„Тоталитаризмот“ и „Источната уметност“ (4)

15.02.2013 09:23
„Тоталитаризмот“ и „Источната уметност“ (4)

Младен Стилиновиќ во 1984 година запишал: „Нема уметност без последици“.

Сакам да кажам дека полето на „источната уметност“ концептуално се формирало токму врз основа на тезата дека нема уметност без последици. Тоа е, ако веќе така сакате, теза на Брехт.

Дека нема уметност без последици, на крајот на краиштата била клучна теза на Гројс во Потполното уметничко дело Сталин, теза која сака авангардата да ја направи одговорна за „тоталитаризмот“.

Стилиновиќ во истото дело го напишал следното: прашањето е како да се манипулира со она кое манипулира со тебе. Тоа во целост се сложува со споменатото тврдење, изнесено во две години постариот манифест на Laibach Kunst, Umetnost in totalitarizem (Уметноста и тоталитаризмот): целата уметност е подложена на идеолошка манипулација, освен онаа која говори со јазикот на таа манипулација. Да се користи јазикот на манипулацијата како субверзија, значи да се прифати претпоставката дека уметноста има последици и да се однесува во склад со неа.

Меѓутоа, какви се последиците кога како јазик на манипулација субверзивно го употребуваме јазикот кој го дефинираме како јазик на тоталитаризмот?

Го субвертираме „тоталитаризмот“, меѓутоа, зарем тој „тоталитаризам“ не е некоја фантазија која ја произведуваме со својот „субверзивен“ дискурс?

Го повторувам прашањето кое веќе го поставив: што ако ситуацијата во осумдесеттите била таква за уметноста, што додека таа ја прикажувала својата субверзија во односот кон монструмот наречен „тоталитаризам“, пред сè, всушност се прилагодувала на новата општествена реалност, која настапила при преминот во капитализам?

Предлагам да согледаме еден крајно озлогласен пример, кој неодамна се етаблираше во институционалниот музејски простор, од гледна точка на субверзијата на „тоталитаризмот“ и тоа во музејот кој во моментов има најдесничарски ориентирана политика во Словенија. Мислам на плакатот на Новиот колективизам, „Ден на младоста“ од 1987 година, кој тогаш предизвика скандал, а дваесет години подоцна, во контекст на славењето на таканаречената „независност“, го прослави јубилејната изложба „Plakatna afera“, „20 let potem“ (Плакатна афера, 20 години подоцна) во Музејот на новата историја на Словенија. Ако не ме лаже сеќавањето, во таа прилика авторите на тој плакат во дневниот печат се фалеа со својот придонес кон таканареченото словенечко „осамостојување“, значи, демонтажата на социјализмот и разбивањето на Југославија. Кога шетам низ Љубљана деновиве, гледам многу плакати кои почнуваат да ја слават дваесетгодишнината од случувањата кои го забрзаа разбивањето на Југославија и таканареченото „осамостојување“. Започна времето на некритичко прославување на годишнините и тоа е убава можност за критичка рефлексија.

Работата во Словенија е општо позната. Момците победија на конкурсот кој го објави младинската словенечко-социјалистичка организација за изработка на штафета на младоста и визуелен материјал. Тие ја убедија и југословенската сојузна комисија за подготовка на свечености, во која беа и генерали на ЈНА. Меѓутоа, во материјалите подметнаа модифицирана копија на нацистичкиот плакат од Третиот Рајх на Рихард Клајн од 1936 година, делумно заменувајќи ги нацистичките симболи со југословенско-социјалистички, а делумно со словенечко-национални. (Во смисла на словенечкиот национализам, во тој момент, штафетата во раката на момчето кое ја носи беше во облик на нереализираниот словенечки парламент на Плечник. Заради тоа и без референци на нацистичкиот плакат, тоа би можеле условно да го разбереме како словенечки национализам, во смисла на сепаратистичкото истакнување на идејата за словенечката државност, која во тоа време била симболизирана со нацртот на парламентот на Плечник. Тој се појавил во 1991 година, по осамостојувањето, на првата словенечка марка . Во 1986 година во Париз, а потоа и во Љубљана, одржана е голема изложба за Плечник. Тоа било времето на неговиот „бум“, а тој детал во раката на младиот човек, кој се наоѓа на плакатот, бил истакнат со голема симболика.)

