Историја на задникот

02.02.2012 13:52
Историја на задникот

Уште одамна задникот се сметал вреден за презир, близок до земјата и ниските страсти. Да водиш љубов одзади се сметало за примитивен чин, зашто така сексуално општат животните, без да го гледаат партнерот во очи. Задникот ја нема ни таа впечатливост која што ја имаат поблагородните делови на телото како очите, устата и рацете, сите сместени на горната половина на телото и погодни за остварување на продуховени дела.

Задникот, меѓутоа, служи за исфрлање на изметот, па така уште одамна го сметале за најмалку богоугоден, понекогаш и за најгрозниот дел од човекот. Во многу религии задникот станал предмет на разновидни табуа. Исламот, на пример, строго забранува Куранот да дојде во допир со таков дел од телото, додека јудазимот им забранува на машките да го свртат грб кон север и југ додека престојуваат во божјата куќа. И апостолот Павле го смета задникот за најсрамниот дел од телото.

Поради ваквите ставови наметнати од минатото, задник е збор кој се јавува во пцовките и шегите. За телесните казни, пак, задникот секогаш бил најпогодна мета. Со векови ќотекот по задник се сметал за незаменлива воспитна постапка, особено во строгите верски установи. За време на теророт во Франција (1793-1794) воведен е т.н. „револуционерен ќотек“, јавна казна на удирање по задникот која се применувала врз претставниците на црквата, особено калуѓерките. За време на Дионизиските игри од пред 2000 години, младите свештеници се удирале по грбот, токму како што сведочат сликите по ѕидовите на Помпеја.

Кога нашите предци ги врежувале своите први уметнички дела по ѕидовите на пештерите или врз коските на мамутите, сликале жени со огромни колкови и задници. Најстарите од овие примитивни Венери, откриени се во Германија и настанале пред 40.000 години. Изрежаните облини на жените се доказ дека нашите предци воделе љубов одзади.

Димензиите на задниците, пак, значајно се помали на грчките скулптури. Подредени на естескиот идеал за совршен склад, се сметало дека тие се вредни за воодушевување дури и кога во прашање биле машки фигури. Такви биле куросите (6 век п.н.е.), киповите на атлетски градените младичи со мускулести задници. Малите и спуштени задници се сметале за знак на слабост и се користеле во сатирите, или им биле припишувани на варварите и робовите.

Најубавите примери на женски облини се скулптурите на Афродита Калипига (во буквален превод значи убав задник). На нив е прикажана божица која го крева својот пеплос (вид античка наметка која се носела во тоа време), покажувајќи го својот задник со совршени размери. Овој гест во културата на средоземните народи укажувал на обредот анасиме. Жените ги соблекувале или подигале пеплосите и ги откривале интимните делови на телото. Тоа го правеле свештениците на Деметриниот култ за да ги истераат лошите духови и за да повикаат плодна жетва. Обичајот потекнува од митот за Бауба, старица која го покажувала задникот на боговите додека тагувала по својата ќерка Персефона. На тој начин ја одоброволила Деметра, а со тоа придонесла природата исушена од жалост одново да расцути.

Во Египет ваков егзибиционизам се правел во чест на божицата на мачките Бастет. Според тврдењата на Херодот, секоја година, за време на свеченостите посветени на божицата, жените чекореле во поворки пеејќи и играјќи според звукот на кавалот и тапаните. Повремено ги подигале и фустаните со цел да ослободат позитивно магично влијание за кое верувале дека ќе го заштити градот.

Покажувањето на женските задници има врска со плодноста и добрата среќа, додека машкиот задник е знак на насилство или подигрување со непријателот. Римскиот историчар Јосиф Флавиј во „Еврејската војна“ пишува за тоа како за време на побуната против римските власти легионарните воини, напаѓајќи, ги покажувале своите голи задници. Тогаш било обичај битката да започне со простачко однесување на војниците. Се верувало дека непријателот, изложен на таква навреда, губи предност.

Во средниот век во Европа задникот се сметал исклучиво за човечки атрибут кој ја истакнувал разликата помеѓу човекот и животните. Цезар Хајстербах, германски игумен од 13-от век, пишува дека ѓаволот нема задник. Тоа е потврда на широко распространетото верување дека ѓаволот не може совршено да го имитира човечкиот изглед, а на покажувањето на задникот безглаво бега бидејќи не може да поднесе да гледа во дел од телото кој го нема самиот. Неколку века подоцна и Мартин Лутер говореше како во текот на една ноќ успеал да го истера демонот кој постојано го искушувал велејќи му „излижи ми го газот!“. Задници кои ги истеруваат ѓаволите често се прикажани и на статуите кои ги красат готските цркви и замоци. Поставени се пред влезот со цел да ги спречат злите духови да влезат внатре.

Во средновековната уметност не се придавало многу значење на задната ложа, зашто тоа се сметало за примитивно. Но во 15-от век францускиот сликар Жан Фуке, сепак, му одал почит на задникот, сликајќи го на една своја минијатура. Станува збор за „Мачеништвото на св. Аполонија“. На сликата, паганскиот крал на египетска Александрија бара од Аполонија да се одрекне од христијанството, додека мачителите ја држат врзана и ѝ ги вадат забите. Од десната страна стои човек со палка кој диригира, а од левата дворски шут кој покажува гол задник. Што бара тој на ваква слика со озбилна содржина? Очигледно дека Фуке и неговите современици не сметале дека оваа фигура е непристојна. Сметале дека тоа е гест на потсмевање на ѓаволот и конечна духовна победа на мачениците.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото