Човек како Турам

18.07.2018 00:33
Човек како Турам

Лилијан Турам

Во продолжение на срцепарателните размислувања за реалноста на денешниот фудбал и пред финалето на Светското фудбалско првенство, натпреварот помеѓу Хрватска и Франција, му посветувам неколку редови на Лилијан Турам, човекот кој пред дваесет години даде два пресудни голови, кои Хрватите ги одвоија од финалето. За мене Турам остана нешто како последен романтичар на фудбалот, во контекст на спортист и борец за социјална правда.

Повеќето спортисти денес се сосема индиферентни кога се во прашање политичките и социјалните проблеми со кои се соочуваме, без разлика дали тие се локални или глобални. Речиси е невозможно да се пронајдат мејнстрим спортисти кои се подготвени отворено да ги изнесат своите ставови за горливите прашања на нашето време. Сведоци сме само на повремени, мали моменти, кои тогаш – навикнати на толку малку – ги воздигнуваме до небото. Но, тие остануваат горко-слатки, се чинат пресметливи и осмислени на начин кој нема премногу да ги размрда нештата.

Фудбалот, огромна индустрија каква што е, светското првенство, популарно какво што е, се ретки платформи преку кои може да се допре до милиони луѓе на начин на кој инаку едноставно е невозможно. Има толку проблеми кои постојано нè притискаат и ме преплавува тага додека чекам еден беден гест на солидарност од некој фудбалер за време на ова Светско првенство.

Затоа го повикувам духот на Турам, последниот романтичар. Во денешниот фудбал ни требаат повеќемина кои би биле Луѓе како Турам.

Во 1998 година јасно го запаметив неговото лице. Кога Франција ја победи Хрватска, а Турам токму во тој полуфинален натпревар ги даде единствените два гола за репрезентацијата, се чинеше дека на сите во оваа наша мала земја им стана оној што им ги уништи соништата. Барем така беше во мојата мала средина.

А, мене ми беше симпатичен начинот на кој мирно комуницираше со својата среќа кога ќе дадеше гол, како и неговото име, кое ме потсетуваше на еден драг цвет и приближно тоа беше она што го мислев за него. Го оставив неколку години, а потоа од Парма со Буфон дојде во Јувентус, мојот најдраг клуб – и тука некаде почна да расте мојот интерес и љубовта за Турам, како прекрасен одбранбен играч и, ќе се покаже, прекрасен човек.

Турам е роден 1972 година, на малото островче Гвадалупе во Карипското море. „Островот со убави води“ Французите го колонизирале 1635 година и на него ги населиле африканските црнци кои работеле на големите плантажи со шеќерна трска која брзо станала главен економски ресурс. Моето семејство се издигна од ропството, ќе каже подоцна Турам.

Заради лошата економска ситуација, самохраната мајка на Турам, Маријана, го напуштила островот и се преселила во Париз во потрага по подобар живот. Тешката потрага за работа и неможноста паралелно да се грижи за синот, тогаш петгодишен, резултирала со тоа што го оставила кај роднините на островот. Четири години подоцна, кога ситуацијата била малку подобра, ѝ се придружил во главниот град.

Заради напорното секојдневно работење на мајка си, Турам поголем дел од времето поминувал играјќи фудбал на улиците на Фонтенбло, предградие во запуштениот југоисточен дел од Париз. Опкружен со деца кои биле мигранти од разни делови од светот и иако во оскудица, подоцна ќе раскажува дека никогаш не се чувствувал несреќно од она што доаѓало одвнатре од заедницата, туку дури во средбата со она надворешното, со перцепцијата на другите – за него самиот и за заедницата од која доаѓа.

Кога во 1998 година Французите се подготвуваа за првенството, Жан-Мари Ле Пен, таткото на Марин Ле Пен и тогашен челник на Национален фронт, коментираше дека воопшто не го препознал францускиот тим зашто има „премногу црнци“. Турам беше еден од ретките кои одлучија да не им посветуваат внимание на таквите пораки. „Не го избраа Бартез затоа што е бел, не го избраа Турам затоа што е црнец. Ги избраа двајцата зашто се Французи и зашто знаат да играат“, им порача тогаш на Ле Пен и на нацијата.

Тогашната француска репрезентација стана позната и како „рејнбоу тим“, а 1998 година бројни француски аналитичари го сметаа за значајно тоа што, заради фудбалот, во земјата тогаш за првпат се разговараше за прашањата за интеграција, проблемите на мигрантите во Франција и големите разлики во самата земја. Секако, длабочинската дискриминација и економската неправда во 1998 и фудбалот не ги решија магично.

Но, дали имаше нешто убаво и важно во тоа што национални јунаци станаа Лилијан Турам, црнец од омразено париско предградие, и Зинедин Зидан, по потекло Алжирец, а инаку од Ла Кастелан, презрена четврт од градот кој Франција го отфрла како рак на рана – Марсеј? Да.

