Оригами молитва за Јапонија

23.03.2011 12:09
Оригами молитва за Јапонија

Во Белград, Сан Франциско, Владивосток, Букурешт, па дури и на Хаити, кои сè уште заздравуваат од сопствената трагедија, вештите прсти на возрасните и децата деновиве виткаат хартиени жерави за поддршка на Јапонија.

Нанижани на конци, тие ќе висат во амбасадите, на улиците на збратимените градови или, како во случајот со Сан Франциско, ќе се продаваат по симболична цена за да се собере парична помош за земјата од изгревот на сонцето која беше погодена од катастрофален земјотрес и цунами.

Жеравот има посебно место во јапонската култура и традиција. Тој претставува симбол на среќа, праведност, грижливост, чистота, верност, побожност, длабока благодарност, убавина и љубов. Неговите преселнички летови укажуваат на големата издржливост, па порано неговите крилја биле користени како амајлија за заштита на патниците од преголем замор. Исто така, жеравот претставува симбол за долговечноста и бесмртноста.

Петнаесет видови од овие убави долгоноги птици ги населуваат сите континенти освен Јужна Америка и Антарктикот. Сепак, највеличествен е јапонскиот, висок речиси еден и пол метар, со распон на крилјата од 1,8 метри и црвена „круна“. Во јапонската традиција, покрај змејот и желката, жеравот е мистично, свето суштество. Се појавува во уметноста и фолклорот. Исто така претставува симбол и на верноста. Според едно јапонско народно предание, за време на животот кој трае и неколку десетлетија, жеравот му е верен само на својот партнер, иако науката подоцна потврди дека тој сепак променува неколку.

Во оригамито, јапонската вештина за создавање различни облици од хартија, жеравот има многу важно место. Легендата вели дека илјада хартиени жерави, нанижани на коноп, носат среќа. Се верува дека оној што ќе свитка илјада хартиени жерави оваа голема птица ќе му исполни една желба. Жеравот од оригами е вообичаен свадбен подарок во Јапонија со кој на двојката и’ се посакуваат илјада години среќа и напредок, додека во домот тој претставува силна амајлија.

Традицијата за виткање жерави од хартија исто така претставува еден вид терапија и молитва за мир во времиња на големи предизвици.

По терористичките напади на САД на 11 септември 2001 г., вработените во Јапонско-американскиот национален музеј во Лос Анџелес и нивните посетители свиткаа илјадници жерави како гест за поддршка и молитва за мир. Им ги праќаа на противпожарникарските и полициските станици, на музеите и културните установи во Њујорк.

Сега, на овој начин, емоционална и морална поддршка за Јапонците праќаат луѓето од целиот свет.

Девојчето кое застана кај 664-от жерав

По Втората светска војна, хартиените жерави станаа симбол за надежта во мирот низ незаборавната приказна за Садако Сасаки. Девојката боледувала од леукемија, како последица од атомската бомба фрлена на Хирошима. Садако решила да свитка илјада хартиени жерави со надеж дека на тој начин ќе си обезбеди здравје и среќа, а на светот ќе му донесе вечен мир. Смртта ја затекна при бројката од 664.

Праќање хартиени жерави во меморијалниот центар во Хирошима стана традиција и симбол на желбата на Јапонија да се ослободи светот од нуклеарното оружје. Садако доби свој споменик во Паркот на мирот во Хирошима, на кој е претставена како држи жерав. Од целиот свет таму секојдневно пристигнуваат илјадници хартиени птици. За што подолго да им одолеат на временските услови, околу нив се подигнати заштитни настрешници.

Симбол на самоосознавањето и мудроста

Кога жеравот стои на едната нога, на Истокот тоа го прави симбол на контемплација, самоосознавање и мудрост. Враќањето на жеравите секоја пролет во северните краишта симболизира воскреснување.

Јапонскиот збор за жерав гласи „тсуро“.

На долната слика е прикажана вештината за виткање оригами со жерав.

Извор: Политика