Минатото под прашање (2)

04.08.2011 16:34
Минатото под прашање (2)

Како граѓани на новата Народна Република Македонија во 1944 година, влашките жители на Крушево, со своите спомени за богатството создадено низ претприемништво, не биле ниту прави „Македонци“ ниту целосно „социјалисти“. Сепак, нивниот град си го пробивал патот кон центарот на новата национална историја, бидејќи Илинденското востание и Крушевскиот манифест биле вложени во неа со социјалистичко и југословенско значење. Во 1991 година, кога Република Македонија го прогласи својот суверенитет и се откажа од социјалистичкиот и југословенскиот пат, Крушево ја задржа својата водечка улога во комеморативните практики на земјата. Крушевскиот манифест и крушевскиот споменик од 1974 година, двата обликувани како ризници на социјалистичко значење, набрзина беа преименувани во национални богатства. И во двата момента се чини дека крушевчани успешно се растовариле од едно несоодветно минато и успеале да се договорат за односите на нивниот град со Македонија, Југославија и светот пошироко. Како го постигнале тоа и какво влијание во секој од тие наврати имале сеќавањето, политиката и идентитетот, се двете прашања со кои се занимава оваа книга.

На крајот, треба да кажеме нешто за севкупните импликации од третирањето на македонското минато како берковски разговор. Не само што денешните учесници во разговорот заборавиле кога тој започнал, тие не можат ни да замислат како ли ќе заврши. Поради тоа е јалов секој обид да се остане надвор од дебатата, да се откријат нејзините контури и да се дојде до цврсти заклучоци. Разговорот продолжува и, сакале или не, секој иден преглед е опфатен од него и се претвора во само уште еден прилог. Од таа гледна точка, судбината на кој и да е прилог е неизвесна.

Таканареченото Македонско прашање, за кое се говори во второто поглавје, трае долго и последниве години доживува драматични пресврти. Во 1990-тите, кога една соседна земја ја искористи својата политичка и економска моќ против новата република, испливаа грчките димензии на прашањето; во 2001 година, кога Републиката ја загрози вооружен бунт на нејзина територија, на врвот од агендата се искачи прашањето на албанското самоопределување. Се чини дека таквите брзи и суштествени пресврти во темата на разговорот, поттикнати од употребата на сила во светот, можат да ја направат оваа студија, која е сосредоточена на влашкиот град Крушево и неговото минато, нерелевантна. Но, пред сто години, Крушево било во пламен. Десет години подоцна, жителите сè уште им се одмаздувале на своите соседи, а десет години потоа имало луѓе кои сè уште бегале за да ја избегнат државната репресија. Оттогаш наваму, градската заедница работи на тоа од насилното и расцепкано минато да создаде богато исткаено чувство за историски идентитет. Па затоа ја нудам оваа студија со надеж дека во некој разговор, некаде, луѓето можеби сè уште се заинтересирани да видат како се случило тоа.

Методи и извори: етнографијата на историјата

Се надевам дека овој увод ја појаснува идејата на книгава. Сосредоточеноста врз разговор за минатото претставува обид да се одговори на посебните предизвици поставени со проучувањето на Крушево. Тоа е македонски и влашки град, но неговите денешни жители не се согласуваат секогаш во врска со значењето на тие зборови. Порано бил грчки град, како и бугарски град, а запишаните траги оставени од тоа време покажуваат дека и тие претензии биле жестоко оспорувани. Во таа смисла, би можело да се рече, градот е сличен на многу заедници на јужниот Балкан, каде што пошироките спорови во врска со териториите и идентитетите се интерпретираат со локални идиоми. Кога живеев во градот во 1993 година, слушнав еден Влав на 30-годишна возраст како ги критикува „влашките екстремисти“ кои создаваат потенцијален расцеп со инсистирањето влашкиот јазик да се користи во мешани друштва. Еден стар човек, метејќи догорчиња во дворот на една црква, ги обвинуваше дојденците од селата - кои ги нарекуваше Македонци, а не Власи - за загадување на градот. Сигурен сум дека такви коментари се прават и денес.

Уште нешто што го прави Крушево посебно е зачудувачкото внимание што неговото минато го добило од луѓе надвор од градот, особено по 1944 година. Посебно, настаните во градот од 1903 година произвеле милиони зборови, главно на македонски и бугарски, но исто така и на османски и модерен турски, грчки, влашки, романски, српско-хрватски, француски, германски, руски и англиски јазик. Некои се напишани додека се одвивале настаните, некои по неколку дена или месеци, а, пак, други по неколку генерации. Луѓето пишувале обидувајќи се да ги евоцираат или да ги објаснат, да ги споредат со други настани или да ги коригираат погрешните аналогии, да поттикнат или да смират, да исполнат очекувања или да добијат предност. Новинари, политичари, научници, поети, драмски писатели, романсиери, бирократи, побарувачи на пензија, студенти и ученици на различни далечини од градот и времето - сите ја раскажуваат приказната за Крушево од 1903.

