Страшило

20.12.2023 16:31
Страшило

Страшило е расказ од збирката „Марсовци и глувци“ првпат објавена 1959 година. Тоа е еден од најубавите раскази во македонската книжевност, пред сѐ поради чудесновишниот спој на билното, животинското и човечкото (артифициелното). Големото писателово познавање и љубовта спрема животните и билките овде како да доживуваат кулминација, вплетени во цртежите на извонредната сликарка и илустраторка Наташа Андонова. Вдахновено и умешно Андонова ја долувува возбудливата приказна, патем успевајќи да го долови и духот на Славко Јаневски, токму во спојот меѓу растенијата и животните, меѓу уметноста (страшилото) и природата. Овој расказ за мали и големи деца, лиричен и духовит, реалистичен и фантастичен, истовремено е бајка, басна, фантазија и современа еколошка приказна. А оваа сликовница, како што треба, токму е благороден спој меѓу поттикнувачки зборови и живи слики.

Во продолжение пренесуваме неколку делови од книгата објавена во Темплум едицијата „Старо купувам“.


(...) И додека зајакот спиеше со отворени очи, страшилото од земја ја откорна својата дрвена нога и заскока преку нивата. Ја влечеше мрзоволната сенка по себе и размислуваше за старите времиња, кога го забуцаа в нива и кога до него не смееше да се доближи ни најголемиот арамија од тој крај, лисецот со куца нога.


Ненаучено да чекори, страшилото невешто се довлече до потокот. Сакаше да се огледа во бистрите вирови и да види зошто не е страшно, ако е веќе страшило. Кога се наведна за малку не се обесвести од чудо. Виде смешна глава на танок врат и две дрвени раце во стара кошула со стобојни закрпи. (...)


(...) Околу страшилото и срнецот се насобраа шумските жители: светулките, гулабите, ежот, кунатката. Од недалечната планинска река исплива дебела видра. Од под земја излезе крт. Од некаде слетаа црвеноклуни горски еребици. (...)


Крилатите и четвороногите соседи на срнецот се доближија до страшилото и го погледнаа, такво какво што е: со две крстосани суви гранки во стара кошула од стобојни закрпи. (...)


Затупка сламеното срце на страшилото, решено да се бори и, ако треба, храбро да загине.
— Тогаш напред, арамијо! Те чекам во дрвениве прегратки!
Волкот се фрли на својот противник и за миг ги забуца клинестите заби во дрвеното грло. (...)


Ова е нешто што не сме виделе досега, возбудено рекоа ѕвездите, се спуштија и легнаа во празното гнездо на некоја залутана птица. — Битка на волк и страшило не памети светов од своето раѓање.

ОкоБоли главаВицФото