Утопија

27.03.2012 10:00
Утопија

Македонија во не толку далечна иднина. Годината е 3912. Светот преживеа веќе неколку нуклеарни катастрофи и три-четири предвидувања од Маите. Поточно, преживеаја само некои специфични видови тавтабити, чудни микроби, неколку стотини Македонци и четворица шеици од Катар (конечен доказ дека луѓето од Катар се направени од македонски генетски материјал). Во Македонија, се разбира, на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Од сите жители, една четвртина се пратеници, две четвртини се во вработени во државната администрација, една шестина се судии, двајца се опозиционери, од кои едниот е во затвор, а остатокот се полицајци. Во општеството се води круцијалната дебата околу донесувањето на 8.765.894-тата верзија на законот за лустрација. Дебатата внимателно ја следи македонскиот премиер, кој се наоѓа на работна посета кај четирите шеици од Катар, убедувајќи ги дека Македонија е рај на земјата за инвестирање. Главната тема е, јасно, дали лустрацијата ќе се однесува за периодот до исчезнувањето на СДСМ или само до 2006 година.

Но, за тоа нека му ја мислат тавтабитите кои тогаш ќе останат за лустрирање. Тука се дигна голема врева за сонот на Мендух Тачи и Ермира Мехмети за Голема Албанија. Па, се пуштија луѓе да го повикуваат Јавниот обвинител, па закани со затвор, па медиумски линч... Не велам дека сонот на Тачи е добар или лош, како што не велам дека и сонот на оваа власт, која на Триумфалната капија, со држави пари, ја слика картата на Голема Македонија. Ама никој не го повикува Јавниот обвинител за тоа. Кога Албанците го истакнуваат знамето на Албанија, веднаш се палат мегафоните и се рецитира рефренот за непочитување на државното македонско знаме. Кога овдешните луѓе, заедно со функционерите, ќе застанат под непостоечкото знаме од Вергина, тоа тогаш не значи непочитување на државното знаме. Сакам да кажам дека во едно е Мендух Тачи во право – во тврдењето за постоење на два аршина. Меѓутоа, тие аршини не се применуваат по етничка основа, туку по основа на нормалноста. Лудилото, имено, владее.

Не знам како профункционира кампањата на Владата „Осмели се“, иако знам дека таа беше дефинитивно неопходна. Затоа што тука можат да преживеат не смелите, туку блесавите. Тие се безумно храбри. Како и да е, предвидувам дека следната кампања на Владата ќе го има слоганот: „Македонија во срцето, студ во коските, пајажина во џебовите“. Имено, ако сите се изненадуваат од снегот, ние тука се изненадуваме од пролетта. Тогаш стапува на сцена „Топлификација“. И иако секоја пролет „Топлификација“ излегува со прилично оригинални идеи за поскапување на парното греење, сепак генијалната идеја оние што се исклучиле во претходните четири години, сепак, да плаќаат топлотна енергија, а никој друг повеќе да не може да се исклучи, заслужува целосна почит и од најозлогласените монополисти во историјата на светот. За утеха на оние кои веќе се исклучени, а ќе плаќаат парно, служи констатацијата дека и оние кои не се исклучени исто толку се грејат како оние што се вклучени. То ест никако. За волја на вистината, идејата првин ја промовираше Владата со решението телевизиската претплата да се наплаќа преку Управата за јавни приходи и тоа без оглед дали имате телевизор или немате. А за такви дробности од типот дали воопшто го гледате јавниот сервис не смее ни да се расправа. Еве неколку идеи за натамошна употреба. На секое семејство да му се земаат пари за годишен одмор без оглед дали воопшто го користеле или го имале. Да се пресмета колку млеко треба да испие секој човек годишно и да му се земе половина од цената на млекото што не го испил. Да се наплати можноста за паркинг на сите што немаат автомобили. И така натаму. Во секој случај, не сум толку оригинален како што тоа можат да бидат оние што навистина ги земаат парите.

Сепак, ваквата политика има ефекти. Верувам дека децата во прво одделение на домашните работи на тема „Што сакам да бидам кога ќе пораснам“, одговараат со „Јас сакам да бидам АД ’Топлификација’“ или „Јас сакам да бидам ’Јавен сервис’“. Оние попаметните се определуваат за даночници, а останатите стануваат лустрирани.

Кабинетот на Претседателот на Републиката нарачал истражување на јавното мислење за рејтингот на Претседателот меѓу неговото стадо. И тоа некако изгледа вака: „Што мислите за политиките на претседателот Ѓорге Иванов наспроти политиките на претседателот Ѓорге Иванов?“ или: „На кое место би го рангирале Ѓорге Иванов во однос на Ѓорге Иванов“. Во таква една компаративна анализа повеќето од половината анкетирани имаат позитивно мислење на Претседателот, особено во однос на Претседателот. Уште повеќе мислат дека тој е чесен, особено ако се спореди со самиот себе. Не е ова нова компаративна техника во истражувањето на јавното мислење. Напротив. Прилично е испробана во овие краишта. Амди Бајрам, според истата анкетна технологија, има 102,3 проценти позитивни рзултати во Шуто Оризари. А, нема ли?

И покрај сето ова, новинарите секогаш реагираат со задоцнување. Ако воопшто и реагираат. Еве, сега ја најавија манифестацијата „Новинарите пеат“, а пропејаа уште пред многу години. За волја на вистината, денес подобро би им легнал некои попрозаичен настап од песна или, на пример, нешто како „Новинарите се сликаат“ или „Новинарите јадат бурек“ или „Новинарите се дерат“ итн. Ќе треба уште долго време да ја гледаме манифестацијата „Новинарите ја вршат својата работа“.

Она што е сега познато е дека тоа нема да се случи ниту во 3912 година. Тогаш ќе се донесе законот за лустрација.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртежи: Цезар Дел Вале

Колумнава (како и сите од

Колумнава (како и сите од „авторов“) треба да се наслови:

Што си мислеше мали Џокица додека мастурбираше читајќи ги весниците неделава.

Толкава вредност и отприлика имаат.

Ne samo Djokica tuku eden

Ne samo Djokica tuku eden nevideno negativen covek. Za zalenje si, osven sto mozes da sednes i da pisuvas nekoi scenaria po terkot na nekoi komercijalni americki gluposti vo koi Zemjata propagja i site ginat - samo malce smeni ja pricata pa neka bide deka Sorosoidite preziveale...najdobro ziveevte vo toa vreme, se' si dobivte, a i sega nisto ne vi fali...vo vase vreme za vakov napis letaa glavi a gledam vam nisto ne vi fali ete vo ovaa 'diktatura' jadnite tie...

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото