фанатични се и подготвени да умрат за своите идеали. За револуционерите најважна е идејата дека со новиот општествен поредок ќе го усреќат човештвото. Алјоша, човекот кој ја бара вистината, нема да ја најде вистината во манастир. Ќе бара и натаму и ќе чекори по патишта кои ќе го одведат до фанатиците на вистината, револуционерите. Љубовта кон идеите, како вистински Карамазов, ќе го одведе толку далеку што ќе направи политичко злосторство. Во политичкото злосторство тој гледа нужен чин за среќа на човештвото... Така, Алјоша, привидно ограничен, а навистина побожен човек, во очите на општеството ќе стане злосторник. Алјоша ќе биде осуден на смрт и ќе умре за својата идеја, мирно и среќно, како маченик“. Со други зборови, како Христос.

Се работи за сосема логичен развој на „логиката на срцето“ на која предупреди теологот Георгиј Флоровски во својата книга Патиштата на руското богословие. Логиката на срцето мошне брзо се претвора во спротивност на „логиката на разумот“ (Паскал), критичкиот ум се претвора во емотивна занесеност, на ниво на поезија, а на ниво на политика во - зелотски фанатизам. Денес би рекле: револуционерност. Врз подлогата на убедувањето дека ми е на располагање не само божјата милост, туку и божјата власт. Со други зборови, ако религиозното есхатолошко-апокалиптично навестување на конечната љубов и помирувањето, конечната братска согласност ја пренесеме на политичкото ниво на интернационален идеолошки подвиг, ако верската „христијанска револуција“ ја претвориме во општествено-политичка револуција, стануваме она што би станал Алјоша како социјалист, значи политички злосторник.

Половина век по Достоевски, кога Источна Европа веќе ја погоди национал-комунистичкиот болшевизам, а Западна Европа почна да ја загрозува, од една страна, коминтерновскиот (комунистичко интернационален) болшевизам, а од друга страна нацизмот и (клеро)фашизмот, филозофот, таткото на феноменологијата, Едмунд Хусерл ја напиша расправата Кризата на европското човештво и филозофијата (1935) во која најголема опасност, опасност над сите опасности, гледа во заморот, во немоќта на духот. Затоа од нас Европејците бараше својот духовен замор да го надвладееме со хероизам на духот. Првиот услов за хероизмот на духот е - слободата на духот. Само по тој пат може да се дојде до помирување на европското човештво со себеси. Исто така и до европско помирување во геополитичко значење, односно помирување помеѓу Западна и Источна Европа.

Денес не е во мода да се зборува за европско помирување, денес евентуално може да се зборува за интеграција во Европа, трауматски потиснувајќи го прашањето за помирување. Притоа, како порано така и денес, Русија останува надвор од Европската унија. Но без Русија нема вистинска Европска унија, како што без Русија нема ни Европа како самостоен ентитет, без туторство од САД или Кина. Вклучувањето на Русија во Европската унија не е прашање на векови, туку децении. До него води помирувањето со сите негови значења. Секако, за европското помирување е одговорна и Русија, но пред сè Западна Европа која веќе со децении не наоѓа барем малку време за сериозна рефлексија за Европа како таква и во целина.

Фотографиите се од филмот „Кралот Лир“ (Жан Лик Годар, 1987)

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://www.tacno.net/

ОкоБоли главаВицФото