Интернетот ја преобразува новинарската индустрија

17.03.2011 15:14
Интернетот ја преобразува новинарската индустрија

Забрзаниот раст на т.н. „паметни“ телефони и електронските таблети придонесе интернетот да стане омиленото место каде што неговите корисници бараат вести, се вели во еден извештај кој беше објавен пред неколку дена.

Локалните и националните вести, вестите од кабелските телевизии, весниците, радио-станиците и списанијата изгубија голем дел од својата публика минатата година, се вели во извештајот на Project for Excellence in Journalism, истражувачка организација која ги проценува и проучува перформансите на вестите. Истовремено, консумирањето вести преку интернет минатата година се зголемило за 17% во однос на 2009.

За првпат во историјата на интернетот, процентот на луѓе кои ги добиваат вестите преку овој медиум барем трипати во неделата го надмина бројот на луѓето кои истите ги добиваат преку весниците. Како што вели водачот на ова истражување, Том Розенстил, само локалните ТВ вести сè уште „се држат“ во однос на интернетот, бидејќи факт е дека уште од 1960-те години овој формат на вести е најпопуларен меѓу луѓето. Токму тие и се посочуваат како главни виновници за одумирањето на весниците во тие години.

Луѓето веќе се навикнаа да имаат пристап до интернет преку направите во нивните џебови, т.н. паметни телефони или таблети. Во декември 2010, 41% од Американците изјавиле дека во најголем дел вестите за национални или меѓународни прашања ги добиле преку интернет, многу повеќе од седумнаесетте проценти кои во 2009 г. го изјавија истото.

Во јануари годинава 7% од Американците поседувале таблет, двојно повеќе во однос на три месеци претходно. Розенстил вели дека таблетите се најбрзорастечката нова дигитална технологија, далеку понапред дури и од мобилните телефони кога се појавија.

Од деловна гледна точка, растот на интернет консумирањето на вестите не ги вознемирува компаниите кои произведуваат вести. Истражувањето не располага со податоци, но според нивните набљудувања, се очекува интернет рекламирањето на порталите за вести за првпат во историјата на овој медиум да го надмине она во весниците.

„Бизнисот со вести порано беше посреднички“, вели Розенстил. “Ви требаа весници и ТВ станици за да допрете до вашите корисници. Денес, тоа се производителите на електронските и технолошки уреди, како и развивачите на софтвер.“

Минатата година продажбата на весници продолжила да опаѓа, но со намалено темпо. Едно истражување на организацијата Pew Research Center for the People & the Press покажа дека 40% од Американците читаат весници, печатени или на интернет, барем трипати неделно, за разлика од педесет и двата процента во 2006 г.

Тоа се одразува и врз работните места: во 2010 уредништвата во весниците биле за 30% помалубројни во однос на 2000 г.

На долг рок се чувствува и опаѓањето на гледаноста на ТВ вестите, иако вечерните програми продолжуваат да имаат значајно повеќе гледачи отколку кабелските вести кои минатата година изгубија 14% од своите консумери.

Иако гледаноста на локалните вести продолжува да опаѓа во нивните традиционални термини, постои една мала надеж: вестите во 16:30 и во 19:00 покажуваат зголемен број на гледачи и популарност, се вели во истражувањето.

Извор: The Associated Press

ОкоБоли главаВицФото