Кога пристигнав во Скопје во април 1992 година за да го истражувам местото на Крушево во македонската национална историја, имав малку чувство за мноштвото зборови што веќе се беа насобрале. Моите домаќини од Институтот за национална историја, сите професионални историчари, ме испратија во библиотеката, убедувајќи ме дека нема никаква смисла да го посетувам Крушево пред да ја совладам литературата. Со желба да ја сочувам врската, ги послушав. Се разбира, си помислив, познавањето на претходните дела ќе биде непроценливо, и неколку месеци ги поминав деновите пополнувајќи индексни картички со референции. Надвор од работното време се дружев со Македонци на моја возраст и ги совладував секојдневните нешта врзани за животот во една држава со неизвесна иднина. Многумина од оние кои ги запознав го сметаа мојот интерес за Крушево апсурден и застарен и ме охрабруваа да ја посветам мојата енергија на истражување на секојдневниот живот на Македонците и на политичките игри што се водеа на меѓународно ниво. Сегашноста, ми велеа, е време од историско значење.

Талкајќи по надуената проза на историчарите обучени на југословенски начин, почнав да ја согледувам вредноста на оваа сугестија. Ме спаси интервенцијата на една заедница со поинаква перспектива за тоа како да се дојде до минатото: архивистите. Веќе чекав дозвола за пристап до документите на Јордан Грабул, авторот на првиот илинденски споменик. Тогаш еден пријателски расположен архивист го потсети мојот ментор за постоењето на Илинденското досие, фонд од повеќе од две илјади молби за пензија според програмата спроведена во годините меѓу 1948 и 1953. Во секое досие имаше кратка автобиографија напишана од подносителот на молбата како поддршка за неговиот случај. Таму, ми рече тој, а не во бајатите и идеолошки напишани дела од социјалистичкиот период, ќе најдам локални гласови и необработен материјал кои би можел да ги искористам. Ме убеди и набргу ми беше дадена дозволата. Три месеци во 1993 година, а потоа и при една пократка посета во 2000 година, навлегов во еден друг свет. Во слабо осветлената соба, каде што придружници честопати ми беа луѓе кои бараа докази за сопственоста, која сега требаше да им се врати на сопствениците од периодот пред Југославија, по патеките на сеќавањето за османскиот период следев стари мажи и жени, од кои многумина веќе одамна беа мртви.

Сепак, гласовите на пријателите и познајниците во Скопје ме предупредуваа да внимавам на она што се случува околу мене. Еден од настаните кој ми помогна да ја определам мојата насока беше воспоставувањето на новата македонска валута, денарот, и печатењето нови привремени банкноти, или бонови,на 27 април 1992 година. Крушевскиот споменик „Илинден“ беше нацртан на банкнотите од сите вредности, од десет денари,па сè до десет илјади. Кога боновите беа заменети со нови банкноти во 1993 година, сликата на споменикот беше употребена како воден жиг за автентичност, за да се разликуваат вистинските македонски банкноти од фалсификуваните. Во клучниот период на транзиција, едно делче од Крушево се дистрибуираше низ целата република, поминувајќи секојдневно низ многу раце во рамките на новообележаната национална територија. Ова мора нешто да значи, си помислив, и тоа им го кажав на оние што му се потсмеваа на моето интересирање за градот.

Иако се чувствував охрабрен секогаш кога плаќав, сепак имав чувство дека таму дома, на Универзитетот во Чикаго, моите постари колеги нема да ја сметаат сликата на банкнотите како доволен доказ за релевантноста на минатото на Крушево за современа Македонија. Па така, и покрај благото несогласување на историчарите, архивистите и пријателите од Скопје, најпосле, во почетокот на 1993 година, се преселив во Крушево. По првичната резервираност - делумно и поради стравот што го усвоив ставот и однесувањето на скопјани - мојот проект беше прифатен од заедницата со силно чувство за поврзаност со минатото и за каприциозноста на историјата. Деца и возрасни ме носеа да се среќавам со родители и со баби и дедовци кои ги одржале семејните врски, а кои живееја, а понекогаш и работеа, во маалата што ги знаеја и во чие зачувување учествуваа половина век или повеќе. Во малите дуќани во центарот на градот и во разни домови, некои од нив мали и со едноставна покуќнина, а други со остатоци од некогашниот сјај, една генерација стари мажи и жени раскажуваа за нивните животи во Крушево. Зборуваа за додворувањата и за венчавките, за работните услови, за разонодите и за класните и етничките односи, а нивните различни прикази отсликуваа една заедница кај што остатоците од сеќавањето на настаните од 1903 година беа поделени и многу поразлични од она што би можела да го сугерира која и да е национална нарација.

