Падот на Колумбија

21.05.2012 16:01
Падот на Колумбија

„Падот на Колумбија“ на Саша Илиќ е првиот роман во Србија кој се занимава со симболичното и реалното убивање на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

Одговорноста на српските новинари и писатели за пропаста на Србија и нивното политичко дејствување е тема на оваа книга. Куршумот кој го погоди Зоран Ѓинѓиќ беше истрелан многу порано. Писателот Саша Илиќ го интересираше мрежата луѓе меѓу писателите и новинарите кои со години симболички ја исцртуваат метата на градите на Ѓинѓиќ, почнувајќи од познатите „Одеци и реагирања“ во весникот Политика.

Откако ќе дознае дека татко ѝ доживеал несреќа, Ирена Берат, која е на докторски студии на универзитетот Беркли во САД, се враќа во родниот Белград неколку дена по уривањето на вселенскиот шатл „Колумбија“. Потрагата по идентитетот на нејзиниот татко, како и по сопствениот, започнува со болното конфронтирање со трауматичното минато на нејзиното семејство. Трагајќи го фактите за несреќата на татко ѝ, Ирена постепено го открива неговиот таен живот. Тој, во 1988 година, започува да работи за дневниот весник Политика, како неофицијален уредник на националистичката колумна.

„Падот на Колумбија“ е книга која се заснова на историски документи, белешки од сведоците и реконструкција на медиумите кои се поврзани со подемот на Слободан Милошевиќ во 1988 година и убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓик во 2003. Тоа е приказна за едно семејство кое ќе се најде во вителот на историјата и ќе стане мета на тајната полиција, чиишто канџи продираат длабоко под ткивото на интимата, социјалниот и политичкиот живот на денешна Србија.

Романот е замислен како политички трилер, и тоа со причина: не само што станува збор за жанр кој може логично и прегледно да ја објасни хронологијата на причините и последиците, туку станува збор и за еден вид наратив кој Србите постојано го живеат последниве дваесет години. Ако повнимателно се погледнат состојбите во оваа земја, ќе видиме дека често, дури и против нивна волја, тие се воведувани во разни теории на заговор и дека се принудени да се чувствуваат како прогонувани или
прогонители.

Саша Илиќ е роден 1972 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград. Досега ги објавил коавторската книга „Одисеј“ (1998), книгата раскази „Претчувствување на граѓанската војна“ (2000) и романите „Берлинско око“ (2005) – кој неодамна е преведен на македонски јазик – и „Падот на Колумбија“ (2010). Ја приредил заедничката книга на младите раскажувачи „Кучешки век“ (2000) и зборникот текстови „Како да се чита“ (2005). Еден е од основачите и уредниците во подлистокот за култура и општествени прашања во списанието BETON (Danas). Заедно со редакцијата на овој подлисток приредил две книги есеи и сатирични текстови: „Србија како направа“ (2008) и „Антимеморандум-дум“ (2009), и го координирал проектот на двонасочни антологии меѓу Србија и Косово („Од Белград, со љубов“; „Од Приштина, со љубов“, 2011). Преведуван е на француски и германски јазик.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото