Добро кафе, жена и мир

29.10.2012 09:06
Добро кафе, жена и мир

Иако режисерот и повремен глумец Вуди Ален за помалку од еден месец ќе наполни седумдесет и седум години, не размислува за пензионирање. Напротив, има детално разработен план за тоа што уште сака да постигне во кариерата.

За почеток, желба му е да сними барем уште една сатирична комедија, а потоа ќе се обиде и со трилер. Колку што ужива во снимањето филмови, толку ужива и да глуми во нив. Во романтичната комедија „На Рим, со љубов“, глуми во друштво на Пенелопе Круз и легендарната Џуди Дејвис, а на сетот за време на снимањето одлично се забавувал и со големиот пријател Алек Болдвин. За тоа каде се гледа за пет години со сопругата Сун-Ји Превин, на кој начин ги воспитуваат дванаесетгодишната ќерка Бечет и тринаесетгодишната Мензи, зборува во ова интервју.

Имаше ли моменти во кариерата кога сакавте да се откажете?

Не се откажувам лесно од луѓето или нештата што ги сакам. Сум соработувал со генијални луѓе, но понекогаш во неподносливи услови. Еднаш работев со три кинески сниматели кои не знаеја ниту збор англиски. Каков професионалец би бил ако се откажам штом се појави првиот проблем?!

Како се снајдовте во конкретната ситуација?

Објаснував со раце и нозе. Им цртав на хартија. Освен тоа, научив неколку кинески зборови, така што тоа беше интересно искуство. Вистината е дека сето тоа траеше многу подолго отколку што планирав, но на крајот се исплатеше. Во оваа работа најважни се креативноста и снаодливоста. Се плашам дека луѓето кои не го поседуваат тоа се осудени на пропаст.

Неодамна изјавивте дека тешко излегувате на крај со дванаесетгодишната ќерка Бечет и тринаесетгодишната Мензи. Што ви претставува најголем проблем во нивното воспитување?

Неретко се однесуваат како да им е дозволено да се однесуваат грозно само затоа што се во чувствителни години. Нивното однесување понекогаш ме излудува. Често се прашувам каде изчезнаа среќните времиња, кога тие девојчиња зависеа од мене, кога се забавуваа по цели денови и ноќи. Сега тоа се невозмони примадони кои ми ја пијат крвта со цевче. Пријателите ме уверуваат дека тоа е само една фаза во нивниот живот и дека ќе помине брзо, но ако продолжи уште неколку години, мислам дека ќе завршам во лудница. За нив сум лузер кој ги гњави, што во неколку наврати и отворено ми го кажале.

Во една прилика рековте дека сте фасцинирани од својот нов дом. По што е посебен?

Секогаш живеев во големи и студени куќи, во кои неретко и се губев. Секогаш сакав да се дружам со пријателите, често се собиравме кај нас само за да ја пополнам куќата и во неа да внесам малку топлина. Кога се преселивме на Менхетен со семејството, се преродивме. Живееме во преубав стан кој е уреден во англиски и американски селски стил и во него се чувствува позитивна и топла енергија. Претсобјето ми е омилено место во станот затоа што е исполнето со уметнички дела и книги, па често застанувам таму и читам парче добро четиво.

Во филмот „Полноќ во Париз“ соработувавте со сопругата на поранешниот француски претседател, Карла Бруни Саркози. Многумина го критикуваа тоа...

Сакам харизматични жени. Често бев опкружен со жени за кои сите мислеа дека се генијалки, музи, диви, а всушност тоа беше само нивна маска. Длабоко во душата беа исклучително несреќни, а таквите личности не можат да зрачат позитивно. Научив да ги разликувам таквите жени и сега, на моја голема жалост, знам да ги детектирам. Карла има генијална енергија, но недоволно искористена. Тоа е нејзиниот најголем проблем.

Важите за голем шармер и заводник. Кој е најголемиот комплимент кој ви го доделила некоја дама?

Кога станува збор за тоа, никогаш не сум бил одбиен. Мојата преубава Дајана Китон во една прилика на сите медиуми им раскажа дека кога бевме заедно сум имал совршено тело и сум бил исклучително згоден. Кога ги гледам нашите фотографии, почнувам да се смеам, затоа што можам да бидам апсолутно сè, но никако згоден маж. Можам да бидам харизматичен, шармантен, талентиран и духовит, но никако строен и згоден. Тоа им го оставам на високите, маркантни типови.

Останувате ли во добри односи со своите поранешни љубови?

Се трудам. Не сум единствен кога станува збор за тоа. Не правам нагли резови, не сакам да се карам, а длабоко во душата мислам и дека не знам да мразам. Го немам тоа во себе и среќен сум поради тоа. Пријателите често ми велат дека сум премногу мрзлив за да мразам некого. Тоа е всушност еден од моите најдобри квалитети.

Дали долгогодишната работа со луѓе ве научи да знаете да ги разликувате добрите од лошите?

Живееме во ненормални времиња. Се ценат потполно погрешни работи. Ако станам претседател на некоја држава на само еден ден, прво би наредил да се откријат злобните луѓе и да се сместат на еден посебен остров. Ме натажуваат нечесните луѓе и оние кои го трошат животот на измами и калкулации, најчесто оние лоши, и воопшто не сакам да размислувам за таквите луѓе. Колку и да се обидувам да се изолирам од негативната енергија и лошите луѓе, секогаш ми се вовлекуваат во животот како некакви мали паразити. Но, за среќа, имам нос за нив, па брзо ги торпедирам кај што им е местото.

Каде се гледате за пет години?

Во друштво со сопругата Сун-Ји, седиме во самиот центар на Рим, ги набљудуваме луѓето и уживаме. Едноставен човек сум, никогаш не ме фасцинирале парите, куќите, автомобилите. За среќа ми се потребни добро кафе, жена и мир.

Извор: story.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото