Мртва природа

17.10.2012 09:10
Мртва природа

Мојата Троја

Трагедијата уште спиеше
во камењата на градот:
мирно стоеја театрите
универзитетите и замоците
кулите-посматрачници музеите колонадите
стоковните куќи црквите
синагогите и кафеата
градските собранија и највисоките судови
фабриките и станбените блокови
депоата сениците и шупите
а помеѓу луѓето
талкаа како низ легенда
пред да се изговори последната реченица:
уште еднаш засветлеа
во старински сјај
за со мирисот на палеж да догоруваат
како што Касандра знаеше


Судбинска опомена

Пред да се појави онаа некогаш славна рака
за со пламено писмо -
беше урнат споменатиот ѕид.
Затоа кај нас ништо не се знае
за судбинската опомена која се однесува на некого.
Освен тоа многумина се испотепани
за да се заклучи: некој Валтасар бил тука.
Имало илјада ноќи, не само една ноќ
и секое броење врева го прекинувала:
но темнината тоа го направи.
Утредента Вавилон
како секој ден. Како нам за поруга.


Свест за историјата

Шушкав пергамент
фолијанти: во слоевите прашина
траги од стаорци, од нивните опашки
нежни отисоци од нивните нокти
желни за образование
тие ги голтаат складираните векови:
брзоплетиот стих на поетот
императивот на владетелите
китнестиот адјектив на проповедниците
крутите поими на филозофите
битието и ништото

неискоренливото

и грицкајќи ја побиваат
недопирливоста на духот
отпорот на зборовите
кои на крајот сепак
се претвораат во црнкаста ронка
наспроти сите лелекања
и наспроти добрата
хемиска заштита


Стариот господар

Меѓу нас е
слепиот патник
скриен под разни имиња.
Од облеката му испаѓа пепелта
на генерациите.

Тој доаѓа од далечното молчење
од своето ремек-дело
за и нас да нè придобие за тоа.
Уморен од постојаните маки
и своите јалови борби
го слушаш со одобрување
неговото ветување
на конечниот мир.

Човек е слаб значи
зашто спокојно да не ја прифати
својата слабост
а моќта
нему да се препушти?

Набрзо слепиот патник седи
зад кормилото
заповеда сега
и галијата плови кон вечерта
во мракот.


Монолог

Уште ме покажуваа
пожолтените бакрорези
во нежните фолијанти. Одамна
мојот опис исчезна
во мелниците за хартија. Зошто
веќе не се зборува
за мене? Зошто
сликата исчезна
од весниците? Дури сум
потисната и од сништата
на исчуканото мноштво. Одамна сум
заборавена
себеси самата толку туѓа што
веќе не знам
кој сум ни која сум била ни што ќе ми е
тој повез преку очите
што ќе ми терезијата што ќе ми мечот.


Малку надеж

Тишина
која обзема сè и секого
машини ја произведуваат
бешумни преклопи
клипови што не прават бука
Од бродските отвори таа струи
без видлив знак
Крикот на новороденчето
веќе не допира до мајката
Истрелите на одредот за стрелање
нечујни како
ноќен глас од животни
пред твојата врата

Тишина

Раката зад уво
чудна силуета
пред вечерното небо
така стоиш пред тишината
Твоето прашање се завршува полуизговорено
и без одговор дали кога било
пак на стариот начин
Земјата ќе зазвучи


Духовно отсутен

Стариот копнеж по светот
згаснат е. Бидејќи сега
сум кај тебе: величината ти е
пет илјади зелени метри
квадратни и те населуваат
птици
кртови глувци и други битија
што само ноќе лутаат наоколу:
пријатни призраци
моите нови господари
оти старите ги напуштив
и небрежно вршат власт.
Но на болката своја
верно ѝ служев
така што крилја ми даде
блескава и кревка
како крила на вилино коњче
чиешто враќање
залудно овде се очекува.


На мостовите

Водите се
заматија. Не ги носат веќе
нашите сништа.
Стварноста
старица
сечија мајка
седи немо и беживотно
крај кујнската маса пред шареното цвеќе
на мушамата и размислува.
Се нашла
во изгнанство
протерана со обични фикции
а не знае како.
Нејзе ѝ останало троа невиност
не поголема од парче сапун
за перење раце
на класичен начин.


Стареење

Светот е
изморен како
стара мачка со шугаво крзно
со поглед слеп
уморно својата судба чекајќи ја
за која
ништо не знае.

Зад прозорецот
во паѓачкиот сјај на краткотрајниот ден
очите се затворени
уморно и потонато
телото.
Секој здив
ја одведува потаму
каде
сништата не одат.


Ноќ

Во некои ноќи
сонот ме носи
како вода
од бран до бран.
Дека луѓето на умирање врискаат
со неприродно висок глас
тоа самиот го немам чуено
цивкотот
и дека прегазените често крварат
од носот и устата
кога ги фотографираат.
Секојдневно исчезнуваат милиони
кои никој не ги познава
без ракувања и простувања
меѓу завештението на новите милиони.
Доволна е веќе една ноќ.
Доволни се неколку мрачни часови.
Помеѓу исчезнатите куќи
и небично препознатливите урнатини
нозете одново ми наоѓаат
цврсто тло
пред веднаш да се разбудам во потполн мрак.


Поглед на огледалото

Од поцрвенетите агли
се шири крвава мрежа
околу безбојниот ирис
белката веќе малку пожолтела:
колку подолг поглед
толку понепознат: не ми покажува
кој сум
Моето око не дава известување
само солзите би
знаеле одговор да не беа
одамна емигрирани

Биди ти моето огледало
голо и вистинито
лишено
од стаклестата глаткост

Врати го мојот поглед
пред да
исчезне
зад твоите очни капаци


Залуден обид

Покрај сите земски маки
уште и оваа: зборот да не се најде
Мозокот со немост задушен
Погледот свртен и нанадвор насочен:
редови од прозорци-квадрати
како нерешлив крстозбор

Прстите случајно ја пипаат
граѓата
од која е светот направен
евтин материјал
ништо за вечност:
ни месо ни крв
ни зглобови ни жили
дури ни блескавата хартија
полна очекувања полна закани
да те заборави
зарем не ѝ го даваш зборот
што ти недостасува

Избор и превод: П. В.
Слики: Scott Hunt


Гинтер Кунерт (1929) е германски писател, еден од најзначајните во втората половина на дваесеттиот век. Пишува поезија и проза. Збирки: Знаци на патот и натписи на ѕидот (1950), Под небово (1955), Дневните работи (1960), Честитата песнарка (1961), Сеќавањето на една планета (1963), На пат кон утопијата (1977), Мртва природа (1982) итн.

Други песни од Кунерт на Окно може да прочитате овде

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото