Епот за Груевски и разговорот со Стив Наумов

23.06.2012 13:39
Епот за Груевски и разговорот со Стив Наумов

За Груевски се напиша новела која за основа го има митот за Одисеј. Тој е маченикот на 21 век – дваесет години води битка за да го сочува името Македонија. Се мачи, страда, но не се предава. Исто како и Одисеј, и Груевски мора да се симне во Ад. Но, наместо кај Ахил, тој оди кај Стефан Наумов-Стив. Тоа им е прва средба, бидејќи, нели, Груевски е помлад 50 години, а Стив Наумов го напуштил земскиот свет на 22 години, пред точно седум децении. Стив, за жал, во Адот немал никакви информации. Груевски е тој што морал многу да зборува.

„Ти си македонски премиер!? Постои македонска држава!? Не сме веќе Срби, Бугари, Грци...?“

„Да, да, таа битка ја добивме, но борбата за Македонија никогаш не престанала!“

„Ех, да можам да помогнам...“

„Па, можеш Стив...“

„Како? Кажи!“

„Стив, ти си симболот на жртвата, поточно на саможртвата. Ние те славиме поради тоа. Ама, сега, таква е ситуацијата, од тебе барам одново да се жртвуваш...“

Јас, како еден од ретките кој ја имаше таа привилегија да ја прочитам новелата „Одисеја 2012“ (што не значи дека таков ќе биде и конечниот назив), можам да посведочам дека Груевски долго и исцрпно му говорел на Стив за Македонија во втората половина на 20 век, при што најобјективно му ги претставил работите, онака какви што биле. Завршниот дел од разговорот, многу е сличен на анализата на Нетпрес, што јас ја слушнав на МТВ и на Канал 5 деновиве, а верувам и поголем дел од јавноста, па затоа и нема потреба да објаснувам зошто улицата Стив Наумов ќе се преименува во Филип Втори Македонски. Заради авторските права што ги откупи Раде Силјан нема да ви го откријам крајот на разговорот, бидејќи новелата за новековниот еп ќе се појави набрзо во книжарниците. Но, како што вели и издавачот, авторот на новелата водел сметка Груевски најточно и најверодостојно да ги сочува пораките од Стив Наумов.

Сепак, мојата задача, како хроничар на нашето време, не завршува само со вакви значајни и големи културни случувања кои, несомнено, ја исполнуваат душата и го крепат духот, бидејќи ќе ја збогатат нашата книжевност – и жанровски, и естетски. Како тече времето, полека откривам дека станувам хроничар и на животот на еден мој драг пријател. Прекрасна личност, блескав ум, но, се плашам, нешто трагично и нешто злокобно се надвиснува над него. Малку е да се каже дека тој денес изгледа како несреќна свест, како скршен човек. Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, го немам видено да се насмее, да се израдува. Саде црнила и мрачни мисли му се вртат низ главата. Оттука, ми се стори згодно да му го свртам вниманието од политиката и да поразговараме за убавото, за литературата, за трајните вредности. Како по обичај, содржината од разговорот го забележав. Еве, што сум сочувал.

„Нели е фасцинантно“, започнав јас, „кога фантастичните и митските случувања ќе се сведат на психолошко можното, а со доградба на фабулата и со вметнување на детали, приказната ќе стане веродостојна? Дали се согласуваш дека на тој начин се добива дело со извонредна сила благодарение токму на иронијата и на пародијата?“

„Ти ми зборуваш“, рече пријателот, „за испробани техники, стари барем деведесет години“.

„Точно!“, констатирав јас. „Томас Ман е мајсторот во тоа. Од него писателите можат да учат како митовите и легендите треба да се разбиваат, како треба да се користи иронијата“.

„Да, ама Томас Ман не случајно рекол дека самата иронија не е способна за живот. Животот бара да го земеме сериозно; уметноста – исто така“, кажа пријателот и запали цигара. Откако повлече дим, продолжи: „Иронијата, само по себе е недоволна за да ѝ одолееме на стварноста“.

