Иницијативата „Спознавање” го објавува своето трето културно списание

25.01.2024 10:22
Иницијативата „Спознавање” го објавува своето трето културно списание

Иницијативата „Спознавање” го објавува своето трето културно списание, во сабота (27 јануари), во „Лабораториум”, со почеток од 19 часот.

„Новото издание има интервјуа со музичари од Балканот како „Свемирко”, но сепак го задржува фокусот на македонските музичари како Искра, Кем и други. На самиот настан ќе има изложби од Мила Добревска, Јана Танчевска и Марта Патлиџанковска, инсталација од „Партизан Принт”, фотографски книги на Никола Јовановиќ и Иво Велчевски и базаар со дела на Лени Гелева, Моки, Урбанера и други. Во текот на настанот ќе имате можност да видите изложба од најчитаните интервјуа на првиот и вториот број на Спознавање”, самите фотографии од интервјуата, но и повеќе да се поврзете со мотивот зад идејата“, велат од „Спознавање”.

Со реализацијата на списанието и со овој настан се дава директна поддршка кон независната сцена, а присутните се запознаваат и со мотивите на уметниците зад нивните дела и може да набават нешто локално и уникатно.

„Првото и второто издание на „Спознавање” беа издадени на 20 мај и 23 септември 2023 каде имаше интервјуа со македонски и српски музичари. Како најистакнати интервјуа се изделуваат интервјуата со Констракта, Дина Јашари, Фанк Шуи и други. Додека на веб сајтот веќе има активна заедница која од срце придонесува кон културната сцена, опфаќајќи културни настани и колумни”, велат од иницијативата.

Зад изработката на списанието стои тимот на „Спознавање”: графички уредник – Анамарија Мишачковска, главен уредник – Дарко Беровски, фотограф(к)и – Емилија Трајковска, Иво Велчевски и Никола Јовановиќ и колумнисти – Ангела Петкова, Бисера Ѓуровска и Светла Јакшиќ.