Исто како што е важно тоа што денес, додека во земјата сè уште владее, како што пишува Грегори Пиеро, „страв од црната Франција“, француската репрезентација оди во финале на крилата на младиот Килиан Мбапе, чиј татко е од Камерун, а мајка му е Алжирка. Но, самото тоа и не е единственото важно, важно е и она што фудбалерите сами ќе го направат со него.

Во таа смисла Турам е речиси исклучок во овие модерни фудбалски времиња, во времиња во кои активизмот и најпопуларниот спорт станаа никогаш подалечни. Турам остана човек од збор – секогаш повеќе отколку човек од фудбалот и фудбалското его. Да се гледа Турам активистот е исто како да се гледа Турам играчот – навидум едноставен стил, игра истовремено ладно и лесно, решителен одбранбен играч што знае да нападне, кој, накратко, никому не се извинува што постои на начинот на којшто постои.

Откако Франција го освои Светското првенство 1998 година, му се јавил таткото кој никогаш не се грижел за него. „Изненаден сум од однесувањето на тој човек, кој навистина е мој биолошки родител, но не ми е татко. Мојата концепција за татковството се разликува од неговата. Таткото мора да го одгледа својот син. Таткото мора да му дава совети. Таткото го пробива патот за своето дете. За мене, сето тоа го направи мајка ми“, прокоментира Турам одбивајќи да стапи во контакт со татко му.

Во 2005 година, за време на големите бунтови и нереди во француските предградија, Турам зазема позиција против Никола Саркози, тогашен министер за внатрешни работи, кој ги окарактеризира бунтовниците од предградијата како „шљам“, кажувајќи дека Саркози и нему сличните никогаш не живееле во предградие. „Ако луѓето од предградијата се шљам, тогаш тоа сум и јас. Вистина е дека постигнав успех како фудбалер, но тоа е мошне исклучително и мошне ретко. Повеќето деца во предградијата немаат излез и затоа се насилни. Не го оправдувам насилството, но го разбирам“, истакна тогаш.

Една година подоцна, на 80 мигранти бездомници, кои по наредба на Саркози беа исфрлени од просторот во кој живееја илегално, им се јави Турам и ги донесе на фудбалскиот натпревар помеѓу Франција и Италија.

„Реалноста е дека во моментов живееме во општество кое лесно прифаќа дека илјадници луѓе умираат на Медитеранот само затоа што се во потрага по подобар живот“, вели денес Турам. Во 2008 година Саркози му понуди да биде министер за различност во Владата. „Од очигледни причини, морав да ја одбијам понудата“, рече.

Во ноември 2011 година во парискиот Musée du quai Branly ја претстави изложбата Човечки зоолошки градини: како настана дивјакот. Изложбата ја следеше практиката на користење колонијални субјекти како експонати во зоолошките градини и емисиите за „изроди“, а материјалот беше разновиден – од парадата на бразилските Тупинамби „дивјаци“ за кралскиот влез на кралот Хенрик Втори во 1550 година во Руен до последниот „жив спектакл“ – селаните од Конго кои во 1958 година ги изложиле во Брисел.

На улиците на Париз, Турам маршираше за да ја изрази својата поддршка за ЛГБТК заедницата, истополовите бракови, како и за правото на истополовите бракови да посвојуваат деца. Често нагласува колку нашите општества се затруени од патријархатот и ги поддржува феминистичките напори. Зборува за климатските промени, за неправедноста на економскиот систем во кој живееме.

Основаше фондација, чија цел е – едукација против расизмот. Напиша повеќе книги за расизмот и последниве години патува по училиштата ширум земјата, ги подучува децата и истакнува дека она што го прави денес е многу поважно од фудбалот. Но, фудбалот и натаму го користи како пример со кој ја илустрира борбата.

„Кога бел фудбалер би го напуштил теренот кога ќе се случи расистички чин, работата ќе се реши мошне брзо. Бидејќи фудбалот е бизнис – луѓето многу брзо ќе пронајдат решенија во тој случај. Но, проблем е што секогаш мислиме дека само жртвата е таа што треба да се крене“, вели во неодамнешниот разговор за Индепендент.

Не е случајно што еден од примерите му е американскиот спринтер Томи Смит. На Олимписките игри 1968 година, Смит и Џон Карлос за време на доделувањето на медалите протестираа против загрозувањето на човековите права на црнците во САД, а им се придружи второпласираниот Австралиец Питер Норман, белец. Во моментот на добивањето на најголемите спортски почести, ја избраа борбата.

Затоа беа исвиркувани, критикувани заради „мешање во она што не е нивна работа“, заработија казни, добиваа закани со смрт и многу брзо ги завршија своите атлетски кариери. Но, високо кренатите раце во воздух на Смит и Карлос ги забележа историјата, како и поддршката што им ја пружи Норман. Со истите тие раце, кога во 2006 година почина Норман од срцев удар, на погребот го носеа неговото тело.

13.07.2018

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото