Орган

22.03.2012 10:52
Орган

Не знам како се случи медиумите да не обрнат доволно внимание на еден од клучните настани што се случи минатата недела. Премиерот Никола Груевски отвори пешачка патека во Дојран. И, велејќи дека со тоа ќе го ревитализира туризмот во ова македонско монденско туристичко летувалиште, практично ја најави новата туристичка стратегија на земјата: пешачење! Слоганот веќе е познат. Постојат повеќе предности на ваквата политика.

Прво, пешачењето е непроценливо за здравјето на нацијата и туристите, особено во периодот кога го арчиме најскапиот бензин во македонската историја (а како што е познато, македонската историја датира некаде од пред создавањето на Универзумот). Второ, пешачката патека се простира до граничниот премин со Грција, нашиот сосед од Европската Унија, што само ја покажува нашата решеност што побргу да влеземе во ЕУ, односно да го решиме проблемот со името, спроведувајќи ја многу пати докажаната тактика, позната под името „еден чекор напред, два назад“. Во таа насока се очекува, наместо толку долго поставуваната пруга, и кон другата земја –сосед, членка на ЕУ, да направиме една пешачка патека. И така целосно да ја докажеме нашата посветеност кон евро-атланското интегрирање.

Трето, сите видови пешачење, па и оние од типот на Маршот за мир, можат да влезат како своевидна туристичка атракција. Лично мислам дека појавата на претседателот на државата Ѓорге Иванов на Маршот за мир не беше најдобро сфатена од јавноста. Со оглед на неговиот став дека не чувствува потреба да ја врши својата работа во смисла на свикување на Советот за безбедност, неговото појавување на Маршот за мир не беше во функција на гулаб на мирот, иако некои други одлики на оваа чудна птица и не му се премногу туѓи, туку да ја промовира новата туристичка стратегија. Ваквиот заклучок се наметнува сам по себе.

Имено, веќе се најавуваат и политички и социјални марширања, па понудата може да биде прилично богата, иако турите, малку или повеќе, се познати – од Влада до Собрание, со задолжително разгледување на надворешноста на барокните згради и Триумфалната капија. На VIP гостите ќе ќе им биде овозможена и посета на Бихаќка. За оние кои се по екстремните спортови, предвидено е крстосување со двокатен автобус-панорама од Градското јавно сообраќајно претпријатие, после кое задолжително повторно се пешачи.

Ако веќе и нема гулаби на мирот, тогаш има врапчиња. Не знам зошто и како, ама по пресудата на Велија Рамковски некако сам од себе ми се враќа споменот на починатиот пратеник од првиот парламентарен состав на суверена Македонија Митко Атанасовски – Врапчето. Тој го доби својот прекар по една изјава дека дури и врапчињата на гранките ќе викаат „ВМРО, Македонија“. Како и сите генијалци и тој, не само што остана несфатен, туку беше и исмеван. Од денешен аспект гледано, врапчињата на гранките викаат „ВМРО-ДПМНЕ“, а кое ќе се спротивстави веднаш се елиминира. Во таа смисла, морам да му одадам признание на актуелниот премиер Никола Груевски, кој иако во тоа време беше само голобрадо момче, успеа да ја сфати далекусежноста на визијата на неговиот учител и гуру Митко Атанасовски. Велија, ете, тоа не успеа да го сфати.

Постои еден парадокс во македонскиот медиумски простор: медиумската индустрија е пред финансиски колапс, а се појавуваат нови медиуми. Некои велат дека овдешното новинарство сака да го избрише она што на големо го унередило. А за тоа, богами, потребно е многу хартија. Толку хартија што ќе се загади целата животна средина поради недостиг на дрвја. Телевизија „Алфа“ се оградува од ставовите на Васко Ефтов во неговата емисија, која патем речено е производ на независна продукција и не ја пушта во етер. Канал 5 се оградува од ставовите на Миленко Неделковски и неговата емисија, која исто така е производ на независна продукција, и го пушта во програмата. Значи, да не се разбераме погрешно, никако не сум да се симне емисијата на Неделковски, зашто ако и неа ја снема, забавно-хумористичната програма на македонските телевизии ќе се сведе само на Дневникот на Сител, а тоа е премалку за еден пасиониран просечен македонски телевизиски гледач.

Хрватскиот премиер бил на Виенскиот валц. Нашиот не успеа да допешачи до Виена. Сè уште немаме инсталирано пешачка патека дотаму. Затоа во Скопје се одржа Виенски валц. Во Виена се појави Бригит Нилсен, а кај нас ниту Благица Павловска. Затоа веројатно не дојде ниту премиерот.

Истражувањата покажуваат дека должината на машкиот полов орган во светски рамки во просек се смалила за еден сантиметар. Во согласност со традицијата, искрено верувам дека сме предводници и во овој светски тренд. Ако половите органи ни се намалуваат, тогаш другите органи ни растат.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрација: Ники Росато

Jas ochekuvav deka kje se

Jas ochekuvav deka kje se otkazhesh od pushenje vo znak na protest protiv marshot za mir, ama ti se reshi za diskonektirana, non-sequitur kolumna. Izgleda prorabotuva sovesta, ama ne smee da se talasa do penziichka.

Ѕвездане, гулабе бели, кај

Ѕвездане, гулабе бели, кај има поголем гулаб од тебе.

ОкоБоли главаВицФото