Химна за жените од граѓанската класа

02.02.2015 04:31

Пресврт

Од денес веќе нема своите стари писма
уредно да ги редам меѓу лошите писатели
главата додека мислам
веќе нема да ја закачувам на закачалка
ниту ќе јадам креда. Овде се стапките
во ланскиот снег, заборавате ги
нема веќе да кашлам со придушувач
не ми е веќе фино да го разредувам
своето мастило со пастеризирано млеко
веќе нема да чучам во гнездо ни да ги кријам
крилјата, за вие да можете да верувате
дека сте ми ги поткастриле. Празниот кафез
слободно ставете го во историскиот музеј
оддел Човек, женски.

(1977)

Химна за жените од граѓанската класа

Ох, таа скротена убавина на жените
од граѓанската класа. Неповторливиот
пад на нивните фустани. Нивниот зауздан начин
на кој одат нога пред нога и никогаш
ни чекор назад.

Ох, тие треперави кадрици
околу нивните слепоочници и уши, тој ред
што изгледа речиси случаен во нивните куќи
тие урамнотежени реченици што ги изговараат
кога за нешто се запрашани.

Ох, нивното зналечко смешкање на детските
лудости, нивниот пристоен но отсечен
тон за чистачката, нивната мала радост
кога евтино ќе го купат свилениот шал кој
изгледа скапо.

Ох, нивното светлечко црвенило на ноктите,
тивките месечини на прстите на кои ништо не гори
нивното децентно црвенило на усните, нивното
постојано црвенило на ножните прсти, што веќе наутро
свети за навечер.

Ох, нивните вкусни, добри оброци
сервирани на вкусни чинии
нивните чаршафи, лустери, свеќници
сребро, брусени чаши, рустикален прибор
за салата да не заборавиме.

Ох, таа жарка желба за припаѓање
желба благо свитканиот нос секогаш да се бутне
во вистинското нешто, фините марамчиња
мирисите, грижливо избрани за секоја
ситуација и расположение.

Ох, нивните портокалови стебленца и азалеите
нивните памучни кошулки, свилените блузи
кашмирските џемпери, скијачките облеки, кожните јакнички
нивните зеби и ангорски мачки и
гробот на пудлицата в градина.

Ох, и нивниот притаен копнеж меѓу нозете
нивните естетски воздишки, збивтање, потење, целото
грижливо негувано препуштање и сите обиди
уште еднаш на подобро да се промени изгледот
во фризерница.

Ох, нивните настапи на меланхолија, радост
нивните осамени мисли кога мажот
е уште на службен пат или другаде
нивниот страв при најмал шум
во ноќната тишина.

Ох, нивните љупки мали вечери
на светлина на свеќи, нивното безгрешно чувство
кој им одговара, а кој не, способноста
да се прилагодат, слушаат, учествуваат во разговор
за сè.

Ох, нивната снага што полека се губи, паниката
поради празната куќа, пораснатите деца
нивните оправдани сомнежи во верноста на сите
нивното разболување во замрачена соба
среде бел ден.

Ох, и секогаш одново саморазбирливоста
со која уште еднаш стануваат, седат помеѓу
сите столови, ги стегаат забите, ги тресат
рацете како сè да е како и секогаш,
порано и сега.

(1977)

Избор и препев: П. В.
Фотографии: Julie Blackmon

Урсула Кречел е германска писателка и поетеса родена 1947 година во Трир. Од 1966 до 1972 година студира Германски студии, театар и историја на уметност на Универзитетот во Келн. Потоа се сели во Дортмунд, а сега живее и работи во Берлин. Има објавено петнаесетина поетски книги, шест прозни книги (романи и раскази), четири книги со есеи и литературна критика, како и шест драми. Добитничка е на бројни книжевни награди.

ОкоБоли главаВицФото