Мојот престој во Крушево кулминираше со моето набљудување, но и вклучување во подготовките на прославата на Илинден во 1993 година, кога Претседателот на Републиката, Киро Глигоров, дојде во градот за да оддаде признание за местото на градот во историјата. Неговиот говор, кој го пренесоа сите македонски средства за информирање, и еден академски симпозиум претставуваа надополнување на ризницата зборови за настаните во Крушево во 1903. И јас го дадов својот прв придонес со еден коавторски текст во кој наследството на Илинден беше третирано како пример за „измислувањето традиција“, промовирано од Хобсбаум и Ренџер (Hobsbawm and Ranger 1983). Текстот беше објавен во еден неделник и предизвика лутина и незадоволство кај многумина професионални историчари, како и кај некои граѓани на Крушево. Некои љубезно некои нељубезно, тие ми сугерираа да направам дополнителни истражувања.

Оваа книга е комбинација на истражувањето - историско, архивско и етнографско - од времето пред и по август 1993 година. Додека читав, слушав и размислував, станував с¢ понесигурен за одвивањето и значењето на настаните од 1903 година, и сè посвесен за огромната, несовладлива планина од постојни податоци. Нејзините контури се менуваат секојдневно: како некој пензионер ќе умре во Крушево, така некој некаде додава уште едно поглавје во историјата на градот. Променливите политички и економски услови на Република Македонија уште повеќе го усложнуваат проблемот, додека загриженоста за иднината ги принудува луѓето да претураат по минатото во потрага по докази за статусот или по поуки кои одговараат на нивните сегашни потреби.


Во овој контекст, впуштањето во единствена синтетичка нарација за настаните во Крушево во 1903 година, би го одвело читателот на погрешен пат во однос на содржината на оваа книга. Останав живо заинтересиран за деталите од градскиот живот во османска Македонија во моментот кога завршил светот на царствата и кога луѓето научиле да преговараат за барањата на нацијата-држава како што најдобро умеат. Исто така ме привлекуваат и архитектурата и изгледот на револуционерното движење кое инспирирало повеќе од 20.000 мажи и жени заеднички да работат на каузата. Да се пишува извештај за едното, или во идеални услови за двете, останува цел за во иднина, но тоа е нешто за што не се чувствувам подготвен: мислам дека не знам доволно. Ова чувство ме тера да се обидам да научам повеќе, читајќи го она што другите го напишале во тоа време или подоцна и обидувајќи се да извлечам што е можно повеќе од она што останало како усна традиција. Ова, од своја страна, ме исправа пред пошироки прашања за тоа како индивидуите и заедниците го создаваат и го пренесуваат знаењето за минатото. Со овие пошироки прашања сакам да се занимавам во оваа книга.

Како увод за настаните во Крушево во 1903 година изнесувам овде еден пример за изворите на кои се потпира книгава. Се работи за три сведоштва за настаните во Крушево, напишани за различна публика во различни времиња, откриени во текот на различните фази од истражувањето. Ги избрав овие три сведоштва поради две главни причини. Прво, тие се производ на три различни „текстуални заедници“, за кои се зборува во третото поглавје. Секоја од нив открива нешто од приоритетите што ги раководеле членовите на овие заедници при нивното пишување, приоритети кои повеќе се истражуваат на други места во оваа книга. Второ, и поважно, секое сведоштво било создадено сосема независно од другите. Според тоа, тие ниту нудат контрадикторни толкувања, каков што е случајот онаму каде што две толкувачки заедници се во близок контакт, но не се согласуваат во врска со клучните факти, ниту пак се едноставни повторувања, каков што е случајот онаму каде што една заедница успева безмалку да се преклопи со друга. Напротив, тие откриваат различни клучни аспекти и секое од нив му додава нешто на читателското разбирање на настаните и нивните многустрани значења.


Првото сведоштво е земено од една книга издадена во 1906 година од Фредерик Мур. На 29-годишна возраст во 1903 година, тој бил, колку што знам јас, единствениот европски новинар кој го посетил Крушево набргу по Востанието. Неговото дело и став се изнесени во третото поглавје; еве го описот кој се појавува во XIV поглавје од Балканскиот пат, под наслов „По патот на Турчинот“ (Frederick Moore 1906:256-71):

Еве ја приказната за Крушево:

Некаде веднаш по полноќ, утрото на 2 август 1903 (ова беше денот кога се објави општото востание), пукотници од пушки и непрекинато ура ја нарушија тишината на мирниот планински град. Околу триста востаници под водство на Питу Гули и четворица други водачи го зазедоа градот на препад. Во малата камена касарна имаше петнаесет турски војници, а во Конакот [службената зграда] и по приватните куќи имаше десет или дванаесет турски чиновници со нивните семејства и неколку војници. Мнозинството жители во градот беа христијани, Власи и една колонија Бугари. Војниците успеаја да ги грабнат пушките и да избегаат од касарната, и на бегање убија осуммина или повеќе востаници. Ноќта беше црна, а стрмната каменита удолница зад зградата претставуваше лесен излез. И турскиот телеграфист побегна; но чиновниците кои беа во градот загинаа до последниот. И кајмакамот беше отсутен, во посета на Монастир [сегашна Битола].

Откако ги опколија државните згради за да го спречат бегството на Турците, востаниците провалија во продавниците и го запленија петролејот што го најдоа. Го истурија врз Конакот, касарната и телеграфската канцеларија со помош на општинската пумпа за гаснење пожар и го запалија факелот. Околу петнаесет до дваесет турски војници и чиновници беа застрелани додека излегуваа од пламенот; но, жените и децата беа безбедно одведени во една влашка куќа, освен една жена и една девојка кои паднаа при излегувањето. Дали беа случајно застрелани или намерно од страна на некој комита [член на револуционерната организација], не се знае.

Пламенот се ширеше и дузина приватни куќи и продавници изгореа заедно со турските згради. Некои, мислам, беа запалени со цел да се запали Конакот за да изгорат Турците.

Утрото, востаниците поставија црвени знамиња низ градот и формираа привремена власт, именувајќи комисија составена од жителите, во која имаше двајца Бугари и тројца Власи, „задолжени да ги задоволуваат секојдневните потреби и тековните работи“.Без наредба, сите жители ги фрлија фесовите.
Беа именувани тројца водачи на чети и една воена комисија, чии должности беа драстични. Првата одлука беше да се осудат на смрт двајца ревносни патријаршисти кои кај Турците ја кодошеле организацијата и подготовките на месниот комитет за востание во областа. Мажите беа заробени, одведени во шумата и погубени.

Првиот ден, востаниците одеа од куќа до куќа и бараа донации во храна, а подоцна бараа олово коешто можеше да се претопи во куршуми за пушки. Пристигнаа и други чети, а еден број Бугари и Власи од градот им се придружија на востаниците, така што на крајот бројката достигна над шестотини. Веднаш почнаа да градат утврдувања и направија две дрвени топчиња какви што се користеа за време на бугарската буна во седумдесеттите. Топчињата беа бескорисни, па им беа оставени на Турците, кои однесоа едно од нив во Монастир.

На вториот ден богатите мажи од градот беа викнати да се појават пред воената комисија. Се направи една листа (информацијата е добиена од членови на организацијата чиишто домови беа во Крушево) за постојното и приближно богатство на сите „угледници“ во заедницата. Кога овие главешини се појавија пред триумвиратот, од сите беше побарана сума пари соодветна на нивните можности. Никакви протести и молби не ја омекнаа комисијата и во сите случаи парите беа предадени во определеното време. На овој начин беа собрани повеќе од 1.000 турски лири, а за возврат беа издадени пари печатени на хартија кои можеа да се наплатат по ослободувањето на Македонија.

Во недела свештениците на грчката и на бугарската црква добија наредба да одржат опело за покој на душите на комитите кои паднале при заземањето на Крушево. Присуствуваа востанички одреди, вооружени, што на службата и’ даде еден чуден воен тон. Истиот ден се одржаа состаноци на отворено и на луѓето им се обратија водачите на четите.

За време на десетте дена на востаничката окупација, за редот и мирот во градот се грижеа стражи и патроли и не беа извршени никакви злосторства. Сепак, економијата беше парализирана. Пазарот беше затворен, а прехранбените производи се намалија; обидите за дотур на брашно пропаднаа, зашто емисарите кои отидоа до соседните села беа запрени од турските војници и башибозуци [нерегуларни војници] кои се насобраа околу градот.

