Сквернавител на Херои и Известувач за смртта

11.04.2011 14:23
Сквернавител на Херои и Известувач за смртта, од Елијас Канети

Сквернавител на херои

Сквернавителот на херои се пентари по споменици и на хероите им ги слекува панталоните. Без разлика дали се од камен или бронза, паднат ли во негови раце, просто оживуваат. Некои се издигаат среде сообраќај; таму е подобро да не се допираат. Ама оние по парковите се за мерак. Најчесто се вртка наоколу или демне во грмушките и штом замине и последниот посетител, срипува, вешто се испентарува на постољето и застанува покрај херојот. Стои така некој миг за да собере храброст, оти е полн со почит и нема обичај веднаш да нападне. Размислува кое место би било најповолно. Не е доволно да стави рака на некое заоблување; тој мора и нешто да држи меѓу прстите, инаку не може да повлече: му треба набор. Кога ќе го најде, долго не го испушта од рака и има чувство како да го загризал со заби. Чувствува како големината преоѓа на него и почнува да се плаши. Дури сега станува свесен кој е всушност тој и за што е способен. Сега повторно планира, влече сосема енергично; ќе препукне од сила; ќе почне од утре.

Сквернавителот на херои никогаш не се јази повисоко; тоа навистина би било непристојно. Би можел да се искачи сè до камените рамена и на херојот да му шепне нешто на уво. Би можел и да го потегне за уво и да му изнакаже сè и сешто. Ама тоа веќе би претставувало врв на изопаченост. Тој е задоволен и со ова скромно место кое му припаѓа. И понатаму се држи цврсто за наборите од панталоните. Кога е вреден, не пропушта ниту една ноќ и влече сè посилно; можеби еднаш ќе дојде и тој миг, кога среде бел ден со сета сила ќе се изјази и пред целиот свет пакосно ќе го плукне херојот в лице.


  

Известувачот за смртта

Известувачот за смртта повремено се појавува во некоја од кафеаните. Го познаваат веќе со години, но ретко навраќа. Во случај да не го видат неколку месеци, сите стануваат по малку загрижени. Со себе секогаш носи чанта на некоја од авиокомпаниите, Ер Франс или БЕА. Изгледа како многу да патува, бидејќи често е долго отсутен. А секогаш се враќа на истиот начин. Се појавува и, сериозен, застанува на вратата. Со поглед ги бара познајниците во локалот. Ако здогледа некого, достоинствено му приоѓа, го поздравува, застанува мирен и занемен, и со тажен, по малку певлив глас, вели: „Слушнавте дека Н.Н. умре?“ Човекот се штрекнува, оти не знае; дури после веста забележува дека тој е облечен во црно. „Утре е погребот.“ Го поканува на погреб, му објаснува каде ќе се одржи и му дава исцрпни и прецизни упатства. „Дојдете“, додава, „нема да се покаете.“

Потоа седнува и си порачува пијалак, наздравува, кажува неколку збора; никогаш не кажува каде бил ниту какви му се намерите; станува, достоинствено се упатува кон вратата, уште еднаш се завртува и вели: „Утре во единаесет“, и исчезнува.

Така тој оди од кафеана до кафеана и бара познајници, кои исто така биле и познајници на умрениот; се погрижува да не бидат премалку, ги шокира со својата погребна страст и ги кани на таков посебен начин што некои од нив кои не ни помислуваат на тоа, сепак доаѓаат, плашејќи се од неговата следна вест која би можела да ги снајде и самите нив.

Превод од германски: Бисера Анастасова

линк до други раскази на Канети:
http://www.okno.mk/node/7952

ОкоБоли главаВицФото