Момците го подметнале тој плакат и победиле на конкурсот. Наводно, тој многу му се допаднал и на воениот врв, но единствено Благоја Аџиќ имал извесни забелешки, во смисол дека боите не се доволно весели, живи, затоа што, како што знаете, младоста сака бои, меѓутоа, тие му рекле дека преовладуваат метални бои затоа што другарот Тито бил металец... И тогаш, наводно, се било во ред. Накратко, по таа приказна, генералите испаднале тотални кретени. Иако, потоа тие „кретени“ изненадувачки брзо откриле дека тоа е копија на нацистички плакат. Изненадувачки брзо, со својата уметничко-историска акрибија е откриен изворот на плакатот. Се случил скандал, во кој целата работа била третирана како симболички напад на државното уредување на СФРЈ (а посредно и на ЈНА), што на крајот на краиштата, тоа и била.

Марина Грижиниќ, на публиката од англиското говорно подрачје, тоа и’ го претстави на следниот начин:

„Новиот колективизам ги инвертираше нацистичките симболи и ги претвори во социјалистички: свастиката од оригиналниот плакат била заменета со ѕвезда“ итн. Најциничното нешто во сето тоа не била инверзијата на симболите, туку, како што било поентирано во бројните анализи, потполната идентификација на федералното жири со визуелната идеологија на плакатот. Најпрвин, федералното жири, како најмеродавно, го избрало плакатот, кој бил обликуван од страна на Новиот колективизам. Кога било откриено нивното видување на комунистичкиот имагинариум, преоблечен во нацистички симболизам (споменатиот бил опсцено и скриено дополнување на првиот), владејачката комунистичка машинерија се обидела, иако безуспешно, да ја одведе групата в затвор.

Меѓутоа, сепак треба да се истакне следното: суштински, никому не му се случило ништо лошо, освен на Драган Живадинов, кој по аферата бил повикан во војска и кого го шиканирала воената полиција на ЈНА. Тоа сигурно не било нималку пријатно. Разрешницата, сепак, била цивилизирана и мирна. Токму тоа би можело да биде, ако веќе манипулираме со поимот „тоталитаризам“, доказ дека во тоа време во Југославија, ако веќе ја прифатиме оперативноста на поимот „тоталитаризам“, во никаква смисла не можеме да зборуваме за тоталитаризам. Не знам дали во „демократска“ Словенија некои уметници имале повеќе проблеми кога го направиле омотот на опскурното ЦД со Марија од Брезје која во прегратка држи стаорец.

Да се разбереме, јас не се поставувам во улога на адвокат на генералите на ЈНА. Некои од нив одиграле страшна улога во југословенските војни. Би сакал да ја проблематизирам логиката на патетичните интерпретации на овој плакат, во смисла дека тој плакат ја покажал скриената метафизичка тоталитарна суштина на југословенскиот социјализам и тоа особено на ЈНА. Тоа во извесна мера беше пророчки, со оглед на тоа што ЈНА го правеше во Хрватска и Босна неколку години подоцна. Проблемот е во тоа дека тие интерпретации произлегуваат од метафизичкиот поглед на „скриената суштина на нештата“. Мислам дека наспроти тоа, требаше да се спроведе материјалистичко читање на работите, кои ќе се обидам овде да ги изведам.

Меѓутоа, најпрвин да се запрашаме што воопшто претставуваше таа „визуелна идеологија“ на која реагираа генералите? Дали тоа беше „соцреализам“? Дали тоа беше нацистичка визуелна идеологија?

Јас тоа би го проблематизирал токму на тоа место. Прво, таа естетика беше историски-рефлексивна и во 1987 година така и делуваше, без потреба да го препознаам цитатот, таа делуваше цитатно, некако оттуѓувачки, како референца на некое минато. Анахронизмот како стратегија.

Луѓето, кои на конкурсот го избраа Новиот колективизам, избраа дело на една млада група со радикална естетика, која на властите им беше сомнителна. Тоа не беше соцреализмот, кој го немаше во Југославија. Одлуката за тој плакат, за некоја чудна и млада словенечка група во рамките на уметничкото движење кое им беше сомнително на властите, со оглед на тоа дека истото и претходно имало проблеми со властите, повеќе ми изгледа како знак на „демократичност“ и „либералност“ отколку како нешто друго. Стануваше збор за признавањето на тогашната југословенска „алтернатива“, која, и тоа треба да се нагласи, во Словенија тогаш стана дел од републичкиот културен естаблишмент (со претставата “Gledališča Scipion Nasice Krst“ под Триглав). Прифатено беше делото на таа „алтернативна“ група, а не некаков „соцреализам“.

Од друга страна пак, што е тоа „визуелна идеологија“ на некој плакат? Доколку ја согледаме историјата на плакатите, токму идеолошката порака често зависи од конкретните симболи кои биле употребувани. Во рамките на естетиката на плакатите, конкретниот симбол е тој што ја одредува идеолошката поента. Доколку ја согледаме историјата на плакатите, исто така, ќе наидеме на голем број примери за тоа, како визуелната стратегија била вистински зависна од употребените симболи. На сите ви се добро познати плакатите со ликот на војник, кој го насочува прстот кон гледачот, во смисла, што си направил ти за она за кое јас се борам?

Познаваме таков плакат во Англија од Првата светска војна, од руската граѓанска војна, од страна на болшевиците, таквиот плакат е објаснет дури и во романот на Николај Островски, „Како се калеше челикот“, од шпанската граѓанска војна и од словенечката народноослободителна борба. За каква порака станувало збор, во суштина зависело од симболите. Меѓутоа, и покрај сè, не само од симболите!

Плакатите, кои мобилизираат за интересите на империјализмот, вообичаено се наредбодавни. Војникот кој се појавува на нив е некаков хипнотизер. Плакатите на шпанските републиканци и југословенските партизани прикажуваат борец на умирање, кој облеен во крв, го прашува гледачот дали е подготвен да го замени во борбата за слобода...

Кога станува збор за плакатот на „Денот на младоста“, тука, се разбира, во прашање е специфичната естетика, мускулест млад херој со атлетско тело во херојска поза. Меѓутоа, суштинското прашање е, дали таквиот мускулест млад херој е нешто што е на нивото на стилската иконографска анализа, само по себе нацистичко? Доколку ги гледаме снимките на Лени Рифенштал од Олимпијадата и, на пример, некои снимки од руската авангарда, фотографиите со атлети на Родченко, ќе видиме очигледни сличности. Мораме да бидеме свесни дека естетизацијата на Родченко се случила порано и дека неа ја копирал нацизмот. (Кога зборуваме за нацистичката естетика, мораме да посветиме внимание на тоа, дека токму нацистичката естетика понекогаш свесно крадела и од своите непријатели. На сите ви е позната изјавата на Гебелс дека мораме да се огледаме на Ајнштајн и да ја снимиме нацистичката подморница Потемкин... Се разбира, ако на тој начин заедно ги поставиме нацизмот и Советскиот сојуз, оние кои се прават умни веднаш ќе повикаат: јасно, и едното и другото е тоталитаризам. Меѓутоа, такви млади луѓе кај нас се појавуваат и на плакатите на либерално граѓанското соколово движење. Таа иконографија можеме да ја пронајдеме и далеку во 19-от век.

Вистинската иронија е на некое друго место. Постапката која ја употребил Новиот колективизам значи да копираш некој плакат, да ги замениш неговите симболи и на тој начин да ја смениш неговата порака. Такво нешто било видено за време на Втората светска војна, а тоа дошло од пронацистичката страна. Една од главните стратегии со симболите на овие плакати е тоа дека тие ги лимитирале партизанските плакати и со минимална интервенција, заменувајќи ги симболите, ја промениле и идеолошката порака.

Иако идеолошката порака на тоа што го направи Новиот колективизам суштински функционираше поинаку. Заменувањето на едни симболи со други, се разбира, немаше за цел да се постават социјалистичките симболи против нацистичките, иако Новиот колективизам според таа логика се изјасни пред генералите по избивањето на аферата, стануваше збор за формирање на некој индиферентен став, кој го изедначува едното со другото. Пораката се состоеше во тоа дека и нацистичките и социјалистичките симболи, во суштина, ја претставуваат истата работа, што не претставува ништо друго туку апликација на доктрината за „тоталитаризмот“.

Следното е од суштинска важност: таа поента за „тоталитаризмот“ се појавува во момент кога социјалистичкиот концепт во Југославија почнува да ослабнува. Токму тој процес овозможи иницијативата да ја преземат мрачни општествени сили, како национализмот, на пример. Општествената реалност во чии рамки се чувствуваше потреба од фантазма за „тоталитаризмот“, беше во процес кој означувше почеток на реставрација на капитализмот или реалност на преземање на западната „демократија“. Таа реалност се колебаше помеѓу преземањето на западната „демократија“ и тежнеењето за свртување кон „Истокот“, против кој, во наредните години, некои сегменти на ЈНА навистина сакаа да се насочат.

