Најголемите нуклеарни несреќи

14.03.2011 12:34
Јапонската нуклеарна централа Фукушима

Историјата на користењето атомска енергија е преполна со помали и поголеми инциденти. Некои од нив се посебно драматични. Се чини, на списокот набрзо ќе додадеме уште една – онаа на јапонската нуклеарна централа Фукушима.

Ова е краток преглед на најголемите несреќи кои придонесоа за поинаков став кон нуклеарната енергија.

Април 1986

Најтешката катастрофа се случи во украинскиот град Чернобил, тогаш дел од СССР. Во експлозијата на графитниот реактор на лице место агинаа 32 лица. Во годините и десетлетијата кои следеа, од последицата на хаваријата загинаа илјадници луѓе.

Околу 120 000 лица мораа засекогаш да ги напуштат своите домови кои беа озрачени. Ветровите и облаците го пренесоа радиоактивниот материјал и до други делови на Европа.

Март 1979

Најголемата атомска несреќа на територијата на САД се случи во нуклеарката Three Mile Island во Харисбург, Пенсилванија. Радиоактивниот облак тогаш беше забележан и на неколку стотици километри подалеку од несреќата. Над 200 000 лица мораа да ги напуштат своите домови.

Октомври 1957

Во една нуклеарна електрана покрај Виндскејл, В. Британија, наеднаш изби пожар во реакторот кој служеше за производство на плутониум. Радиоактивните гасови затруја област со површина од неколку стотици квадратни километри. Од последиците на несреќата загинаа 39 лица.

Август 1957

За една од најголемите нуклеарни катастрофи светот дозна неколку години откако таа се случи. Во советската афбрика за плутониум Мајак експлодира огромно подземно складиште со течен, радиоактивен отпад. Најмалку 1000 луѓе загинаа, а над 10 000 беа озрачени.

И до ден денес нема веродостојни податоци за размерите на несреќата. Озрачено е подрачје од околу 12 000 квадратни километри. Еден советски научник кој емигрираше во 1976 г. ја оддаде тајната за несреќата. Сепак, Москва официјално ја призна хаваријата дури во 1990 г.

Извор: dpa/sma