Како денес живеат поетите

29.01.2015 13:00
Како денес живеат поетите

Авантура со поезијата

Кога го охрабрив Гете да влезе
беше веднаш за
Додека се возевме
сакаше сè точно да знае
го пуштив малку да даде гас
и тој се продра: „Кон слободата!*“
и ја заплеска командната плоча
Го свртев радиото до даска
тој ја провлече раката
го искорна бришачот
и тогаш пројуривме низ селото
преку патеката сè до нивата
каде што смеејќи и кричејќи
се извлековме од машината

(*Ins Freie! ‒ од „Фауст“ на Ј. В. Гете)


Како денес живеат поетите

По читањето биографии, расправите
за поети напишани од љубители
на стихови, често се прашувам како поетите денес живеат
и што прават кога не пишуваат песни.
Како чирак бев прочитал дека поетите
пред првата светска војна завршувале в лудница
или дека употребувале само најдобар парфем.
Се опијанувале со сопствените зборови, а не со пиво како
моите другари и општо биле полни со таинствени
совети. Носеле домашни наметки од свила и за
секој посетител имале подготвено досетка.
По втората светска војна одбиле
да носат кравати, но досетките останале.
Во фирмата ќе шмугнев во веце и стоечки
ќе пишував песни за бокс-мечеви, панаѓури
и под мост загубени љубови.
Бев плаховит како моите пријатели. Навечер
заминувавме во крчми и се налевавме
до даска. Беше страшно, мислам,
беше убаво. Саботите игравме фудбал
а после одивме в крчма.
Ниеден од моите пријатели не стана поет, а
сите станаа поумни. Сега се гледаме
на демонстрации, после одиме
в крчма. Пиеме повеќе од порано, но
можеме повеќе и да поднесеме. Веќе не сме
плаховити, жените седат со нас по масите и така,
по четвртото или петтото пиво,
често се прашувам, како поетите денес живеат
и што прават кога не пишуваат песни.

Избор и препев: П. В.
Фотографии: Nicolas Bruno

Јирген Теобалди (1944) е германски поет и писател кој живее во Швајцарија. Првите обиди во литературата ги прави за време на студиите во шеесеттите години, кога пишува поезија што го одразува секојдневието, за потоа да експериментира со строги, традиционални форми. Неговата проза се одликува со силна автобиографска обоеност. Автор е на дваесетина книги, повеќето од нив поетски, за кои добил неколку важни книжевни награди.

ОкоБоли главаВицФото