Маратон

08.05.2012 10:43
Маратон

Постои една анегдота, според која, наводно, по ослободувањето, односно по Втората светска војна, во Кавадарци од Скопје дошол висок претставник на тогашниот Централен комитет на Партијата. Тој пред политичкиот актив на градот одржал предавање за нужноста од одумирањето на државата. Кога по предавањето дошло ред за поставување прашања, присутните го прашале високиот гостин каде се училиштата, патиштата, фабриките што власта ги ветувала. На тоа реагирал локалниот претставник на Партијата: „Како не ви е срам! Не гледате, државата ни умира, а вие сте запнале за некакви улици и училишта“.

Како што историјата се повторува како фарса, кај нас оваа анегдота се повторува како лоша пародија. Имено, денес кога државата навистина ни умира, ако прашате зошто тоа се случува, веднаш ќе ви биде затната устата со слична реакција: „Како не ви е срам. Не гледате што згради и споменици се направија, што дрва се засадија, вие уште прашувате за умирањето на државата“.

Министерката Јанкуловска, во познатата сцена „портрет на МВР со дама“, славодобитно објави дека се приведени 20 осомничени за тероризам, меѓу кои се наоѓаат и искусни борци против силите на НАТО во Авганистан и Пакистан, со што е растурена една меѓународна терористичка ќелија. И што се случи од тогаш? Не пристигнаа никакви честитки ни од САД, која се третира како меѓународен предводник на борбата против тероризмот, ниту од која било друга земја. Ниту во агендата на посетата на комесарот за проширување на Европската комисија не се споменува големиот успех на македонската полиција. Партијата на власт се занимава со сопствените „бранувања“, а ДУИ тврди дека молчењето е злато. Претседателот Ѓорѓе Иванов, јасно, не почуствува потреба да свика седница на Советот за безбедност. Дури и самата министерка изјави дека злосторството во Смилковци брутално нè потсетува во каква реалност живееме. Тоа имплицира дека македонската реалност е – тероризмот. Само не кажува министерката кој ја креира сегашната македонска стварност.

Претпоставка е, значи, барем според ракциите на таканаречените фактори, дека во Македонија секој ден се раскринкува по некоја терористичка ќелија, па нема никаква потреба од реакција. Ако никој нема потреба да објасни за што всушност станува збор, партијата на власт, ете, има потреба да објасни кои луѓе биле непроменливи во опозицијата во изминатите две децении и зошто ВМРО-ДПМНЕ има потреба да ги менува луѓето, па затоа медиумите ни се преполни со платени политички огласи на оваа тема. Парламентот, се разбира, има поважна работа. Не е тоа ребалансот на буџетот, тоа се јаловите дискусии околу тоа кој, кога и како украл повеќе пари.

Не знам дали оној полит-комесар од славната посета на Кавадарци ги имал токму овие процеси предвид кога го предвидувал одумирањето на државата, ама неговото пророштво денес се реализира и тоа токму така – како фарса. Со три тажни врби во Вардар.

Македонија пак падна за некое место на скалата на слободните земји. Ова станува веќе здодевно. Би требало да се организира некоја петиција до „Фридом хаус“ да ја скрати листата на некои стотина земји, па да не ги отвораме истите теми секој 3 мај. Значи, на денот на слободата на медиумите (и годишнината откога на „Глобус“ му беше оневозможено да излегува како печатено издание), ние овде секогаш се исчудуваме како е можно Македонија да падне толку ниско во практикувањето на медиумската слобода, а со самото тоа и на слободата воопшто. Своевремено, симболично на Денот на жената, на 8 март, во поголемите фирми, како знак на добра волја кон родовата еднаквост, големите фирми на еден ден ставаа жени на високи функции. Денес, предлагам, на секој 3 мај, судовите да досудуваат ослободителни пресуди за новинарите, а министрите да ги даваат одговорите на сите прашања што ќе им бидат поставени. Во другите денови од годината и онака никому не му е грижа за ништо.

Не ми е јасно зошто некои денови во годината добиваат специјален третман, а некои не. Претседателот на државата најде време на 30 април, Меѓународниот ден на џезот, да прими делегација на македонски џез-музичари. На 6 мај, Меѓународниот ден на армониката, не прими никого. А армониката, го признавале вие тоа или не и без оглед на сè, некако ни е поблиска отколку џезот. Добро, ни џезот не ни е премногу туѓ, особено оној значаен дел врзан за импровизациите, ама растегливоста на армониката многу повеќе му прилега на нашиот национален карактер, а особено на нашиот идентитет.

Има, се разбира, и други објаснувања за сето она што ни се случува. Ако за миг ги заборавиме светската економска криза и глобалното затоплување, секогаш од ракав можеме да ја извадиме – полната месечина. Македонците, или барем скопјаните, беа многу повозбудени гледајќи ја онаа огромна месечина на скопското небо, отколку гледајќи ја Јанкуловска на телевизија. И имаа причина за тоа. Од месечината зависат плимите и осеките, од нејзиниот циклус зависи расположението на жените, од нејзината полнотија зависи излегувањето на вампирите во јавноста, а од Јанкуловска, како што може да се забележи, не зависи ниту тоа што дома кај неа ручаат, а камоли редот и мирот во земјата.

Во Скопје се одржа уште една маратонска трка. Очигледно е дека маратонот станува спортска гранка број 1 во државата. Трае долго, те исцрпува и измрцварува во секој поглед. А на крајот те лажат дека најголема победа е што си успеал да издржиш до крај. А тоа ти го велат оние кои седат под сенка, со пиво во раката, и уживаат во твојата мака.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Карлос Донхуан

Нема што да се соопштува

Нема што да се соопштува мислење или партиска линија од „горе“. Се` ќе стане јасно на судењето. Или ти копнееш по мислење?

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото