Таблица перваја

19.12.2012 09:42
Таблица перваја

1. По законот на месото, можеме да го сфатиме само животот, не смртта. Затоа е оправдана надежта и секоја оптимистичка илузија.

2. Космосот се крепи на дуализмот и од него зема внатрешна сила. Ден и ноќ. Лето и зима. Добро и зло. Вечна борба без крајна победа и без краен пораз.

3. Во два следа се врти и историјата: по периодот на цицање крв со памук следи период на пуштање крв со нож.

4. Грабежот е неизоставна составка на економската дејност во така изделените етапи. Економските системи можат да бидат подобри или полоши, но нема економски систем ефикасен само по себе, без да е во него вграден грабежот. Мит е дека богатиот, цивилизираниот Запад е создаден само со труд.

5. Во така изделените етапи, успешните протагонисти на релативната стабилност тврдат дека економијата решава сè, додека демонските природи се потсмеваат на тоа, подготвувајќи се, во смената на историските периоди, да го пљачкосаат тоа што сме го спечалиле.

6. Има историски релјеф. Кај што текла вода, пак ќе тече. Се менуваат ознаките, а се перпетуираат привилегиите. Важно е да не бидеш доследен, а да не плаќаш данок, како што плаќа рајата. Формите се менуваат, суштината останува. Затоа најмалку обнова, во смисла на активирање на трудот, има во региони со стара државност, во кои привилегиите се вкорениле подлабоко, отколку во периферните области на светската историска сцена.

7. Препорака. Поради законот на месото, оптимизмот значи подобар избор од песимизмот. Сè е загубено без верата дека човештината сепак може да си создава поширок простор. Тоа би значело безусловна капитулација на духот. Тоа не го допушта дуализмот што го проникнува космосот. Има смисла во Сизифовата работа. Дали сме доволно свесни дека понекогаш руините, и по својата убавина, нè импресионираат повеќе од зачуваните градби?

Еден од последните текстови што Блаже Конески ги има дадено за објавување, и кој излезе (во „Културен живот“, бројот август-декември 1993 година) по неговата смрт, е истовремено и најнеобичниот текст што сме го читале од него. Под наслов „Таблица перваја“, распоредени се седум кратки прозни делови, напишани во еден лапидарен, сентенциозен облик.

Под текстот како место и време на создавање, и како име на авторот стои: Скопје, марта 1851 лето. Јордан Хаџи Константинов Џинот.

Но, под тоа следи забелешка со друг слог чиј наслов е: Исповед на еден мистификатор. Таа гласи: „Овој текст го напишав јас едно попладне во март 1993. На Џинот сум му благодарен што ми ја позајми формата. Решив да не брзам со објавувањето и само неколку копии поделив меѓу своите пријатели, со забелешка под текстот: Соопштува Блаже Конески. Видов дека некои од нив не ја откриле веднаш играта, зашто ме прашуваа во какви околности можел Џинот да се искаже на ваков начин. Сега, кога се решив да ја објавам оваа таблица, не би сакал да ги доведам во иста ситуација и некои од читателите. Затоа сметав дека треба да го приложам ова објаснение.“

И потоа следи потписот на авторот: Б. Конески.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото