Фото кино клуб „Козјак” одбележува 75 години постоење

18.12.2023 12:42
Фото кино клуб „Козјак” одбележува 75 години постоење

Во среда, 20 декември, во Занаетчиски дом – Куманово, со почеток од 18:30 часот ќе се одржи настан по повод одбележување на 75 – годишнината од формирањето на Фото кино клуб „Козјак”.

Во рамки на програмата присутните ќе имаат можност да погледнат неколку кратки филма, изложба на уметнички фотографии и други експонати кои се дел од творештвото на Фото кино клуб „Козјак” во изминатите 75 години.

„Публиката ќе има можност да види фотографии, филмови, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде ОВДЕ и СЕГА. Овие манифестации имаат за цел да го презентираат и надополнат естетскиот сенс за уметничката фотографија и филм, кој го гради нашиот клуб повеќе од половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК „Козјак”, стои во најавата за настанот.

Ова е последен настан годинава со кој ФКК „Козјак” ја одбележува јубилејната 75-годишнина од постоењето. Претходно беше организиран „Мајски салон 2023“, традиционалната клупска изложба на Фото кино клубот, „ФИЛМАЈ 2023“ каде годинава учествуваа автори од 45 земји и 196 филма, а беше организирана и најстарата меѓународна изложба во Македонија, „Фото Салон 2023”

„За жал, фотографијата како уметничко изразување, во Македонија е помалку или повеќе, пасија на ниво на хоби, организирана во повеќе фото-клубови ширум државата. Но дури и како таква, таа побудува се поголем интерес кај младите што резултира со дела кои го збогатуваат квалитетот на македонската фотографија и сѐ повеќе ги истакнуваат нејзините специфики. Токму како подршка на креативноста на младите и неафирмирани фотографи, но и како презентација на оние наши членови чии имиња и дела се веќе препознатливи во светот на уметничката фотографија, ФКК „Козјак” оваа година слави 75 години од своето постоење”, велат од Фото кино клубот.

ОкоБоли главаВицФото