Меѓутоа, вистинскиот проблем се наоѓа на друго место. Таквото истакнување на „тоталитаризмот“ ни овозможува да согледаме некаква најава за тоа што се појави подоцна во војните на тој простор. Дали плакатот, како напад на општественото уредување на СФРЈ го разоткри скриеното метафизичко „тоталитарно“ јадро (Марина Гржиниќ зборува за „комунистичката владеачка машина“!), од кое подоцна избувнаа војните или станува збор за една од симболичките постапки во процесот, кој го наметнува државата, буквално, како матрица на „тоталитаризмот“?

Имено, во тие години се случуваше планска продукција на „тоталитарноста“ како модел, наметнат од непријателот, а во функција на дезинтегрирање на југословенскиот општествен систем, на кого таквите акции му овозможуваа да биде етикетиран како „тоталитарен“. Во тоа се состоеше нивниот реален ефект. Акцијата на Новиот колективизам, со реакционерни општествени сили, кои во тој период ја подигнуваа својата глава секаде, требаше да обезбеди некаков легитимитет во обележувањето на југословенскиот општествен систем како „тоталитарен“. Тоа во Словенија значеше и легитимизација на третманот на ЈНА како некоја „тоталитарна окупаторска сила“. Никако не сакам да ја идеализирам ЈНА или да ја негирам нејзината одговорност за ужасот во меѓуетничките војни во Југославија, но сепак, треба да се знае дека тоа што се случуваше со ЈНА при преминот од осумдесеттите во деведесеттите години, кога таа стануваше инструмент на српскиот национализам, немаше ништо „комунистичко“, туку стануваше збор за одрекување од комунизмот. Дури со одрекувањето од своите основни начела ЈНА можеше да се поврзе со неочетничките (пара) воени формации, а тоа се случи во 1991 и 1992 година. Исто така мислам дека, на пример, војската беше во една тотално дезориентирана ситуација и во Словенија. Наводната функција на „окупатор“, кој е на страната на една од југословенските нации, буквално беше наметната. Се сеќавам кога во 1991 година, цел еден месец пред оние десетдневни судири во Словенија, кои некои ги нарекуваат „десетдневна војна“, во ситуација додека се случуваше некоја друга конфузија пред касарната во Пекре, еден човек почна да се качува на тенк и тој случајно го прегази. Следниот ден, на првите страници од сите весници пишуваше дека тоа е првата жртва во војната за Словенија. Како некои поединци на секој начин да посакуваа да предизвикаат војна и како едвај да чекаа на следната жртва. Како тогаш во Словенија некому тоа да му беше потребно за да и’ даде легитимитет на својата политика. Читајте го дневникот на Борисав Јовиќ, тогашен претседател на југословенската сојузна влада. Во него можеме **** да видиме дека воениот врв бил тотално дезориентиран, конфузен, не знаел што треба да прави, имал чудни идеи и не можел да се одлучи за ниту една. Но една работа треба да му се признае, поголемиот негов дел, уште тогаш, со сите сили се противел на конечната идентификација со српскиот национализам, кој тогаш судбоносно манипулирал со него и не сакал да прифати дека ЈНА ќе стане српска војска. Уште на почетокот од војната во Хрватска, додека разни национални паравоени единици сами се наоружуваа за борба против ЈНА и една против друга, Аџиќ очајно извикуваше дека ЈНА, сепак, не смее да стане српска војска, дека мора да ги штити сите нејзини државјани и дека таа е војска на сите југословенски народи. Иако, се разбира, неколку месеци подоцна Аџиќ учествуваше во таа војна кога воените операции на ЈНА околу Вуковар и Осијек беа изразено агресорски, иако беа декларирани како одбранбени. Тогаш ЈНА почнува да се поврзува со четничкото движење, а тоа беше можно во моментот кога таа се одрекува од комунистичката идеја и сопствените партизански начела. Меѓутоа, сепак мислам дека позицијата, која на крајот ја зазеде ЈНА, во тогашната поделба на општествените сили, во голема мера беше наметната, а тоа, се разбира, не претставува никакво оправдување за тогашното однесување на ЈНА. Сепак, мислам дека треба да се признае оти најголемата одговорност за катастрофата во Југославија отпаѓа на општествените сили кои се декларираа како „антитоталитарни“ во процесот на таканаречената „демократизација“. Во тоа време, проблемот на ЈНА се состоеше во тоа што таа почнала да се оддалечува од патот на Тито за одбрана на социјализмот. Не смееме да заборавиме дека воените злосторници, каков што е Радован Караџиќ, настапуваа од позиции на фанатичен антикомунизам и омраза кон Тито. Катастрофата се случи при поврзувањето на српското политичко раководство, кое се декларираше како социјалистичко, со опозициските антикомунистички и антисоцијалистички сили и при поврзувањето на ЈНА, која требаше да го штити југословенскиот социјализам, со антикомунистички и анцисоцијалистички, како и националистички четнички единици. Тоа се случи токму во моментот кога ЈНА и декларативно престана да го штити социјализмот и се обиде да ја брани само државата. Катастрофата се случувала кога Борисав Јовиќ во својот дневник размислувал во следната насока: кога станува збор за социјализмот, од него можеме да се откажеме, но треба да ја сочуваме државата затоа што тоа е во српскиот национален интерес. Веќе не станува збор за бранење на социјалистичкиот општествен систем, туку за штитење на интересите на српскиот народ во државата. Тоа беше предавство на првобитните мисии на ЈНА. Уште еднаш: тоа не беше логика на „комунистичката владејачка машинерија“, туку предавство на основните комунистички и партизански начела.

