Бебе убедено дека неговите родители се најубави и најпаметни

03.02.2017 02:09
Бебе убедено дека неговите родители се најубави и најпаметни

Скопје, 3 февруари 2017

Другарите на 14-месечниот Лука Стефановски од Скопје за Пара вести раскажуваат дека веќе не можат да ги поднесат неговите бескрајни приказни за тоа како мајка му и татко му се најубави и најпаметни на светот. Според нивните зборови, Лука смета дека мајка му и татко ми се нешто посебно и има потреба на сите да им објаснува колку се тие волшебни и неодоливи во секоја животна ситуација.

„Секој од нас ги сака своите родители најмногу на светот и понекогаш зборува за нив, ама никој не го прави тоа како Лука. Цело време нè убедува дека никој не е толку убав и паметен како тие. Постојано зборува како слатко се смеат, па колку му се симпатични кога ќе му кажат нешто и колку се паметни зашто го разбираат во сè, иако тој сè уште не знае да зборува убаво. Кога се обидуваме да му објасниме дека и нам ни се случуваат исти или слични работи, тој само одмавнува со главата и продолжува по свое. Понекогаш се прашувам дали тој е единственото бебе на светот кое има мајка и татко“, вели Јана, другарка на Лука.

Неговиот врсник Максим вели дека почнал да го избегнува поради таквите приказни.

„Немам веќе нерви да го слушам. Која тема и да ја почнеме, тој се враќа на приказната за мајка му и татко му и ни прераскажува што сè им се случило откако не сме се виделе. Отсекогаш таквите бебиња ми беа многу досадни, а што е најлошо, и Лука, додека бевме помали, коментираше дека не може да верува дека постојат бебиња кои се убедени дека баш нивните родители се нешто посебно“, изјави тој.

На молбата да ги коментира изјавите на своите другари Лука рече дека е изненаден од нивните реакции и дека радо ќе ни даде изјава откако ќе ни раскаже колку мајка му и татко ми биле неодоливи додека ги прскал со вода за време на вчерашното капење.

Извор: www.njuz.net