Колку е лесно да станеш предавник во земјава

27.10.2012 09:47
Колку е лесно да станеш предавник во земјава

Важно е да се викаш Хајдук.

Последниве денови на социјалните мрежи (и надвор од нив) се водат бурни полемики околу фамозниот кредит кој му е одобрен на Хајдук. Од една страна се оние на кои во сите расправи во врска со опстанокот на клубот најуверлив аргумент им е тоа дека Хајдук живее вечно, а од друга страна се оние кои веројатно се прашуваат каква е смислата на вечниот живот на еден фудбалски клуб во ситуација кога сè околу него е - мртво.

Нема трета опција

Читајќи ги сите оние жолчни коментари, човек не може да не помисли - боже, колку е лесно да станеш предавник во оваа земја. Полесно отколку во која било друга земја во светот. Со други зборови, за или против кредитот на Хајдук, одеднаш станува за или против Сплит, Далмација, Хрватска, фудбалот, спортот воопшто, здравиот дух во здраво тело и љубовта и мирот во светот. Нема трета опција ниту трети квалификации.

Страсните навивачи на Хајдук, ми се чини, ни во сон не ја признаваат можноста дека меѓу оние кои се противеа на кредитот има, види чудо, луѓе кои исто така навиваат за истиот тој клуб. Станува збор за луѓе кои, на пример, се родени и пораснале во Сплит, па навивањето за Хајдук им било природно и логично, дури и ако не им било толку гајле за фудбалот како таков. Можеби тие никогаш не палеле факели на стадионот на Хајдук, ниту ѕидовите во собите им се изналепени со постери од играчите на Хајдук, ниту на надлактицата им е истетовиран грбот на Хајдук. Тоа е група невидливи навивачи за кои навивањето за Хајдук се подразбира како штетањето по сплитската ривиера во недела на пладне. Тоа се луѓе кои тивко припаѓаат. Се радуваат на победите на Хајдук, жалат над неговите порази, исто како што се радуваат на успехот или жалат над неуспехот на кој било клуб или поединец кој ги брани боите на нивниот град. Добро, не се фанатични во тоа, но далеку од тоа дека им е баш сеедно.

Што е ова, некоја сплитска дефиниција за љубов?

Ете, таквиот вид луѓе последниве денови се прогласени за предавници на својот род, а според онаа стара добра: „Кој не го сака Хајдук, не го сака ни Сплит“. Што е ова, некоја сплитска дефиниција за љубов? Мене ми звучи како уцена. Впрочем, кој е тој што може и смее да си земе за право да ја мери количината на нечија љубов кон што било, па така и кон градот во кој некој живее? Што тоа кфалификува некои луѓе да ја мерат мојата љубов кон Сплит? Тоа што ги знаат сите зборови од химната на Хајдук, палат факели, се замотуваат во некакви шалови и имаат фиксација на белата боја? И што ако, да речеме, ја превртиме работата, па утврдиме: „Кој не го сака Сплит, не го сака ни Хајдук“, а притоа критериум за сакање на Сплит да биде количината на социјална ангажираност и чувствителност кога е во прашање економската слика на градот? Зарем тогаш не би испаднало дека Хајдук го сакаат токму тие луѓе кои се противеа на неговото „спасување“? Е да, ова станува замрсено.

Стеблото на кое се закачуваат сите тие трогателни симболи на љубов и припадност

Мислите дека треба прилично да се полемизира за тоа што всушност значи да се сака својот град? Во што е разликата помеѓу „предавниците“ и оние кои тоа не се? Можеби во тоа што тие предавници гледаат малку поширока слика. Можеби во тоа што тие луѓе, во ситуација на општо морално, економско, културно и друго пропаѓање на градот Сплит, одобрувањето кредит за опстанок на Хајдук го доживуваат како чиста гротеска. Впечатокот на гротеска го засилува спектакуларниот театар изведен околу одобрувањето на тој кредит во Градското собрание. Сенариото беше во стил: „Малку нема да ви одобриме, па малку ќе ви одобриме, па после ќе испаднеме спасители на Хајдук, симболот на градот Сплит...“ Молам? Симбол на што? Ако Хајдук е симбол на Сплит, а Сплит веќе со години само тоне, тоне и тоне... тогаш Хајдук е симбол на едно тажно и темелно пропаѓање.

Ако Хајдук е стеблото на кое се закачуваат сите тие трогателни симболи на љубов и припадност, тогаш би можело да се каже дека загрижените навивачи на Хајдук од стеблото не ја гледаат шумата. Стои така тоа стебло на Хајдук, а околу него опустошена шума, никаде ништо, само остатоци од некогашните високи, силни стебла со богати крошни. Стои така, ете, среде пуст и оголен терен, тоа стебло на Хајдук, на гробиштата за стебла чии имиња се помалку атрактивни од Хајдуковото - па нивната сеча беше дозволена, проследена со молчење, формално сочувство и слегнување со рамениците.

Онаа друга група навивачи, која навива за опстанок на сите оние фирми кои хранеа илјадници сплиќани, ја изгуби својата битка. Нивните натпревари се завршени, со пораз на домашен терен, главно без продолжение.

Во таква ситуацаија можеби торцидашите би требало да сфатат дека оние кои беа против кредитот автоматски не го мразат Хајдук, а уште помалку се луѓе кои не го сакаат својот град. Само работите на листата на приоритети им се малку поинаку распоредени.

Рамнодушноста живее вечно

Во меѓувреме, треба да се признае, на армијата невработени, отпуштени, гладни, заборавени и пречкртани сепак ѝ останува некој вид вечност. Онаа во која ќе чекаат некој поради нив пред зградата на Градското собрание бесно да запали повеќе од сто факели. Рамнодушноста кон нивната судбина и судбината на градот би можела лесно да биде единственото што ќе живее повечно од саканиот клуб.

Извор: danas.net

Слични содржини

Балкан / Спорт
Општество / Свет / Спорт
Општество / Балкан / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Европа / Спорт
Живот / Спорт

ОкоБоли главаВицФото