Астролог очаен што жена му се породила на погрешен ден

19.03.2013 12:51
Астролог очаен што жена му се породила на погрешен ден

Скопје, 19 март 2013

Астрологот Ѕвездан Гатаров од скопското село Јурумлери бил прилично бесен кога дознал дека докторот му ја породил жената во текот на вчерашниот ден, пет дена пред терминот кој го барал, дознаваат Пара вести.

Гатаров, чија што жена на свет донела здраво машко бебе, вели дека е очаен и дека планира да го тужи докторот Ангеловски од акушерското одделение на Државната болница кој го извршил породувањето.

„Терминот кој го барав од докторот беше 23 март во 16:30 часот, бидејќи тогаш Меркур влегува во петтата куќа, а сонцето е во знакот на Скорпија, што е идеална комбинација за деловни и љубовни успеси во животот. Вака, на 18 март во 14:20, кога се роди Ристе, констелацијата на планетите ја расипа конјункцијата на Месечината и Сатурн. Се плашам во што ќе се претвори моето дете“, вели бесниот Ѕвездан за Пара вести.

„Неколку колеги астролози ме советуваа да почекам Ристе да порасне, па ако не биде успешен во животот, дури тогаш да го тужам докторот, но јас мислам дека баксузот поради погрешниот датум веќе се случува, бидејќи сопругата ми рече дека детето долго плачело пред да почне да го дои“, додава астрологот Гатаров.

Нашата позната режисерка и стручњак за астролошки предвидувања Јасна Видиновска вели дека праксата да се вработуваат гинеколози без предзнаења од областа на астрологијата доведе до тоа во Македонија денес да има многу неуспешни и нереализирани луѓе.

„Доволно е да ги погледнете денешните политичари и да сфатите дека и нив ги породил некој приучен гинеколог. Колку само мојата кариера би била поуспешна ако моето раѓање го извршел некој што внимавал дека токму тогаш Уран се наоѓа во дванаесеттата куќа“, вели Ѕвездан Гатаров.

Адаптирано од www.njuz.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото