Создавање совршен хаос

28.06.2011 12:39
Создавање совршен хаос

За историјата на архитектурата од времето на Втората светска војна се зборува многу ретко и многу малку. На сите добро им е познат Алберт Шпер, човекот кој речиси робовски ги спроведувал мегаломанските архитектонски фантазии на Хитлер, а добро е познато и бегството на Мие Ван Дер Рое во Чикаго... Меѓутоа, другите имиња со текот на времето се изгубија заедно со непопуларниот и одбивен период во кои создаваа.

Архитектура во униформа: Проектирањето и изградбата во текот на Втората светска војна“ е насловот на изложба отворена во канадскиот центар за архитектура во Монтреал, а може да се погледне од 13 април до 18 септември. Изложбата прикажува низа проекти од периодот меѓу 1937-1945 година. Или, погледнато според настаните, периодот од германското бомбардирање на шпанскиот град Герника до јапонското предавање по американското бомбардирање на Хирошима и на Нагасаки. Многу од тие проекти речиси се непознати за јавноста, некои се изрази на чист идеализам, други на неверојатниот цинизам и на военото дивјаштво. По оваа изложба секој ќе се запраша за улогата која ја одиграа архитектите во еден од најубиствените и најдеструктивните периоди во човечката историја.

Кустосот Жан-Луј Коен исполнува важна историска празнина истражувајќи ја работата и достигнувањата на архитектите и дизајнерите активни за време на Втората светска војна. Преку политички борбената линија покажува како војната служела како акцелератор на технолошките иновации и производството, кои, пак, на некој начин ќе доведат до надмоќ на модернизмот во архитектурата.

Иако многу архитекти биле повикани да служат како активни борци, други биле во состојба да ја продолжат својата професионална работа во служба на засиленото индустриско производство. Војната го црпела секој атом архитектонска стручност и довела до значаен развој на дизајнот, иновации и напредок во технологијата и во производството. Како резултат на тоа, архитектите станале стратешки неопходни како инженери и научници кои исклучително придонесуваат за своите земји зафатени од војна.

Војната е процес на трансформација која ги вклучува сите компоненти на архитектурата во нејзината мобилизација. Архитектурата стана милитаризирана област во потрага по новото со цел да се задоволат потребите на военото производство. Настануваат нови материјали кои се произведуваат на нови начини и нови технологии кои требаше да се искористат на сосема нови начини“, ја објаснува воената архитектура Шелдон Х. Солоу, историчар на архитектурата од Универзитетот во Њујорк.

Изложбата е поставена по тематски, а не хронолошки распоред, додека ѕидовите на галеријата се обоени со нијанси на сива која буквално го цитира исклучувањето на која било боја или живост во тоа страшно време. Посебно внимание е посветено на четирите мегапроекти кои ја обликуваа војната и иднината на архитектонската струка: Аушвиц (претставен е исклучиво како градба без какви било назнаки за неговите несреќни жртви), Пентагон (симбол на американската воена машинерија), фабриката во Оак Риџ во Тенеси (местото каде што е произведена атомската бомба) и Пенемунд (нацистички ракетен производствен објект).

Архитектите во тоа време имале сосема поинакви проблеми, на пример, како да проектираат зграда која е поотпорна на бомбардирање, како да изградат непробоен бункер, фабрика која ќе работи со максимален капацитет, а начинот на кои доаѓале до овие решенија зависел од делот на светот во кој настанувале: Франција, Германија, Англија, Русија...

Во времето кога немало бомби на наведување, очила за гледање во ноќни или темни услови, ГПС системи... пилотите се ориентирале според светлото на градовите, обликот на реките и на планините. Изложбата ја прикажува и целата машинерија ангажирана за изградба на лажни градови за измамување на непријателот. Така Русите изградиле лажен Кремљ, Американците ги искористиле холивудските дизајнери за да ги скријат стратешките фабрики со лажни градини и паркови...

Германците по сојузничките бомбардирања своите фабрики ги преселиле по земја, така што специјалното, подземно проектирање го довеле до совршенство. Создадени се мали подземни градови кои функционирале според познатата германска прецизност, а со подвижни ленти целиот систем бил одлично поврзан со подземните возови.

Дека во военото време навистина ништо не било препуштено на случајот покажува изградбата на злогласниот логор Аушвиц, која е испланирана до најситни детали. Секој квадратен метар во логорот е внимателно испланиран. Така на секој затвореник му биле доделени три квадратни метри, што било 1/10 од стандардниот простор во тоа време. Архитектите кои го проектирале Аушвиц биле школувани во најдобрите германски школи.

Оваа изложба ја прави толку фасцинантна и фактот што многу креативна енергија била вложена во изградба на инфраструктурата наменета за едно од најголемите светски зла.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото