Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите

08.02.2012 14:15
Стеротипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите

Стереотипот претставува слика заснована на предрасуда или полувистина која му се придава на „другиот“ или себе си врз основа на припадност на група. Стереотипот може да биде позитивен или негативен, но речиси секогаш, кога ќе се примени на ниво на единка, е невистинит. Така, на пример, стереотипот – „Германците се организирани“ применет на единка која му припаѓа на германскиот народ, а е мрзлива и дезориентирана, се појавува како сосем погрешен.

Стерeотипот е контејнерот во кој ги фрламе сите припадници на одредена група без оглед на нивните реални поединечни својства. Стереотипизацијата претставува процес во кој категоризираните припадници на групата добиваат групни социјални или психолошки својства и со тоа се избегнува напорот да се размислува за конкретни единки. На тој начин базичниот означувач на групата, на пример, зборот „Италијанец“, покрај првичната функција на означувањето – припадник на италијанската нација – во себе содржи секундарни значења кои, во зависност од говорителот, содржат и „бучен човек“, „јадач на жаби“, „естета“, „љубовџија“, „неборбен народ“ и друго. Овде се гледа дека примарната функција на стеротипизацијата е намалување на комуникацискиот напор и негова рационализација.

Како што се гледа од примерот, стереотипот може да биде и позитивен и негативен, но тој никогаш не е апсолутен, затоа што зависи од говорителот. Различни стеротипи се појавуваат за истиот поим во различни социјални средини. Па така, зборот Италијанец има други секундарни значења кај луѓето што живеат во близина на Италија и биле предмет на италијанска окупација како, на пример, кај Далматинците или Истраните, а сосема други кај оние што живеат во Америка. Патем, претходната реченица претставува пример за употребливоста на стеротипите во нормалната комуникација. Зборовите не се еднозначни, и јазикот е проверено непрецизен инструмент базиран на непишана конвенција за значењето на зборовите. Тука стеротипите играат моќна улога на воспоставувањето на комуникациски протокол преку кој се обезбедува пораката на испраќачот да биде примена што е можно попрецизно од страна на примателот. Од тој аспект излегува дека стереотипизацијата е добра и помага во економизирање на изразот. Оттука, тој е како создаден за медиумската комуникација која претпочита краток израз. Но... Стеротипот не е само јазична категорија, тој е одраз на перцепцијата на другиот, како и на самоперцепцијата во одредена социјална средина.

Стереотипот претполага постоење на НИЕ и ТИЕ. При што, НИЕ сме групата на која што ѝ припаѓа говорителот со сите свои реални и претпоставени својства, а ТИЕ се припадниците на друга група. Од аспект на НИЕ, говорителот може да припаѓа на повеќе социјални групи, на пример, може да биде Македонец, муслиман и скопјанец. Во моментот на неговото говорење сите овие фактори влијаат врз пораката што ја испраќа преку стеротипот којшто го употребува, но едно од овие својства е примарно. Сосема поинаква ќе биде стеротипизацијата на припадниците на исламската вероисповест кај Македонецот-муслиман од онаа кај Македонецот-православец, претпоставувам дека истото важи и кај албанците православци, албанците католици или албанците муслимани. Овде се гледа дека едната од припадностите на групата влијае врз стеротипот по линиите на поделба на НИЕ и ТИЕ, но кога тие својства се испреплетуваат и единката во исто време припаѓа на маргиналниот верски стратум на националната група, стеротипите омекнуваат. Значи, припадноста на групата влијае врз стереотипизацијата, но горниот пример покажува колку таа е производ на имагинацијата, перцепцијата, самоперцепцијата и социјалната конвенција што произлегува од социјалната припадност.

Стеротипите се историски форми и претставуваат производ на колективна свест, па обично за нив не се размислува кога се употребуваат туку се прифаќаат како вечно дадени вистини. Формирањето на стеротипот обично има историски корен. Во одредена точка на живеењето на одредена група се случил контакт со друга група во кој се воспоставила одредена динамика на односи којашто, пак, претставува база за стеротипизацијата. На пример, инвазијата на Хуните врз Европа, нивните почетни успеси и, пред сè, пустошот што го оставиле зад себе и ден-денес се живи во говорот на европските нации. Иако Хуните како група не постојат, изразот „Хуни“ се користи да означи нација склона кон бесцелно уништување, водена исклучиво од злото. Така Черчил во една референца за Германците во втората светска војна ќе изјави – „Има само 50 милиони зли Хуни кои цела Европа ја држат во страв“. Стеротипот на „злиот Хун“ од времето на преселбата на народите го преживеал целиот среден век и осамнал во говорот на политичар од времето на Втората светска војна за да се појави како секундарен означувач во стеротипизацијата на припадниците на воениот непријател. Черчил ја користи стеротипната слика што неговите сонародници ја имаат за Хуните во пропагнадни цели против Германците.

Хана Арент во своето прочуено дело „Извори на тоталитаризмот“ изнесува тврдење дека нацистичката пропаганда и стеротипот на „Вечниот Евреин“ никогаш немало да има толку силна подлога да не се потпирал на сликата што еврејските заедници, затворени сами во себе, ја генерирале на дневно ниво. Овде тезата е дека стереотипот се формирал долго време пред воопшто да биде злоупотребен од страна на нацистичката пропагандна машинерија, и тоа, како од оние што не ѝ припаѓале на еврејската заедница, така и од самите припадници на таа заедница. Таа со своето однесување несвесно го зацврснувала стереотипот кај своите сограѓани. Во таа смисла, таа ја истакнува, пред сè, големата затвореност на еврејската заедница која постојано се обидувала да живее во паралелна културна средина, базирана на исклучивост кон неевреите и мотивирана од два базични фактори – верската припадност на верско малцинство и љубоморното одржување на еврејската заедница без културна асимилација во европските општества. Значи, формирањето на стеротипот е двонасочен процес и се одвива врз основа на социјална динамика во која и групата што е предмет на стеротипизацијата и оној кој што го формира стереотипот меѓусебно влијаат врз неговото дефинирање. Она што е овде битно да се истакне е – како што се развиваат стеротипите тие создаваат повратна спрега низ која што се зацврстуваат и се доизградуваат. Тие се конструкти и, како и сите конструкти, се подложни на измени и деконструкција, но праксата покажува дека се долговечни и дека многу полесно се конструираат отколку што се деконструираат.

Поделбата на НИЕ (Елините) и ТИЕ (Варварите) е спомената уште кај Аристотел и ги поставува двата клучни актери во стеротипизацијата. Овие два актери се меѓусебно изменливи и формираат стреотипи за другиот кои се во динамичен однос. Стереотипот претставува најмал заеднички содржател на социјални својства околу кој може да се согласат тие што стереотипизираат.

ВЕРИТЕ И СТЕРЕОТИПИТЕ

Верската стереотипизација се формира во контактите меѓу припадниците на одредени верски заедници со припадниците на верските заедници на другиот. Кога се работи за базичната динамика која што ја одредува верската стеротипизација, три историски настани се клучни – Крстоносните војни, Падот на Константинопол и турската опсада на Виена. Низ овие три историски настани се исковани стеротипите на односите меѓу исламот, православието и католицизмот. Историските настани кои му припаѓаат на далечното минато сè уште влијаат врз меѓусебната перцепција на припадниците на овие верски заедници. На тој начин, крстоносните војни од аспект на муслиманите се освојувачки војни преку кои Западот се обидува да ја воспостави својата доминација на Блискиот исток. Падот на Константинопол, за православните христијани, означува точка на пораз од страна на агресивниот ислам, но во исто време, одбивањето на западните кралства да му помогнат на последниот византиски цар ја покажува лажливоста, превртливоста и себичноста на католичка Европа, односно на Западот. Опсадата на Виена за западните држави е точката во која тие се наоѓаат исправени пред последната варварска наезда, овојпат под знамето на исламот, но придружена од превртливите балкански православни вазали кои исто така стануваат христијани но варваризирани, превртливи и лажливи.

Фрапантно е колку овие стеротипи исковани во жестината на историските настани остануваат живи и со несмалена жестина влијаат на перцепциите на современите нации, и со тоа влијаат врз светската политика. Па така, за време на судирите во бивша Југославија, сите три стеротипи беа користени во секојдневната пропаганда.

ВЕРСКИТЕ СТЕРОТИПИ НА БАЛКАНОТ

За разлика од глобалните верски стеротипи, на Балканот верата претставува еден од клучните елементи на дефенирање на нацијата. Имајќи ја предвид јазичната и обичајната сличност на народите што живеат на Балканот, верата станува атрибут за припадноста кон нацијата. Од тој аспект, во процесот на изградба на балканските нации верските прашања доминираат во процесите на формирање на нациите. Имајќи го предвид милетскиот систем на турската империја кој не оперирал со нации туку со припадности кон одредена верска заедница, и тоа во потесна смисла, и ден-денес се користат турските документи во националните и територијалните претензии на балканските држави.

Овде е битно да се истакне дека верската припадност не се користи за одредување на негативната стеротипизација туку се користи за потенцирање на националната стеротипизација и за потврдување на националното ривалство. Сосема е различна перцепцијата на Македонците кон муслиман – Албанец, муслиман – Турчин или муслиман – Македонец. На овој пример се гледа колку стреотипот е растеглив и подложен на дневнополитички влијанија. Внатрешните етнички тензии меѓу припадниците на македонската и албанската заедница се прекршуваат и низ верска призма, односно се користи доминантната верска припадност на албанската заедница во секундарните стеротипизации и многу често се слушаат аргументи дека целиот конфликт е продукт на верата на другиот. Меѓутоа, верскиот фактор воопшто не се зема предвид во стереотипизацијата на припадниците на турската нација. Имајќи го предвид пријателството и добрите политички и културни врски со денешна Турција, стеротипот на Турчинот-силник кој ја граба Цвета и ја носи во кулата попушта пред стеротипот на романтичниот Турчин-хедонист. Притоа, верскиот стереотип не само што се менува, туку преминува на сродниот по вера, кој ги презема врз себе негативните перцепции за исламот, во случајов албанскиот муслиман. Македонецот-муслиман, пак, се доживува како дефектен Македонец и не се споменува или, пак, трпи потсмешливи агресивни означувачи, како средство за негово конечно враќање во националната заедница или, ако тоа не е возможно, за негово конечно отфрлање. Кај албанската заедница постои голо изедначување меѓу верската припадност на Македонците и верската припадност на Србите, и по гола аналогија се обидува да прави паралели помеѓу косовските Албанци и себе си, изедначувајќи ги Македонците со Србите.

