Токио - мегалополис кој навистина функционира

15.07.2011 10:11
Токио ноќе

На сателитската слика од Земјата ноќе Токио е најблескавата точка: најголемата урбана површина на планетава, град во кој живеат запрепастувачки 35 милиони луѓе и, што најмногу зачудува, овој мега-град навистина функционира.

Останатите големи светски градови – Мумбаи, Мексико Сити, Сао Паоло и Њујорк – во однос на Токио изгледаат како џуџиња, а главниот град на Јапонија ги претекнува по тоа што е помалку загаден, има помала бучава, сообраќајни метежи, пониска стапка на криминал, повеќе зелени површини и одличен градски превоз.

Американскиот публицист Доналд Ричи, кој првпат го посетил Токио во 1947 г., а неодамна го објави прирачникот „Мегаградот Токио“ (Tokyo Megacity), го опишува како „мегалополис во кој може да се живее“.

Наспроти улиците кои изгледаат како „кањони со неонски светла“, станбените населби се оази на мирот и спокојот, заштитени од графитите и вандализмот. Во совршената мрежа на подземната железница повеќето патници навистина ги почитуваат правилата за учтивост – ги исклучуваат ѕвоната на мобилните телефони, а својот отпад го носат дома и го рециклираат. Улиците се ретко задушени со автомобили бидејќи поголемиот дел од жителите не поседуваат таков – поради цената за закуп на паркинг простор, но и зашто автобусите, возовите и велосипедите се доволно редовни и достапни.

Самио Греко работи како проектна менаџерка во една медицинска компанија и за агенцијата AFP вели дека секојдневно ја користи железницата за да стигне на работа, бидејќи со две преместувања во линиите во еден правец патува час и половина, бидејќи возовите се чести и навремени.

„Кога би ја користела својата кола за да одам на работа би ми требале повеќе од два часа во еден правец, а ризикувам да се заглавам во сообраќаен хаос и да задонам“, вели таа.

Продавачката Микико Касаи секој ден користи велосипед за кој вели дека е најзгодниот и најевтиниот превоз за кратки растојанија. „Можат да го паркирам точно пред детската градинка и да одам по ќерка ми без грижа дека ќе ми напишат казна за погрешно паркирање“, вели Касаи.

Во тој совршен ред, на Токио не му недостасува атмосфера и градски дух, кој е очигледен во откачената мода на младите, дизајнот, архитектурата и културната понуда која со години ги поставува трендовите во Азија, но и пошироко.

Но она што ги двоуми евентуалните туристи се астрономските цени – во Токио една лубеница може да чини и до 20 долари, и според одредени мерења тоа е најскапиот град во светот. Според истражувањето на Mercer, според квалитетот на живот Токио се наоѓа на второто место во Азија, веднаш по Сингапур, додека на светската листа е на 40-то место, бидејќи на повисоките позиции се пласирани главни помалите европски и американски градови.

Лондонското списание Monocle, кое е посветено на животниот стил и дизајнот, го смести Токио на деветтото место на најпосакуваните градови за живот во светот. „Ќе го погледнете Токио и ќе си помислите дека е невозможно да функционира со толку многу луѓе во него, ама – функционира“, вели уредничката на азиското биро на ова списание, Фиона Вилсон, додавајќи дека „тоа би претставувало проблем на секое друго место – но не и во Токио“.

Уште еден љубител на Токио, Колин Лидел, кој пишува за списанието Metropolis, вели дека градот функционира поради „ткивото на јапонската култура“, чиј значаен момент е стремежот кон хармонија.

„Овде мирно коегзистираат идеи кои на Запад би биле непомирливи. Некој во бунда од вистинско крзно не мора да има проблеми со борците за заштита на правата на животните. Едноставно, тоа е поинаков интелектуален ’екосистем’ и концепт кој на волшебен начин ги исклучува судирите кои би биле неизбежни на запад.“

Се разбира, не го сакаат сите Токио. За некои, овој бескраен град носи чувство на оттуѓеност и самотија, забележани во филмот на Софија Копола „Изгубени во преводот“.

Во минатото, најголемиот дел од градот беше уништен во два наврати – во големиот земјотрес од 1923 г., па во бомбардирањата од 1944 и 1945 г. И последниот, мартовскиот земјотрес го погоди Токио, принудувајќи стотици илјади луѓе да ја поминат ноќта на работа или да пешачат до дома – бидејќи железницата запре. Беа оштетени и згради, продавниците беа испразнети, а беа воведени и рестрикции на струјата.

Но, го сакале Токио или не, сите се сложуваат дека тоа е град што зачудува. Да беше држава, ќе се најдеше на 35 место во светот според бројот на жители, а според податоците на Japan Times, буџетот на градот го достигнува буџетот на богатата Саудиска Арабија.

Извор: b92