Годишен хороскоп за 2013

07.01.2013 09:23
Годишен хороскоп за 2013

ОВЕН

Оваа година во вашите животи може да се случат разни промени, особено во втората половина од годината кога може да се случи нешто што целосно ќе ви го промени животот. Сепак, на некои припадници на знакот нема да им се случи ништо посебно.

Годината ќе биде поволна за патувања и екскурзии, особено за тие што имаат повеќе пари. Оние кои ќе патуваат во март, јули и септември, со леснотија ќе можат да прошверцуваат хероин преку граница, поради поставеноста на ѕвездите и планетите, што прави цариниците да се однесуваат како паднати од Марс.

На љубовен план, среќа ќе ги следи сите што сакаат да започнат врска преку интернет. Совет: поштедете се од излегување во кафулиња и клубови, вистинската љубов е на социјалните мрежи.

Среќни броеви во оваа година ќе бидат: 15, 11, 5 и 9, освен на гласачко ливче. Затоа, играјте лото и бинго.

БИК 

На биковите во 2013 сè ќе им оди како што треба, освен работата, љубовта и дружењето со пријателите, а можни се и здравствени проблеми поврзани со горната вилица и ножниот палец, како и повреди во козметички салон за време на депилација.

Биковите се тврдоглави, но понекогаш треба да попуштат и да облечат волнен џемпер во јули, само затоа што и’ студи на мајката или бабата.

На љубовен план не треба многу да се трудите, освен да го намалите бројот на погрдни зборови упатени кон партнерот. Но, ниту на биковите што ќе успеат во тоа, среќата во врската не им е загарантирана, затоа што ѕвездите се ептен за никаде.

Вработените слободно може да дадат отказ, а првиот период од годината е поволен за барање иселеничка виза.

Среќни броеви во оваа година ќе бидат: 4, 7, 12, 22, 33, освен на гласачко ливче.

БЛИЗНАЦИ 

Ако живеете во Македонија, 2013 дефинитивно нема да биде ваша година. Работите ќе се влошуваат во секој поглед. Климата нема да биде поволна за основање бизнис, но среќа ќе имаат близнаците кои сакаат да основаат сопствена секта.

Некои припадници на знакот ќе сфатат дека нема љубов, и навистина ќе останат сами, затоа што најчесто тоа се случува со негативно настроените намќори на тоа поле.

Што се однесува до здравјето, постои опасност од психички проблеми, ако редовно ги следите вестите на националната телевизија.

Среќни броеви: 13 (освен, нели, на гласачко ливче)

РАК 

2013 ќе биде одлична година за раковите што се занимаваат со везење гоблени. Најверојатно ќе се појави пијан милијардер што ќе го запознаете во кафеана, што ќе ви ги откупи сите везови за огромни пари, дури и оние со многу грешки, под услов да спиете со него.

За жал, тоа е се’ што ќе ви се случи на љубовен план.

Здравјето ќе ве служи одлично. Ако живеете во поголем град, носете гас маска и сè ќе биде во ред.

Среќни броеви: нема

ЛАВ 

Годинава ќе ви помине во знакот на сопнувањето на улица и удирањето со глава во некој нов споменик. За среќа, ќе поминете без сериозни повреди. При едно од паѓањата/удирањата, можно е да се појави партиски војник кој ќе ви подаде рака и ќе ви понуди членство во неговата партија. Зад тоа не се крие ништо добро и одлучно треба да кажете НЕ.

Во љубовта ќе настојувате да ја одржите среќата, а оние што се во брак, ќе се заљубат во брачниот советник.

И во 2013 гледајте да избегнувате идиоти кои немаат што да кажат и здравјето ќе го одржите во најдобар ред.

На работа - ко на работа.

Среќни броеви: сите со повеќе од две децимали.

ДЕВИЦА 

2013 ќе биде стресна и напорна, посебно за девиците што ќе сакаат да ја загубат невиноста. Тоа никако нема да биде лесно, па пожелно е оние почувствителните да заминат во манастир.

Втората половина од годината ќе биде најповолна за земање државјанство од друга земја. Поумешните може да се вратат како странски инвеститори и да заработат многу пари (под услов да се договорат како што треба со соодветните министри).

Здравјето ќе ги служи одлично девиците што ќе запалат свеќи пред седиштето на Црвениот крст. Кај останатите, можна е појава на психички проблеми, предизвикани од пречестото повторување реплики од синхронизирани тв-серии.

Среќни броеви: нема.

ВАГА 

Вагите во 2013 особено ќе се истакнат во прејадувањето и препивањето на семејни слави. Дури и оние со најдиетален углед ќе се опуштат и ќе уништат барем два ордевери пред себе. Поупорните на интернет ќе побараат натпревари во брзо јадење, а некои ќе имаат среќа и откако ќе победат, ќе бидат свечено пречекани на градскиот плоштад.

На работен план оваа година не ве очекуваат посериозни промени. Најдобро ќе им оди на оние што имаат маркетинг агенции и нарачки од владата.

Љубовта ќе ви го заврти грбот. Нема да бидете интересни за припадниците на спротивниот, ниту пак истиот пол. За вас најмногу ќе се интересираат вработените во МВР што ги прегледуваат снимките од камерите поставени на раскрсниците.

Среќни броеви: 13.

СКОРПИЈА 

Скорпиите треба да ја посветат 2013 на една единствена работа - чување од настинки. Препорачливо е да не се бањате цела година, за да не настинете. Можеби поради тоа ќе трпи вашиот љубовен живот и дружењето со пријателите, особено во летните месеци, но ништо не може да го замени доброто здравје.

Планетите и оваа година не се поставени поволно за вселенски туризам. Скорпиите што ќе патуваат некаде во земјата, нека патуваат сами со автомобил. Возењето со автобус ќе им предизвика непријатности, особено на оние што ќе го послушаат советот и нема да се бањаат.

Во љубовта, има најмногу изгледи за љубов со припадник на истиот хороскопски знак. Особено ќе бидат среќни скорпиите што ќе можат да ги споделуваат истите хигиенски навики со партнерот.

На работа, нештата ќе функционираат добро само кај оние што работат од дома.

Среќни броеви ќе ви бидат: М, S, XXL.

СТРЕЛЕЦ 

2013 ќе биде крајно неповолна година за стрелците со самоубиствени нагони. Секогаш кога ќе сакате да го прекинете сопствениот живот, ќе се се појави неочекуван спасител - ќе паднете врз тенда, гранки на зимзелено дрво, ќе се испијаните и ќе заборавате дека скокате од приземје... откажете се од таквите намери и соочете се со проблемите во животот. Или одложете ги суцидалните планови до 2014.

На љубовен план најдобро е да ги одбегнувате сите контакти. Новите познанства особено треба да ги избегнуваат почувствителните стрелци, за да не доживеат љубовно разочарување што ќе ги доведе до обид за самоубиство.

Работата ќе им оди добро на тие што ќе успеат да ја најдат.

Среќни броеви: римските.

ЈАРЕЦ

И годинава ќе мине во знакот на јарците-скулптори. Поставеноста на ѕвездите е слична како и пред неколку години и речиси е сигурно дека во ваша близина ќе бидат изградени многу нови споменици, така што нема потреба да се грижите за работата.

Здравјето ќе ве служи добро, но тие што ќе патуваат на Северниот пол нека се чуваат од настинки. Постарите од 102 години може да експериментираат со дроги. Тоа нема да претставува никаков проблем, зашто и онака не им преостанува многу живот.

Љубовта ќе ги следи оние што не живеат со родителите.

Среќни броеви: 29, 8, 19, 88, 45

ВОДОЛИЈА 

2013 е вистинско време за сите што сакаат да станат алкохоличари. Цените на познатите алкохолни брендови нема да бидат поволни, но домашните ликери и жестоки пијалаци ќе ги има насекаде, по прифатлива цена. Препорачливо е да пиете на јавно место, во друштво на поискусни пијачи. Најупорните ќе бидат прогласени за почесни членови на истото.

Работата ќе ви оди одлично, ако не станете алкохоличар. Љубовта нема да ви биде потребна, ако станете алкохоличар. Сè зависи од вас.

Годинава не ве очекуваат патувања подолги од неколку автобуски станици. Водолиите што ќе се возат без билет може да имаат проблеми со контролорите.

Среќни броеви: 24, 57, 2, 2а, 5 и приватна 19-ка.

РИБИ 

Позицијата на Венера во 2013 ќе предизвика рибите на секој чекор да ги демнат венерични болести. Затоа, сите припадници на знакот, без исклучок, треба да користат средства за заштита при сексуалниот однос. Тоа важи и за рибите што веќе имаат прославено 50-годишнина од бракот.

Поради споменатиот ризик, оваа година не мора да ставате особен нагласок на љубовта. Животот нуди и други задоволства. На пример, можете да се запишете на играорна.

Рибите со книшка од владејачката партија нема да имаат големи проблеми да најдат работа. Но, треба да имате и некакво хоби. Ако во слободно време гледате телевизија или читате весник, ограничете се на медиумите што не ја критикуваат власта.

Среќни броеви: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 0 (на далечинскиот управувач)