Скопскиот Грк Зорба

27.06.2011 10:30
Воин на коњ

На скопскиот плоштад Македонија се исправи еден од најславните коњи на сите времиња. Но тој коњ не смее да се нарекува Букефал, како што ни неговиот јавач – кој поради своите убивања и покорувања на другите луѓе е овенчан со уште поголема човечка слава – не смее да се нарекува Александар Македонски.

На една од најславните личности од историјата на човечкото војување ѝ беше дадено ново, политички коректно име Воин на коњ, па сега и неговиот верен ат, на кој прегазил половина свет, може да очекува официјално преименување во Коњот под воинот. Важно е луѓето да се задоволни, а коњите – како ќе даде господ...

А луѓето се задоволни или – по својот човечки обичај – се прават дека се. Македонците се преправаат дека срцето им е на место бидејќи споменикот на јунакот на нивниот национал-идентитетски мит сепак е поставен, без оглед на тоа што, по директива на актуелниот владетел Никола Груевски, не смеат да го изустат тоа јуначко име. Се преправаат дека не се понижени поради тоа, па доаѓаат на плоштадот Македонија и пред камерите го изразуваат својот восхит и кон огромната коњаничка склуптура и кон Груевски кој ја поттикна изградбата на споменичкиот комплекс, а потоа заповеда да се премолчи името на јавачот со меч. Тоа премолчување не му паѓа тешко на Груевски, бидејќи тој и не го подигна споменикот на Александар, туку на својата сопствена грижа за националниот идентитет поради кој е великодушно подготвен да ги потроши сите пари на осиромашените граѓани на Македонија за прескапо платениот уметнички и симболистички кич.

И Грците се прават дека се задоволни, бидејќи уште еднаш успешно им напакостија на Македонците. Издејствуваа меѓународните бирократи да ја присилат владата во Скопје на преименување на споменикот, па сега се преправаат дека не се навредени колку што би можеле да бидат поради македонското присвојување на грчкиот војсководец кој со денешните Грци има исто толку врска колку што и со денешните Македонци.

Задоволни се грчките владетели бидејќи уште еднаш покажаа дека, иако не знаат да ја извлечат својата земја од економска пропаст, барем знаат да ги потпалуваат своите измамени и ограбени граѓани да уживаат во навредите нанесени кон Македонците, на кои не им го признаваат ни правото да ја нарекуваат својата држава со свое име, па така ни правото кое го уживаат сите останати земји – да подигнуваат споменици кому сакаат.

Задоволни се и меѓународните чиновници за југоисточна Европа бидејќи скандалот со споменикот им гарантира дека уште долго ќе примаат плата за успешното нерешавање на македонско-грчкиот спор. И дека во секоја прилика ќе можат да се повикаат на ова „македонско провоцирање на Грција“. Незадоволен може да биде само оној кому му е жал што Македонците наседнаа на планетарно раширеното подметнување дека националниот идентитет се докажува со повикување на древните царства и војсководци, и се заверува со коњаничките скулптури по плоштадите.

А ете, јас жалам што Македонците, наместо на Александар, не му подигнаа споменик на Јоргос Зорбас, Гркот кој во 1922 г. се доселил во Скопје и парите заработени со експлоатација на „белиот камен“ ги трошел по кафеаните, во друштво со своите македонски ортаци. И така сè до 1941, кога пукнало тоа големо срце. Токму во тоа време неговиот пријател Никос Казанѕакис почнал да го пишува романот за авантурите на Зорбас, сместувајќи го дејствието на Крит, каде што ногата на Јоргос никаде не стапнала, а каде што потоа беше снимен и филмот „Гркот Зорба“. Жал ми е што среде Скопје не се извиши споменикот на скопскиот граѓанин Зорба, па Грците нека го сфатат тоа како сакаат.

Извор: novilist.hr

ОкоБоли главаВицФото