Божјата честица како невидлива фудбалска топка

22.07.2012 22:52
Божјата честица како невидлива фудбалска топка

Понекогаш се многу поважни ретките настани отколку илјадниците секојдневни, обични.

Изразот „божја честица“ прв пат се појавил 1993 година во насловот на книгата на угледниот американски нобеловец, физичарот Леон Ледерман - „Божјата честица: Ако вселената е одговор, што е прашањето?“ (The God Particle: If the Universe is the Answer, What is the Question?). Подолу пренесуваме одломка од книгата на Ледермен, која претставува проширена метафора за многу загатки во физиката, посебно во физиката на честиците. Пораката е дека не можеме да ги разбереме правилата (законите на природата), а да не дознаеме што е објект. Тоа, се разбира, се однесува и на откритието на Хигсовиот бозон.


...Замислете дека постојат интелигентни суштества на планетата наречена Твило. Тие повеќе-помалку личат на нас, зборуваат како нас, сè работат како луѓето - освен една работа. Имаат вроден недостиг во својот визуелен апарат - не можат да видат црно-бели предмети кај кои црната и белата се наредени една покрај друга. На пример, не можат да видат зебри. Или дресовите на судиите во американската рагби лига. Или фудбалски топки. Патем, тоа и не е некој голем недостиг. Земјаните се уште почудни. Ние имаме две дословно слепи точки во средиштето на видното поле. Тие празнини не ги согледуваме само благодарение на нашиот мозок. Тој ги пополнува, заклучувајќи врз основа на податоците од другиот, видлив дел на полето, што би требало да се наоѓа на нивното место. А луѓето јурат 160 километри на час по автопатиштата, изведуваат операции на мозок или жонглираат со запалени факели, иако дел од она што го гледаат е - само добро нагаѓање.

Да претпоставиме дека групата жители од планетата Твило дошла на Земјата, во мисија на добра волја. За да им доловиме дел од нашата култура, ние ги водиме на еден од најомилените настани на планетата, на натпревар од Светското првенство во фудбал. Се разбира, ние не знаеме дека тие не можат да ја видат црно-белата фудбалска топка. И така, тие седат и го гледаат натпреварот со љубезни но збунети изрази на лицата. Бидејќи, што се однесува до Твилоанците, тие гледаат купчиња личности во куси панталони кои трчаат горе-долу по теренот, бесцелно ги зафрлаат нозете во воздух, налетуваат едни на други и паѓаат наземи. А кога еден „службеник“ ќе дувне во свирчето, играчот трча до бочната линија, застанува и ги подигнува рацете во вис, додека другите играчи го гледаат. Во случаите кога голманот необјасниво се фрла наземи избива одушевување во публиката, а спротивниот тим добива награден поен.

Твилоанците поминале петнаесет минути во потполна збунетост. Потоа, за да си го прекратат времето, одлучиле да се обидат да ја одгатнат играта. Некои пробале со техниката на класификација. Заклучиле, делумно по облеката, дека постојат два спротиставени тима. Го исцртале движењето на разни играчи, врз основа на што заклучиле дека секој главно се движи по одреден дел од полето. За да ја разјаснат својата потрага, Твилоанците, како што би направиле и ние Земјаните, им дале посебни имиња на играчите на различни позиции. Тие места ги категоризирале, споредиле и спротиставиле. Квалитетот и ограничувањата на секое посебно место во тимот ги исцртале во голема табела. Најголемиот пресврт дошол по откритието на Твилоанците дека постои симетрија. За секое место во тимот А, постои исто такво место во тимот Б.

До пред крајот на натпреварот Твилоанците изработиле десетина графикони, стотици табели, формули и забелешки за сложените правила на играта. И, иако правилата можеби биле, во ограничена смисла, точни - никој од нив не успеал да ја разбере суштината на играта. Тогаш еден млад Твилоанец, кој дотогаш бил сосема незабележителен, изустил: „Ајде да претпоставиме дека постои невидлива топка“.

„Што рече?“, му одбрусил еден постар Твилоанец.

Бидејќи, додека другите се обидувале да откријат што е суштина на играта, момчето трагало по ретките настани. И, пронашол еден. Непосредно пред судијата да додели поен и едвај секунда пред публиката да скокне на нозе, овој Твилоанец забележал дек во мрежата на голот се појавува едно кратко испапчување. Фудбалот е игра со малку голови и можно е да се воочат само неколку такви испапчувања во текот на натпреварот. Сепак, момчето успеало да заклучи дека тоа имало полукружна форма - од каде дошло неговото откритие дека фудбалската игра се заснова врз постоење на невидлива топка (невидлива барем за Твилоанците).

Другите Твилоанци ја сослушале оваа теорија и бидејќи емпириските докази биле мошне тенки, дури по жустрата расправа можеле да заклучат дека момчето е во право. Еден постар член на групата - се покажало, нивниот физичар - напоменал дека понекогаш се многу поважни ретките настани отколку илјадниците секојдневни, обични.

Но, стварната копча бил едноставниот факт дека мора да постои топка, која од некоја причина Твилоанците не можат да ја видат - и тогаш сè се вклопува. Играта добива смисла Не само тоа - и теориите, дијаграмите, табелите и сето друго што Твилоанците го составувале цело попладне, станува важечко. Топката едноставно им дава смисла на правилата...

Леон Ледерман, чиишто родители се доселиле од Русија, е роден 1922 година во Њујорк. Денес се смета за еден од најважните експериментални физичари, а познат е и како „современиот Да Винчи“. Во 1951 година го одбранил докторатот по физика на Универзитетот Колумбија, а 1979 година станува директор на Фермилаб (Fermi National Accelerator Laboratory). Нобеловата награда за работа на неутрините и за откритието на мионскиот неутрино ја добил 1988 година (заедно со Мелвин Шварц и Џек Штајнберг). Бил и претседател на Американското друштво на физичари.

ОкоБоли главаВицФото