Протестите против новиот устав на Унгарија

04.01.2012 15:42
Протестите против новиот устав на Унгарија

Додека владејачката партија во понеделникот го прославуваше својот успех во зградата на Националната опера, пред зградата се собраа неколку десетици илјади граѓани на протести, многу ретки во Унгарија, организирани против она што критичарите го нарекуваат обид на премиерот Виктор Орбан да ја наруши демократијата и да ја зацврсти својата власт.

Одржани еден ден откако новиот „мнозински“ устав стапи на сила, овие демонстрации претставуваат прво собирање на опозициските групи, од политичките партии до граѓанските организации, здружени против новиот устав кој го предложи и ратификуваше партијата на Орбан, Фидеш, и покрај критиките од страна на САД и ЕУ.

Фидеш го искористи двотретинското мнозинство во парламентот за усвојување на уставот, за кој критичарите тврдат дека ја зацврстува владината контрола над медиумите и судовите. Минатиот месец владата усвои уредба за која критичарите велат дека сериозно ја нарушува независноста на централната банка.

Иако разни организации протестираа и лани, демонстрациите во понеделникот го покажаа досега невиденото единство на различните опозициски партии и групи граѓани, и беа темпирани да се совпаднат со свеченоста која Фидеш ја организираше за да го прослави потпишувањето на уставот. Илјадници незадоволни Унгарци се слеаја во будимпештанската улица Андраши, полна со луксузни продавници.

„Демократија во Унгарија не постои повеќе – ни ја одзедоа дури и републиката“, вели 50-годишниот Тамаш Колар, мислејќи на промената на името на државата, од Република Унгарија во само Унгарија. Колар смета дека во режимот на Орбан му се загрозени правата.

Организаторите на протестот проценуваат дека плоштадот во срцето на градот, пред накитената Национална опера, го исполниле неколку десетици илјади граѓани. Специјалната полиција го обезбеди овој простор, а потоа ги разби демнстрации по судирот меѓу демонстрантите и екстремно-десничарските организации кои можеа да се препознаат по црвено-црните знамиња.

Екстремно-десничарската партија Јобик најави дека нема да учествува на протестите, но ги повика сите свои поддржувачи на паралелни демонстрации близу овие, што предизвика страв од судири слични на оние во 2006 г., кога се бараше оставка од тогашниот премиер Ференц Дурчањ.

Оттогаш Унгарците нерадо излегуваа на улица. Иако протестите се одржуваа низ целата мината година, тие беа релативно мали. Излегувањето на волку големиот број Унгарци ја охрабри унгарската опозиција.

Петр Коња од Движењето за солидарност, кој учествува во организацијата на демонстрациите, на насобраните граѓани им рече дека 2012 година ќе биде година на надежта.

„Сакаме да ни го вратат владеењето на правото и да ни ја вратат републиката“, изјави Коња, проследен од извици на одобрување. „Виктор Орбан заборави дека власта му припаѓа на народот, дека ни припаѓа нам, и ние ќе ја земеме.“

Виктор Орбан и неговите поддржувачи инсистираат дека уставните промени и другите донесени закони претставуваат само исполнување на ветувањата од предизборната кампања оти ќе расчистат со стариот поредок и ќе го довршат процесот на транзиција од комунизмот, процес кој претходните влади наводно го одолговлекувале.

Извор: The New York Times