1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Генерацијата на моите родители им велеше на своите деца: „Деца, завршете факултет за да не работите ништо!“. Нивните деца на своите деца им велеа: „Завршете факултет за да се вработите!“. Сегашните генерации, пак, им велат на своите деца: „Завршете факултет за да станете членови на Партијата!“. А ако станете членови на Партијата, тогаш... Значи, не е доволно денес да бидеш само стручен, туку треба да имаш и – членска книшка. Кога своевремено партијата на власт го лансираше спотот дека стоте најдобри студенти на македонските универзитети добиле партиски членски книшки (тоа, белким, како награда за вредното учење), можеше да се помисли дека станува збор за уште една од многубројните незграпности во медиумската еуфорија, која веќе шеста година ја дрма власта. Денес е јасно дека бранот ја однесе шегата.
Ја забележа ли некој таа опсесивност кон чистење и прочистување на сегашните властодршци, а со самото тоа и на целото македонско општество? Колку години веќе се обидуваат да го прочистат општеството од гнилите елементи (лустрација), па одеднаш се прочистија иконите во „Свети Димитрија“, за денес да се прочистува и самата партија на власт. Веројатно постои некакво психолошко, а можеби и психијатриско објаснување за ова патолошко инсистирање на прочистувањето. Она што за семантичарите и семиотичарите е интересно, тоа е прашањето зошто прочистувањето на ВМРО-ДПМНЕ се нарекува „нов бран“. Злобниците велат дека терминот „бран“ е кратенка од името на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, зашто, конечно, не е тајна и опседнатоста на владеачката партија со ликот и делото на овој политичар. Бран-ко цунами, што би се рекло. Нов бран, во таа смисла, би можел да се преведе и како „Бранко после Бранко“.
Дека овие психоаналитички разглобувања и не се сосема без смисла потвруваат медиумите. Просто е неверојатно со каков ентузијазам информираат за „проветрувањата“ во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во селото Горна Гаштаница или за смената на директорот на јавното претпријатие за водовод и канализација во Мала Црешовница. Постарите велат дека такво медиумско значење не му било дадено ни на она славно писмо на Тито од 1971 година, кога доаѓа до големи чистки во тогашната единствена партија што беше и на власт и во опозиција, истовремено. Во тие времиња, од диктатурата на пролетеријатот се создаде наводен плурализам во едно широко движење, наречено ССРН (Социјалистички сојуз на работниот народ), чии горди наследници денес се луѓето од Социјалистичката партија на Ѕинго која, се разбира, во согласност со своите традиции, е член од големата коалиција на чело со Партијата.
И што значи тој „нов бран“? Подмладување на партиските кадри. Апсолутно можам да замислам со што ќе ги подмладат Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски. Белким со некои бебиња од јасли. Па, луѓето едвај почнаа да се бричат и веќе престареа. Кога сме веќе кај Миле Јанакиевски за кого, нели, како ветеран со нецели 30 години, веќе се зборува дека ќе биде една од жртвите на „новите политики“, симптоматичен е неговиот одговор дали ќе стане амбасадор. Времето ќе покаже, вели Јанакиевски. Премиерот Груевски, пак, оправдувајќи го потегот на проветрувањето на партиските редови, вели дека времето ќе покаже дали е ова добар или лош потег. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска се надева дека времето ќе покаже кој ги уби оние јадни деца кај Железарското езеро. Ако, пак, излезе дека времето не е наша страна, тогаш ќе направиме ребаланс на времето. Ќе позајмиме уште време од иднината, што идните генерации ќе мораат да го враќаат. Како и да е, времето е спасоносна формула. Времето ќе покаже дали е добро што денес сум зел кредит, дали ќе добијам на лото и дали ќе се појави некој вујко од Америка, кој конечно ќе ми ги реши сите финансиски проблеми во животот.
Што се однесува до мене, името „нов бран“ никако не одговара за проветрувањето на партијата. За почеток, Република Македонија нема море, па не може да очекува никакви ефекти ниту од бури, ниту од цунамија, а најмалку од бранови. Второ, зошто нешто што во суштина е „проветрување“ би се нарекувало „нов бран“. Повеќе би му дал име на неко ветер, некој божествен ветер. На пример, „камиказе“, што во превод значи токму тоа – божествен ветер. А како се спроведува, и премногу личи на сите асоцијации што ова име ги има.
Феноменот на претворање на партија во движење не е нов. Последниот таков случај беше токму комунизмот, кога Комунистичката партија имаше аспирации да го стопи целото општество во себе. Еднаквоста меѓу партијата и државата е синоним за сите тоталитарни општества. Она што го покажува добрата политичка пракса е токму обратното: претворање на движење во партија... Од полски „Солидарност“ сè до македонското „Достоинство“. Од ХДЗ во Хрватска до МААК во Македонија. И зошто една партија би требала да прерасне во движење? Зошто една политичка (и идеолошка) елита, што партијата по дефиниција е, би требало да се разводни во таканаречените „широки народни маси“. Само за да ги контролира, се разбира.
Она што во дневно-политичкиот жаргон се нарекува движење, барем онака како што го замислува тоа партијата на власт, ги има сите својства на диносаурус: огромна маса, а малку мозок. Гломазно, бавно и пасе трева.
Зашто, ако сакаме да бидеме прецизни, сè е движење. И ползењето е движење.
Извор: globusmagazin.com.mk
Инсталации: Хенрик Оливеира
Ѕвездане, се` подосаден
Испратено на 02 мај 2012 од ЧитателЅвездане, се` подосаден стануваш. Едвај те дочитав.