7 необични скулптури под ведро небо

01.12.2011 14:39
7 необични скулпури под ведро небо

Потребата да се твори е неизоставен дел од човековата природа. Уште од дамнешни времиња луѓето создавале под отворено небо и ги оставале своите дела како сведоштво за нивното постоење и нивниот светоглед.

Примери за такво нешто имаме низ целиот свет: Стоунхенџ во Британија, пирамидите во Египет, статуите на Велигденскиот остров, па дури и Статуата на слободата во Њујорк. Но постојат и современи уметници кои и во модерните времиња се обидуваат да ни испратат некаква порака преку своите дела создадени и изложени под отворено небо. Ова се седумте најневообичаени во светот.

(горе) Раката на Акатама, на Марио Ираразабал

Во висорамнините на пустината Атакама во Чиле, на над илјада метри надморска височина, случајниот или намерниот патник ќе затекне огромна рака која се издига од пустинскиот песок. Меѓу мештаните попозната како Раката на Атакама (La Mano del Desierto), оваа скулптура од 1992 г. е дело на чилеанскиот уметник Марио Ираразабал. Таа е третата од четирите раце, од кои секоја има сопствено значење. Првата е поставена во популарното летувалиште Пунта дел Есте во Уругвај, и е наречена „Споменикот на Ахогадо“, втората беше поставена во Мадрид во 1987 г., додека четвртата сè уште не е создадена. „Раката на Акатама“ е висока 11 метри, и е направена од челик, бетон и фиберглас.

Поле на хоризонтот, на Ентони Гормли

Horizon Field е еден од најамбициозните и највизионерските уметнички проекти кои некогаш биле спроведени во историјата на уметноста. Точно сто железни фигури со големина на човек беа поставени на специфични местоположби на површина од 150 квадратни километри во делот од австриските Алпи наречен Ворарлберг. Статуите се поставени на нееднакви растојанија; некои се оддалечени едни од други околу пеесетина метри додека други се над еден километар. Поврзани заедно, овие уметнички дела на британскиот скулптор Ентони Гормли создаваат хоризонтална линија чија задача е да поттикнува прашања за местото на човештвото во светот и космосот. Повеќето скулптури се наоѓаат на пристапен терен, но еден дел од нив се тешко достапни за посета. Овие скулптури беа поставени во 2009, а на своите места ќе останат сè до април 2012 г.

Распеано, разѕвонето дрво, на Мајк Тонкин

Singing, Ringing Tree (Распеано, разѕвонето дрво) е изработено од хоризонтално наредени челични цевки и се крева во спирален облик. Високо е три метри, а е поставено близу Барнли во Англија. Цевките се шупливи, па при малку посилен ветер тие испуштаат различни тонови. Оваа скулптура беше поставена во 2006 г. и е дел од четирите Panopticon уметнички дела поставени под ведро небо. Исто така, скулптурата е добитник на наградата за Најдобро архитектонско дело за 2007 г.

Ангел на северот, од Ентони Гормли

Со тежина од над 200 тони, височина од 20 метри и распон на крилјата од 54 метри, Ангел на северот (Angel of the North) е најголемата човеколика статуа во Англија. Ова дело на контроверзниот британски уметник Ентони Гормли беше завршено во 1998 г. и поставено на рид близу Лоу Ејтон, со поглед на долината Тајн. Скулптурата е силно зацврстена за својата основа бидејќи во тој дел од Англија дуваат ветришта со брзина и од над 200 км на час. Со текот на годините таа предизвикува подеднакво и позитивни и негативни критики кај јавноста, најмногу поради цената на чинењето – речиси 1,5 милиони евра.

О Атланте, на Франциско Леиро

O Atlante е поставена до пристаништето Саханхо во областа Галиција, Шпанија. Таа претставува џин кој лежи на земјата со рацете под глава. Саханхо е голема туристичка дестинација во Шпанија, па и не случајно беше одбрано како место каде што ќе се постави оваа скулптура инспирирана од локалната митологија. Во суштина, станува збор за модерно толкување на старогрчкиот бог Атлас. Скулптурата беше поставена во 2005 г. и е долга 14 метри, широка 4 метри и тежи околу 20 тони. Мештаните ја нарекуваат и „Атлас кој мечтае“.

Сончевиот патник, на Јон Гунар Арнасон

Интригантната скулптура Sólfarið (Сончевиот патник) е поставена на морскиот брег во главниот град на Исланд, Рејкјавик. Изработена е од челик и претставува современ приказ на костурот на викиншки брод кој е насочен кон морето и кон зајдисонцето. Беше поставена во 1971 г. и веднаш стана препознатливо обележје на Рејкјавик. Според некои мислења, скулптурата го претставува пристигнувањето на првите нордиски освојувачи. Според други, таа исто така ја претставува човековата потрага по нови физички и духовни дестинации. Долга е девет и широка е четири метри, и е една од најфотографираните скулптури во светот.

Сите цвеќиња, на Едуардо Каталано

Можеби дело кое буди најмногу љубопитност е Floralis Generica (Сите цвеќиња) која е поставено на Плоштадот на националното единство во Буенос Аирес, Аргентина. Изработено е од челик и алуминиум и претставува автоматизирана претстава на сите цвеќиња во светот. Во суштина, станува збор за кинетичка скулптура, т.е. скулптура која се движи. За неа се вели дека е спој на технологијата и природното опкружување, и е поставена над базен со вода кој е долг 41 метар. Во зависност од светлината и другите климатски услови, таа ги отвора своите ливчиња и до 13 метри во распон. Floralis Generica е дело на аргентискиот уметник Едуардо Каталано кој во 2002 г. му го подари на својот роден град. Високо е 23 метри и тежи над 18 тони.

Извор: aquiziam.com

Слични содржини

Јавни простори / Уметност
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото