Поврзување

24.04.2012 15:23
Поврзување

Своевремено кога некој вработен во фирма со над сто вработени ќе доживееше, на пример, 20-годишен стаж, можеше да очекува златен часовник од колективот. Денес (20 години стаж не се задолжителни) може да очекува да биде прогласен за технолошки вишок или во најдобар случај - да добие инфаркт.

Така барем мисли министерот на народното здравје Никола Тодоров, кога предлага сите фирми со над сто вработени да имаат задолжителен дефибрилатор. Тоа е, значи, онаа машина, што, по пат на електрична енергија, ви го оживува срцето. Во секој случај, пожелно е да имате срце и при тоа да ви застане, зашто во спротивно ќе послужите само како спроводник на додатната енергија што ЕВН ќе мора да ја испорача за вас. Министерот Тодоров не се изјасни дали за фирмите над 200 вработени ќе биде донесен пропис да имаат задолжителни операциони сали за слепо црево, додека оние со над 500 вработени веројатно ќе мора да поседуваат азили за ментално здравје. Како и да е, дефлоратор веќе никому не му е потребен. Одамна сме онаквени!

Дали на премиерот Никола Груевски му беше жешко околу срцето или глобалното затоплување, кое, како и глобалната криза, е виновно за сè што ни се случува, го удри в глава, важно човекот реши да ја освежи, односно проветри својата животна средина. Најавено е, значи, проветрување на вториот и третиот ешалон во државната администрација. Таксативно е наброено дека 150 раководители ќе бидат сменети, односно, како што вели премиерот, ќе се одморат малку. Лично немам ништо против еден ваков потег, само што некако ми се чини дека со тоа ништо нема да се постигне, зашто очигледно е дека од препосветената и пренапорната работа треба да се одморат барем 150.000 државни службеници и функционери, а не 150 несреќници. Но, што е тука е. Најавата за смена на 150 заслужни граѓани всушност не значи ништо друго туку активирање на уште барем 1.500 вжештени глави кои се надеваат дека ќе бидат наградени за нивниот, веројатно, волонтерски труд.

Она што мене ме изненади од неочекуваниот сончев удар на премиерот, беше неговиот повик на конкурсите што следат да ги повика сите заинтересирани да конкурираат, со посебен акцент на, би рекол, новината дека не мора да бидат членови на ВМРО-ДПМНЕ! Што значи тоа? Ништо друго, освен дека државните службеници и стручните лица до сега требале да бидат членови на владеачката партија. И, секако, уште нешто - дека членовите на владеачката партија, очигледно, бргу се заморуваат, па им треба одмор, или можеби не се најсоодветни за местата на кои се поставени, па премиерот негува надеж дека луѓето надвор од неговата партија се можеби поспособни од "гордите послушници". Впрочем, Груевски најави "проветрување" и во неговата партија.

Нема ништо ново во констатацијата дека во Македонија паранормалното е одамна нормално. Главна вест минатата недела, на пример, беше дека Александар Велики се поврзал со Александар Македонски. Конечно, од тој несекојдневен психолошко-психијатриски феномен, премиерот ги пренесе сите оние важни пораки за преземените мерки за намалување на влијанието на глобалното затоплување врз државната администрација. Конечното поврзување на Александар Велики и Александар Македонски укажува дека шизофреничноста на нашиот ултимативен предок е веќе надмината. Да не кажам дека јин и јанг се сега во совршена хармонија. За волја на вистината, никој не го спомна воинот на коњ, тоа гордо одметнато либидо на сензитивниот Александар.

Добро, знам дека станува збор за поврзување на скопскиот аеродром со некогашниот авто-пат "Братство-единство", кај нас попознат како "Коридор 10", а нагалено наречен "Александар Македонски". Само се прашувам со што до овој просветлен историски миг беше поврзан аеродромот "Александар Велики"? Со макадам? Со авто-писта за болидите на формула 1?

Тоа, секако, не нè оддалечува од проблемот со воинот на коњ. Нему судбината, очигледно, му е одредена да се грчи врз својот Букефал во галоп. И да гледа во чудните врби на Вардар, кои чинат 250.000 евра. Што знае дете што се 250.000 евра. Ги зема и сади врби. На крајот на краиштата, што се 250.000 евра, наспроти четврт милијарда евра што како кредит ги добивме од најголемата комерцијална банка во Европа (како што вели министерот за финансии Зоран Ставревски), "Дојче банк". Со ова, дури и банката со најмногу пари во Европа покажува дека има доверба во овдешната култура и хортикултура. За разлика од многумина, јас му верувам на Ставревски кога вели дека голем успех за Македонија е да добие кредит од најголемата банка со некои шест проценти фиксна камата. Малку додуша и мене, како и на Александар, ја бил воин, Македонски или Велики, ме дрма шизофренија кога ќе се сетам дека му верував на Ставревски и пред едно половина деценија кога, таман заседнат на вицепремиерската фотелја, тврдеше дека голем успех за Македонија е што ги вратила кредитите на Лондонскиот и Парискиот клуб. Кои, додуша, беа со многу пониска камата од фиксната на "Дојче банк". Сепак, ниту Лондонскиот, ниту Парискиот клуб не се комерцијални банки и не можат да се мерат со "Дојче банк", ниту по профитот, а богами ниту по каматите.

Дека натприродното е природно во оваа земја, докажува никој друг, туку Телевизијата која се одзива на името "Сител". Во саботата што помина на таа фрекфенција беше прикажан филмот, преведен како "Нормален" (Normal, 2003). Интересно е што овој филм започнува со слоумоушн, во швенк, што би се рекло - на долна облека што се суши. И тоа онака на јаже, слободно и неоптоварено од било каков притисок дека некој ќе мора да полни буџет за да се садат тажни врби на кои нема да можат да се сушат припадниците на овој род облека. Филмот, инаку, говори за жена заробена во машко тело и за нејзината/неговата битка да се поврзе со самата/самиот себеси. Приказната има хепиенд. Исто како и онаа за поврзувањето на нашиот Александар.

Извор: Глобус

Илустрации: Wassily Wassilyevich Kandinsky

Досаден и неинвентивен текст.

Досаден и неинвентивен текст.