Дете им ја дупнало топката на чичковци што играле сервис

19.06.2013 11:14
Дете им ја дупнало топката на чичковци што играле сервис

Скопје, 19 јуни 2013

Вчера околу 16:30 часот во населбата Карпош 4, седумгодишниот Петар Старомалчев им ја дупнал топката на двајца средовечни мажи кои играле сервис на улицата пред неговата зграда. Веднаш потоа, тие го пријавиле случајот во полиција.

„Уште кога излезе од зградата, Петар изгледаше многу агресивно. Без збор ни се приближи, ја зеде топката, од џебот извади нож-скакулец и направи повеќе дупки на топката. Почнавме да бегаме, бидејќи се плашевме дека ќе нè нападне и нас“, рече 45-годишниот М.Д. кој е сопственик на топката.

Тој додава дека обично во населбата соседот на кого му пречи играњето сервис излегува на прозорец или на тераса и ги предупредува оние кои прават врева. Но, малиот Старомалчев веднаш стапил во акција.

„Главата ми ја пукнаа! Од нив човек не може да се одмори. И ве молам повеќе да не ме барате во време за одмор!“, изјави Петар во телефонскиот разговор за Пара вести.

Петар Старомалчев и порано ѝ е познат на полицијата по слични испади. Минатиот месец, тој нападна двајца пензионери затоа што прегласно ги спуштале фигурите врз шаховската табла, кога играле шах на клупа во близина на неговиот дом.