Промоција на сликовницата "Страшна ноќ" од Славко Јаневски и Нашата Андонова

15.10.2022 11:04
Промоција на сликовницата "Страшна ноќ" од Славко Јаневски и Нашата Андонова

На 21 октомври, петок, со почеток од 18 часот, во Културно Информативниот центар - КИЦ Скопје, ќе се одржи промоцијата на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова.

Антологискиот расказ „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, кој се смета за еден од најубавите раскази во македонската книжевност, е дел од едицијата „Старо купувам“ на издавачката куќа Темплум. Расказот „Страшна ноќ“, со помош на извонредната ликовна техника на уметницата Наташа Андонова, се претвора во сликовница која го привлекува вниманието на младите читатели, но не може да остане незабележана ни од читателската публика од сите возрасти.

Идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори - поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, но и старите, класични вредности, со новите, актуелни вредности. Постарите, делумно подзаборавени дела на значајни претставници на македонската книжевност, преку оваа едиција добиваат ново руво, осносно за прв пат овие текстови се објавени во вид на сликовници, визуелно поддржани од страна на најдобрите современи уметници и дизајнери.

***

Дејството на расказот „Страшна ноќ“ е лоцирано во едно мало гратче, со „тесни сокачиња, стиснати од двете страни со трошни куќарки, шарени и со црвени петленца на стреите“. Во тоа гратче има мала продавница за играчки во која работи еден стар продавач. По пристигнувањето на новиот сандак со играчки – оловни војничиња, авиони и тенкови, продавачот го напушта дуќанчето и токму после тоа, длабоко во ноќта, во дуќанчето почнуваат да се случуваат низа настани кои се движат на границата меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и имагинарното. Започнува борба меѓу новите играчки и играчките кои подолго време седат на полиците во дуќанчето, борба која наликува на вечната борба меѓу генерациите, но и на арехетипот кој меѓу другото е илустриран и преку митот за Беовулф (доаѓањето на херојот и неговиот навремен крај); за древното (наследството) кое ќе мора да биде изменето или заменето од барањата на сегашноста, и иднината. Но, тука е и стариот продавач кој како да почнува да се сомнева во себе, дали поради староста или поради ноќта помината во крчмата. Кој ќе победи во таа битка, останува да видите во самата сликовница. Андонова го изградила ликот на стариот продавач на играчки по ликот на Славко Јаневски.

Јазикот на Јаневски е експресивен и сликовит, но и покрај тоа што сака да долови мистична атмосфера, останува умерен во изразот, а илустрациите на Наташа совршено го следат ритамот на нарацијата, доловувајќи ја атмосферата која од тивка и спокојна преминува во разбранувана и дива, за потоа повторно да се врати на првичкиот тек, иако ништо веќе не е исто како порано.

„Страшна ноќ,“ како дел од едицијата „Старо купувам,“ е резултат на една вонвременска соработка со која уште еднаш се докажува дека вистинските вредности се трајни.

Промоцијата на сликовницата која ќе биде прикажана во форма на Камишибаи претстава - вид на јапонски уличен театар во кој приказните се раскажуваат со употреба на илустрирани картички, и ќе биде водена од Никола Гелевски, Наташа Андонова и Фросина Крушкаровска.

***

Славко Јаневски (1920-2000) се смета за најважниот македонски писател за деца, а можеби и за возрасни. Пишувал книги за деца, романи, песни, филмски сценарија, есеи, патописи...

Автор е на романите: ,,Село зад седумте јасени,“ ,,Две Марии,” ,,Месечар,“ ,,И бол и бес,” ,,Стебла“ и ,,Тврдоглави;” на повеста ,,Улица;” на патеписната книга од Африка и Азија ,,Горчливи легенди;“ на поетските творби: ,,Песни,” ,,Лирика,“ ”Егејска барутна бајка,“ ,,Евангелие по Итар Пејо” и ,,Каинавелија;“ на повеќе книги литература за деца и на сценарија за играни и кусометражни филмови, на збирките раскази: ,,Кловнови и луѓе,”,,Омарнини” и ,,Ковчег.“

Од 1945 година бил уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, меѓу другото и на списанието за деца „Титовче“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“.


Наташа Андонова (1974, Скопје) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка, сториборд артистка и аниматорка. Во областа на ликовната уметност има реализирано десет самостојни изложби и бројни групни изложби во Македонија и во странство.

Театарска и филмска костимографија работи од 1998 г. како автор и асистент во низа театарски проекти, вклучувајќи детски куклени претстави. Во филмската дејност работела како костимограф, сет дресер, сториборд цртач и видео аниматор.

ОкоБоли главаВицФото