„Но, за луѓето на духот, за вистинските естети, иронинијата и пародијата се единствените алатки за да се одбранат високите духовни и етички вредности, посебно во тешките времиња“ – продолжив јас со своите добропознати естетски тези.

Во тој момент, лицето на пријателот одново се смрачи, па студено додаде: „Варварството не се победува со иронија, драг пријателу. Се знае како треба да се војува со новите варвари. Освен тоа, ти забораваш на главната поента: Томас Ман не се свртил кон митот затоа што му здосадило да се занимава со граѓанско-индивидуалното, па почнал да се занимава со типичното, општото, со вечното. За него митот станал важен кога сфатил дека тој треба да се преземе од мрачните сили, од новите варвари... Но, малку задоцнил со тоа. И тој и сите други естети во тогашна Германија.“

„Но, Ман не бил само голем уметник, туку бил и голем борец, хуманист...“, го прекинав искажувањето на пријателот.

„Подобро е да не се расфрламе со големи зборови“, продолжи тој. „Според мене, Ман дал добра дијагноза за преломот кај Германците. Која е неговата поента? Трагедијата е во тоа што образуваната германска класа повлекла двојна црта помеѓу духот и животот, помеѓу филозофијата и политичката стварност. Тоа е кобната грешка, кога од позиција на апсолутна култура, презриво го спуштиле погледот кон сферата на социјалното и политичкото. Тоа е главната причина за уништување на граѓанскиот дух...“

„Ти го сведуваш Томан Ман на политичко рамниште“, реков јас, свесен дека натамошната дискусија ќе заплови во политички води.

„Види“, продолжи пријателот, „не треба да бидеш Томас Ман, не треба да си генијалец, за да разбереш дека една нација е опчинета со митовите. А тоа е првиот знак за лудилото.“

Тука посакував да го прекинеме разговорот, бидејќи, почувствував колку е тој возбуден. Но, не вредеше.

„Ти сакаш да зборуваме за иронија, за пародија, за метафички хумор, а не сфаќаш, дека сме потонати во митологија! Ние сме затрупани со митолошкото ѓубре! Она што се случува денес, веќе утре станува мит. Ќе ме прашаш како? Па, многу просто – оваа власт стана машина за производство на митови, таа ти кажува што е бело, а што е црно, што е вистина, а што е лага, што е разумно, а што е ирационално, иако, токму ирационалноста е основата на се...

„Ничеански дух...“, го прекинав на кратко.

„Ма, тоа се глупости!“, викна тој. „Слушај, да не се залажуваме и да не ги естетизираме работите. Далеку сме ние од тоа дека Шопенхауер и Ниче превладеале на сметка на Гете, Кант, Хегел... Нам не требаат такви глупави споредби! Кога веќе го споменувавме Ман, вреди да се каже само тоа дека секој народ мора да си даде дијагноза за својата болест. Мојата теорија изгледа проста, сурово едноставна: кај нас победи варварството, кај нас митот загосподари со луѓето не поради некоја интелектуална екслузивност или супериорност, не поради превласт на некое интелектуално начело. Напротив, токму обратното! Оваа власт го активираше она скриеното, она длабоко потиснатото, а тоа, преведено во секојдневниот живот, па дури и како политички став, може да се изрази вака: Какво фајде има човек од умот, од паметта, од размислувањето!? Важно е да се биде ербап, нешто да се грабне и тоа да се сочува!? А умните? Кај се тие? Или се без работа, или се набутани во ќош!“

Што кажа пријателот во продолжение и не вреди да се пренесе. Неговиот говор премина во политички дискурс, да се изразам трендовски, а јас како човек на убавите уметности, не сум многу за такви разговори. Но, го ислушав без да го дразнам со некои естетски позиции, како што тој знае да ми каже. Сепак, ми беше жал што не успеав да му ги отргнам мислите од тешките и мачни теми. Како и да е, повеќе од сигурен сум дека мојот драг пријател нема да се појави на промоцијата на „Одисеја 2012“.

Се поздравивме и јас тргнав по темната и раскопана улица.

Но, како се викаше оваа улица? И нејзе ѝ го сменија името?

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Jaime Treadwell

ОкоБоли главаВицФото