Creative.mk: прв агрегатор за вести од културата и уметноста

22.03.2022 13:21
Creative.mk: прв агрегатор за вести од културата и уметноста

 

Creative.mk е специјализиран агрегатор на кој се достапни сите најнови вести и текстови од областа на културата, уметностите и креативните нешта. Се работи за проект на тимот на Арно.мк, Бранко Прља и Владимир Карер, што има за цел да го збогати медиумскиот простор со поквалитетни содржини и да ги промовира истите.

„Сметаме дека во денешно време е многу битно да се занимаваме со ‘убавите нешта’ и да се бориме против шундот и кичот кој ни се наметнува преку стандардните медиуми, но и зазема голем дел од интернет медиумите. За уметноста - против турбо-фолкот!“

Овој агрегатор доаѓа по позитивните реакции на science.mk, првиот македонски агрегатор за вести од науката и технологијата. Сепак, креаторите велат дека во македонските медиуми слабо се застапени културните и научни содржини, и тоа е една од состојбите на кои се надеваат да влијаат.

„Кога работевме на science.mk мислевме дека состојбата со интересот за науката кај нас е лоша. Потоа, кога преминавме на creative.mk бевме убедени дека секој портал и онлајн магазин, или општ агрегатор барем има ‘таг’ за култура, но работата со културата испадна полоша.“

Целта на creative.mk е да го поттикне интересот за културата, уметноста и креативните нешта во нашата средина.