Веста за заземањето на Крушево стигна во Монастир на 3 август, но дури по девет дена се случи првиот обид за повторно заземање на местото. Дотогаш беа насобрани три илјади војници со осумнаесет топови. Околу градот имаше и околу три или четири илјади башибозуци од турските села во околината.

Кога топовите беа распоредени на соодветна височина над градот, Бахтијар-паша, командантот на воените единици, испрати писмена порака во која бараше од востаниците да се предадат. Востаниците одбија и се отвори артилериски оган. Повеќето од востаниците тогаш избегаа низ густата шума која се чини беше оставена отворена за нив, но некои зазедоа поволни позиции на планинските патишта коишто водеа во градот, други зазедоа забарикадирани згради во предградието и некое време им даваа отпор на Турците. Двајца од водачите, Питу и Иваноф, загинаа во борба.

Пито Влаот беше живописна личност. Имаше триесет и пет години, роден во Крушево. Се бореше против Турците седумнаесет години. Бил заробен во 1886 година и пратен на робија во Мала Азија. Но, по една од честите општи амнестии, се вратил во Македонија, повторно се приклучил на востаничкото движење и ја водел организацијата на Крушево и околијата.

На една конференција на водачите непосредно пред турскиот напад, Питу изјави дека никогаш нема да го предаде својот град на угнетувачот; другите можат да побегнат ако сакаат, но Турците ќе влезат повторно во Крушево само преку неговото мртво тело. Со осумнаесет мажи кои избраа да умрат заедно со него, тој фати позиција до главниот пат, којашто ја држеше пет часа. Се зборува дека сам си го одзел животот со последниот куршум, наместо да падне во рацете на Турците.

Граѓаните родени во Крушево повторно ги ставија фесовите, а една делегација видни луѓе отиде со бело знаме до логорот на Бахтијар-паша за да го предаде градот. По пат беа запрени од војници и башибозуци кои ги натераа да ги испразнат џебовите. Понатаму, други Турци, чијашто алчност не беше задоволена, им ги побараа облеката и чевлите. Кога стигнаа до штабот на генералот, сместен на една височинка од каде што се гледаа сите настани, граѓаните делегати, со едвај доволно облека да си ги покријат слабините, доставија протест заедно со предавањето. Бахтијар нареди да им се врати облеката и им рече дека не може да направи ништо против „тие башибозуци“ - иако покрај него седеше Адем-ага, еден познат неранимајко од Прилеп, кој ја донесе со себе најголемата единица башибозуци, и со кого подоцна, како што се тврди, Бахтијар го поделил пленот.

Турците влегоа во градот во сурија, јуреа, викаа и пукаа. Башибозуците го познаваа градот, неговите богати дуќани и најбогатите куќи; тие со години тргуваа со Власите на пазарните денови. Знаеја дека патријаршиската црква е најбогатата во Македонија. Дрвениот иконостас беше особено скап, а таму имаше и скапоцена свилена облека, сребрени кандила и путири и убави бронзени крстови. Тие најпрвин отидоа во таа црква. Портите и’ ги искршија во лута бркотница и по неколку минути црквата беше оголена од разулавените креатури сосе самите распетија. Потоа истурија цело буре масло во неа и по нејзините ѕидови; го запалија факелот и се распламтеа првите огнови при пљачкосувањето на Крушево.

Грчката црква беше на пазарот меѓу дуќани. Турците кои немаа многу среќа да влезат во црквата, отидоа да поработат на дуќаните. Врата по врата беше кршена со секири, а откако стоката беше опљачкана, дуќаните беа запалени исто како и црквата. Беа опљачкани и запалени 203 дуќани и 366 приватни куќи, додека 600 други беа само ограбени - бидејќи снемало петролеј.

Некои од жителите избегаа од своите домови и отидоа в шума. Турците надвор од градот ги пресретнаа и им ги одзедоа парите и вредните работи што ги носеа со себе, како и поубавите алишта. Се вели дека неколку убави девојки им биле предадени на војниците во нивните логори. Но, Турците беа најмногу заинтересирани за грабежи. На луѓето кои останаа во своите домови им се закануваа со смрт ако не откријат каде го скриле богатството. Бебињата им беа истргнувани на мајките од дојките и им се закануваа со смрт со сабјите.

(продолжува)

од книгата: Кит Браун, Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата. издавачи: Евро-Балкан прес и Македонско етнолошко друштво; превод: Зора Бакалинова Анастасова

Првиот дел од текстот е достапен на следниот линк.

Други текстови од Кит Браун на Окно:

Подигањето споменик

Подигањето споменик (2)

Подигањето споменик (3)

ОкоБоли главаВицФото