Фукушима, година прва

12.03.2012 14:37
Фукушима, година прва

Јапонија. 11 март 2011 година. Часот е 14:46 минути. Крајбрежната област во близина на градот Сендаи на северозападот на оваа високоразвиена држава е погодена од подводен земјотрес со јачина од девет степени според Рихтеровата скала. Овој неверојатно разорен потрес силно е почувствуван во 200 километри оддалеченото Токио, но во Јапонија, земјата навикната на земјотреси, во прво време не се предизвикани драматични разрушувања.

Најстрашниот удар пристигнува дваесетина минути подоцна – јапонскиот брег е заплискан од огромни цунами бранови кои на поединечни места, како последица на земјотресот, достигнуваат и до десет метри височина. Ударот предизвикува морничави слики – брановите понесуваат автомобили, носат куќи, исфрлаат на брегот и прекуокеански танкер.

Но, драмата која ќе го потресе светот дури сега започнува. Централна сцена на катастрофата наредните денови ќе биде нуклеарната електрана Фукушима 1, односно Фукушима Даичи (еден), која се наоѓа во непосредна близина на морскиот брег. Тука се сместени шест нуклеарни реактори на компанијата Tokyo Electric Power со вкупна јачина од 4,7 GW, кои во земјотресот претрпеа огромни оштетувања и автоматски беа изгаснати.

Поради ударот од цунамито, оштетен е системот за разладување на реакторите во Фукушима и напојувањето со електрична енергија што, во низата взаемно поврзани проблеми, ќе доведе до една од најстрашните нуклеарни несреќи на сите времиња.

Без ладење, реакторите еден по еден почнуваат да се греат над прифатливата температура, поттикнувајќи верижни реакции, нивната обвивка експлодира и доаѓа до топење на реакторите, а во морето и во атмосферата се ослободува радијација која ги контаминира луѓето и земјата.

Јапонската власт со денови води битка за да се избегне целосното отворање на реакторските садови и катастрофата која се заканува да ја озрачи цела Јапонија. Пожарникарите ги ладат реакторските згради со млазови вода, во секундарниот циклус се пушта морска вода, се трага по начини и идеи како да се воспостави дополнително напојување. Драмата се завршува по повеќе од една недела.

По големиот број настрадани од ударот на цунамите, во нуклеарната електрана од зрачење непосредно починаа две лица, а повеќе од 25 работници, кои свесно се жртвуваа за да спречат поголема катастрофа, примија голема количина на зрачење. Денес околу електраната се прострира зона од 20 километри во пречник, од која се иселени повеќе од 200.000 луѓе. Регионот меѓу 20 и 30 километри во пречник околу електраната се смета за опасен, но таа област не е забранета за живот.

Оштетените реактори се залиени со бетон и закопани под песок. Во текот на есента 2011, Јапонија одвои 13 милијарди долари за чистење на контаминираното подрачје околу Фукушима. Тие пари се потрошени на санација на реакторите, но и на релокација на 29 милиони кубни метри земјиште кое е озрачено околу фабриката. Но, ниту еден дел од оваа област нема засекогаш да биде забранет за живот сосема како што е Забранетата зона околу Чернобил во Украина.

Последиците од несреќата во Фукушима се почувствуваа низ целиот свет. Иако радијацијата во голема мера никогаш не ги напушти јапонските острови, стравот од нуклеарна катастрофа се прошири низ светот. Со оваа катастрофа се заврши таканаречената „нуклеарна ренесанса“ во текот на која, поради економски и еколошки погодности, во последниве десет години се изградени бројни реактори ширум светот.

На крајот на 2011 година, проценето е дека само поради Фукушима, ќе бидат исклучени дури 30 од 440 реактори колку што се активни денес низ светот. Антинуклеарното расположение ги зафати сите земји, пред сè, Германија која одлучи долгорочно да ја промени енергетската политика, а слични одлуки донесоа и Италија, Шпанија, Швајцарија, Индија и САД.

Во Јапонија, во текот на минатата година се одржани јавни протести, а владата на Јошихико Нода донесе одлука во иднина да ја направи земјата независна од нуклеарната енергија. Денес, симболично, недалеку од брегот на Фукушима се планира да се изгради пловечка ветерница со шест генератори од по 2 MW.

Извор: vreme.com