Исто така, како дел од тој процес беше и тоа што некои сили во раководството на Југославија, кон крајот на осумдесеттите години, како реакција на „демократизацијата“, се повеќе се свртуваа кон „истокот“. Во 1989 година, за време на тиенанменскиот колеж, Јовиќ во својот дневник на следниот начин го коментира фактот дека ЦК на КПК остро го осудило кинеското раководство и барал и југословенските органи да заземат исти позиции:

„Словенците прават сè во функција на својата позиција во Југославија и рушејќи го уставниот поредок на државата тие сакаат да изнудат став од Југославија против репресиите на неуставното однесување“. Во подтекстот можеме да ја забележиме следната мисла: Југославија не смее да ја осуди Кина набрзина. Што ако наскоро и самите бидеме присилени да направиме нешто слично како нив?

Никако не се обидувам да ги поедноставам нештата. Меѓутоа, тврдам дека токму акциите, кои ја продуцирале идејата за „тоталитаризмот“, придонесоа работите да се насочат во тој правец.

Новиот колективизам претпоставуваше некаква скриена метафизичка суштина на „тоталитаризмот“ во југословенскиот систем, што од подоцнежната перспектива делуваше убедливо, во смисла погледнете што тие видоа и најавија тогаш. Но, таа идеја за скриените метафизички суштини е аналогна на идеите за метафизички вродените националистички суштини на нациите, кои би дошле до израз во војните на просторите на Југославија. Тоа не е откривање на „скриените механизми“, туку нивна продукција, нивно активирање.

Со оглед на тоа што се случуваше во деведесеттите години на териториите на Југославија, во Словенија е многу популарно да се зборува на следниот начин: видете, од тоа може да се види колку беше нужно да се одвоиме и да се спасиме од балканскиот котел. Веднаш по отцепувањето почнаа и ужасите, доколку тогаш не се одвоевме, истото ќе се случеше и кај нас итн. Меѓутоа, забрането е да се поставува прашањето, до која мера отцепувањето влијаеше на тоа што се случуваше. Словенечката политика, по едногласното прогласување на независноста, ја напаѓаше ЈНА, која ги испрати своите единици на сојузната државна граница, дека го започна тој ланец на војни и не се обиде да ги спречи. Навистина, Југославија веќе беше поделена премолчено, по тајните мартовски преговори помеѓу Милошевиќ и Туѓман во Караѓорѓево. Немам одговор на прашањето, како во тој момент беше можно да се спречи нејзиниот распад.

Тука поставив неколку прашања и истите намерно ги оставам отворени, затоа што тие не се толку едноставни за да се осмелам да давам паушални одговори, но уверен сум дека оние кои денес без никаков срам се фалат со нивниот придонес за разбивањето на социјалистичка Југославија, би било подобро ако молчат.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Извор: Маргина 88