И во двата случаи се работи за национална стеротипизација којашто ја користи верата за сопствено самоодредување и формирање на наратив за другоста на спротивставената нација. И едното и другото функционираат во функција на национална мобилизација, во која припадноста кон верската заедница е само друг јазик на кој што се изразува припадноста кон нацијата и одрекување на припадноста кон другата заедница. Националистичките водачи многу брзо ја ставија во функција верската разновидност на Балканот во функција на национална мобилизација, со цел да постигнат симболичка идентификација на поединецот со претпоставениот позитивен стереотип за сопствената нација. На таков начин, верата функционира на ниво на припадност кон група, а не на ниво на религија што има свои внатрешни вредности. Она што е битно е појавното и декларативното, а не духовното. Во таквиот динамички однос меѓу етничката и верската припадност, етничките и верските стеротипи се прелеваат од еден во друг и се во целост изменливи меѓу себе. Притоа, верските водачи играат клучна улога во националната мобилизиција и речиси без исклучок ги поддржуваат процесите на ваквиот начин на формирање на нациите. Најчесто, тоа токму спротивното на сето она што го проповеда нивната религија.

МЕДИУМИТЕ И СТЕРОТИПИТЕ

Како што веќе реков, стеротипите се идеални за медимска комуникација. Медиумското изразување налага краток израз и економизирање на јазикот. Од тој аспект, употребата на стеротип го растеретува авторот од натрупани изрази и претерано детализирање. Вториот аспект кој влијае врз нивната употреба е тоа што ниту медиумот ниту новинарите не се надвор од општеството, и затоа употребата на стереотипите најчесто е несвесна. Со тоа медиумот се појавува како зацврстувач на стеротипот преку репетитивната употреба или преку негова јавна официјализација. Еден од примерите со кои може да се илустрира ова е насловот „Бучковски на работа, Петковски во парламент, Шеќеринска прави сарма“ објавен во еден дневен весник. Темата на текстот беше каде ќе бидат овие личности за време на референдумот за територијалната организација на Македонија. Интересно е дека сите тројца изјавуваат дека првин одат до работа и потоа дома на семејни ручеци. Главниот уредник тврдеше дека е битно да се знае каде се првите луѓе на државата кога се одлучува за такво прашање. Воопшто не разбра дека употребил мизогин стереотип во кој мажите се претставени како луѓе загрижени за работата, а жената за ручекот. Ова е класична несвесна употреба на стеротип.

За разлика од несвесната употреба на стеротипот, во моментите кога медиумот се јавува како креатор на стереотипот, употребата е свесна и со цел да се постигне одредена перцепција кон одредена група. Ова се користи во пропагандни цели, при што медиумот е средство кое се користи од страна на актер што ја креира пропагандната акција. Притоа, медиумот или се јавува во функција на изманипулиран пренесувач на пораките или, пак, свесно учествува во создавањето на стеротипот заедно со надворешниот актер. Ваквите стереотипи се формираат во време на конфликти и војни, но преживуваат долго после завршувањето на судирот и многу често се јавуваат како агенси за нов судир.

Она што е особено важно е да се истакне и кумулативното дејство на секојдневното медиумско известување во креирањето на стеротипот, кое може да се појави како несвесна реакција на конзумирањето на медиумите. Така, на пример, долготрајна изложеност на медиумски материјал, во кој преку црните хроники припадниците на едно малцинство речиси секогаш се претставени со име и презиме, а припадниците на другите заедници со иницијали, на долг рок создава впечаток дека тоа малцинство е криминогено. Во ваквиот случај, примателот на медиумската порака од комуникацискиот талог во главата формира несвесен стеротип заради репетитивна изложеност на ваков медимски материјал.

Она што е многу битно е дека одговорни медиуми можат да ги разбијат стереотипите. Одговорноста и професионалноста се исто така најсилното оружје против негативната стеретотипизација во општеството.

Кога се верските стеротипи во прашање, клучниот фактор на нивното разбивање се верските водачи. Позната е Исусовата максима „Љуби го ближниот свој како што се љубиш себе си“. Таа повикува на прифаќање на другоста и, што е многу битно, на прифаќање на човечноста на другиот. Така, базичните верски пораки секогаш биле против стеротипизацијата, и она што треба верските водачи да го сторат е да ѝ се посветат на верата, наместо на водењето политика и ставање на заедниците во функција на националната мобилизација. Запирањето на таквата манипулација е императив за надминување на стеротипизирањето.

Роршахови портрети: Бен Квилти

Слични содржини

Општество

ОкоБоли главаВицФото