Болно бришење на неонацистичкото минато

02.11.2011 14:27
Болно бришење на неонацистичкото минато

Брајон Виднер бил еден од најнасилните и најпознати американски бели нацисти, а неговото истетовирано лице тоа гордо го покажувало. Но, тој го остави мрачното минато зад себе, и сега е среќен татко и вработен припадник на општеството.

Откако се преобратил и ги отфрлил своите расистички верувања, поради своите тетоважи Виднер и понатаму не можел да најде работа. Затоа се решил на 25 макотрпни ласерски операции во период од 16 месеци.

Тој поминал застрашувачка борба за да му се врати на нормалниот живот. Како што вели неговата сопруга Џули, во најтешките мигови таа се плашела за неговиот живот, мислејќи дека тој ќе си го раскине лицето на парчиња.

По стапувањето во брак во 2006 г. овие двајца поранешни припадници на расистичко движење добиле дете, се смириле и почнале да живеат семеен живот. Но мрачното минато почнало да ги прогонува. Крвав жилет, свастики, зборот „омраза“ – се само некои од тетоважите на неговото тело кои постојано го потсетувале на тоа каков бил порано. Тие не му пречеле само нему, туку и обичните граѓани на гратчето Брајон го гледале како закоравен криминалец, а не како грижлив татко.

Оваа брачна двојка почнала да пребарува на интернет начин со кој сигурно ќе можат да се отстранат тетоважите од лицето. Меѓутоа, тетоважи од ваков размер се прилично ретки, и само неколку хирурзи извршиле вака сложени операции. Без здравствено осигурување и со малкуте пари на сметка, не можеле да си дозволат такво нешто.

Поради тоа Виднер западнал во безнадежност и во одредени мигови помислувал да го нурне лицето во сад со киселина. Неговата очајна сопруга сторила нешто што дотогаш им се чинело незамисливо – контактирала со Афроамериканец, припадник на заколнатите непријатели на сите бели расисти.

Активистот Дарил Ламонт Џенкинс 943), кој ја води групата „One People's Project“ во Филаделфија, е трн во окото на неонацистичките следбеници поради тоа што на интернет ги објавува нивните имиња и ги предупредува луѓето за нивните собири. Преку Џенкинс семејството Виднер стапило во контакт со Џозеф Рој, истражувач од невладината организација SPLC која ги следи екстремните организации.

Виднер на Рој му ги открил мрачните тајни на разни скинхедс групи, нивната хиерархија и други информации, а се согласил и да одржи говор на годинешната конвенција на SPLC, на која присуствуваат припадници на полицијата од сите делови на САД. За возврат, Рој му ветил нешто што претходно никогаш не било сторено – побарал од организацијата донатор кој на бившиот расист Виднер ќе му ја плати операцијата за отстранување на тетоважите.

Во меѓувреме, финансиски и емотивно, животот на Виднер станал уште потежок. Расистичката заедница дознала за неговото предавство, и неговото семејство добивало смртни закани. Наутро наоѓале свински измет на колата, ноќе непрестајно добивале телефонски повици, вознемирувачки писмени пораки...

По неколкумесечно барање донатор Џозеф Рој стапил во контакт со Виднер и му рекол дека анонимен донатор е спремен да плати 35 000 долари за неговата операција, но под неколку услови – редовно да посетува советник и да заврши факултет. Виднер ја прифатил понудата без размислување. Меѓутоа, заканите не престанувале, па со семејството во 2008 г. морал да се пресели од сојузната држава Мичиген во Тенеси.

Конечно, на 22 јуни 2009 г. Виднер се нашол на операциона маса. Со секој нов ласерски зафат неговите тетоважи почнувале да бледнеат. Секој зафат бил придружен од неверојатни болки. Вкупно, за 16 месеци третман, Виндер имал 25 операции на главата, вратот и рацете.

Телевизијата MSNBC, со дозвола на Виднерс, го проследи неговото патешествие. Самиот Виднерс, пак, се согласи на снимањето документарен филм бидејќи сака да ги инспирира останатите припадници на расистичките групи да се откажат од нив.

Извор: barnorama.com

ОкоБоли главаВицФото