Гаќи

01.06.2011 10:02
Гаќи

Конечно проработе економската политика на македонската влада. Бензините поевтинија за два денара! Наводно поради падот на цената на нафтата и нафтените деривати на светските пазари. Да, ама зошто падна цената на нафтата на светскиот пазар? Кога во земјите каде што има нафта ситуацијата е сè уште сложена и нестабилна? Затоа што во Скопје не се троши повеќе толку бензин. А не се троши затоа што по улиците не може повеќе да се вози. А не може да се вози, затоа што се раскопани.

Кога овдешните економски стратези ги сфатија светските ефекти од нивните ингениозни мерки, решија работата да ја продлабочат. Во буквална смисла на зборот. Имено, сега веќе асфалтираните улици уште еднаш се прекопуваат и така се зголемуваат бенефитите по светските економски текови.

Има тука уште некои финеси. Финансирањето на јавните работи добива нов квалитет, затоа што, за разлика од класичната теорија на Кејнс за вложување во јавните работи (инфраструктурата) како една од мерките за излегување од економската криза, во Скопје не се прават нови улици, туку веќе постоечките се преасфалтираат. Причината е едноставна, ако се прават нови улици, тогаш сообраќајот ќе може да се одвива релативно нормално, а кога тие ќе бидат направени, тогаш големи се шансите сообраќајот не само да не се намали, туку и да се зголеми. Тоа, пак, доведува до натамошен скок на потрошувачката на нафтата, што натаму има верижни последици и отворање можности за воени интервенции во другите арапски земји што произведуваат нафта. А новите интервенции доведуваат до непродуктивни трошоци и продлабочување на економската криза.

Ете, затоа е важно реформите да победат. Во вака идеално реформиран свет, сите улици ќе бидат раскопани, што не значи само сериозна заштеда на необновливите извори на енергија, односно заштеда на домашниот буџет, а со самото тоа и зголемување на стандардот на населението, туку значи и енормно зголемување на безбедноста на сообраќајот, намалување на емисијата на издувни гасови и запирање на ширењето на озонската дупка. Од социјално-социолошки аспект значи помиреност меѓу раскараните луѓе, затоа што никој никому нема да оди на гости, со што шансите да се зборува за пропадната политичка кариера на Бранко Црвенковски и перспективната политичка кариера на Никола Груевски се сведуваат на минимум.

Ако некоја улица и се промаши во сеопштото раскопување, тогаш на онаа што уште не почнала да се раскопува се прави митинг, и се добива истиот ефект. Во случај да стане пренапорно асфалтирањето на улиците 24/7, тогаш секогаш постои шанса Паско Кузман под тукушто наредениот асфалт да пронајде некоја црква, па наместо улицата уште еднаш да се асфалтира – да се претвори во археолошки локалитет. Ваквата солуција носи свои компаративни предности. Имено, на секоја пронајдена црква, според духот на Рамковниот договор, ќе се пронајде и соодветен број џамии (и обратно), така што ефектите веднаш се удвојуваат.

Во инфлацијата на историски датуми што буквално нè потопи, еден промашивме – Светскиот ден на виното. Додуша, истиот ден ВМРО-ДПМНЕ имаше голем митинг пред зградата на Владата, ама никој вино не спомна. Иако, да бидам искрен, се доби впечаток дека со тековното прашање на виното говорниците се бавеа непосредно пред митингот. Само како споредба, во Хрватска, на пример, на овој ден стотина винарии, само во Далмација, ги отворија вратите за бесплатна дегустација. Кај нас винарите се поумни луѓе – знаат дека во сеопштото пијанство додавање на некоја чашка вино плус може да делува катастрофално врз изборната кампања. Вака барем, со апстиненција, кампањата ни наликува како тешка фаза на делириум тременс – си ги пребројуваме белите глувци и халуцинираме сешто.

Како и цел нормален народ на оваа држава едвам чекам да помине тој историски 5 јуни. „Ова се твоите 5 минути“, ме убедува владеачката партија од платените политички реклами. И оттаму строго ме гледаат некои гримаси, кои додуша, не личат на мене, ама од некои причини се очекува да се идентификувам со нив. Излезе дека главните адути на овдешните политички елити се лузерите во општеството – оние што загубиле работа, семејство, здравје, пари... Никој, ама токму никој не излезе со некоја саксес стори - на пример, јас бев лузер во времето на СДСМ, а кога дојде Никола на власт, најдов млада жена, ме примија за амбасадор во Турција и отворив плус приватен бизнис. Вака излегува дека за овие 20 години како да не создадовме реално успешна приказна. Или можеби стварно не создадовме?

Тоа, конечно, го дава одговорот на прашањето од каде потребата од толку многу предвремени избори или од перманентната предизборна кампања што власта ја практикува откога е на власт. Само така ќе го оствариме пророштвото на Енди Ворхол и ќе ги проживееме нашите пет минути слава. Како тргнавме, секој од нас ќе излезе на телевизија и ќе се пожали како, кога и зошто му дошол извршител, како не можел да си набави лек во апотека, како шалтерскиот аждер не му дал извод од Матичната книга на родени, како го „заклале“ во АД „Бутел“... Не дека овие работи не се важни, ама навистина не знам зошто би требало да гласам за ВМРО-ДПМНЕ, ако тие до сега не успеале да ги „решат“ жртвите на транзицијата на Бранко Црвенковски.

Се разбира, има и други причини поради кои не можам да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Едните од нив се од хигиенска природа. Не ја измисливме ние реченицата дека власта е како долен веш. Ако не ја менуваш редовно, таа неминовно засмрдува. Проблемот, единствено, е со нашите хигиенски навики. Некако се навикнуваме на гаќите што ги носиме, како да се интимизираме со нив, како да стануваат дел од нас самите, па некако нивното отфрлање го сфаќаме лично, да не кажам трагично.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека е битно да се направи влада со силно мнозинство, се разбира, со нив на чело. Зошто? За да можат да распишат предвремени избори секогаш кога ќе им се кеифне.

Извор: globusmagazin.com.mk

ОкоБоли главаВицФото