Јарболи

22.02.2013 08:58
Јарболи

На денот кога Талат Џафери, познат и како Командант Фарина од судирите од 2001 година, а во поново време како најупорниот блокатор на Законот за бранителите (кого, ете, никакво обезбедување не го попречи во блокадата на работата на Собранието, белким поради неговото воено искуство) требаше да стане министер за одбрана, македонските медиуми славодобитно објавија дека во струшкото село Мислешево се кренал - македонски бајрак! Наспроти забраната на општинските власти!

Се разбира дека ова е важна вест. Во земја која одамна е откината од секаква смисла.

Замислете тоа да се случеше во некоја од оние далечни и мистериозни држави што ги нарекуваме „нормален свет“. На пример, австриското знаме се развиори на територијата на австриската држава. Јасно дека сите електронски медиуми ќе ја прекинеа програмата за емитување вонредни вести, а весниците ќе издадеа вонредни изданија. Од едноставна причина: таму никој нема потреба да го развива австриското знаме, ниту да гради не-знам-колку-метарски јарболи, па претпоставка е дека човекот што тоа ќе го направи нешто не е добро снајден со времето и просторот во кој се наоѓа. А тоа е веќе вест!

Меѓутоа, во земја во која, на пример, секој мора да плаќа телевизиска претплата или легално да му се собираат парите за парното греење што не го плаќа, височината на јарболот на кој ќе се вее македонското знаме е од огромно значење за благосостојбата на нејзините жители. Особено за нејзината (не)среќна иднина.

Со други зборови, колку повеќе Талати Џаферија ќе се стават во извршната власт, толку повисоки јарболи ќе се поставуваат. Именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана не е само дрскост на неговата партија (конечно, луѓето не се бореа бадијала, па мора и нивните истакнати борци да добијат дел од колачот), туку многу повеќе (ако некому не му беше јасно) евидентен показ кој победи во тој судир во 2001 година. Бадијала се сега згрозувањата на патриотите. Зошто не победивте? Не победивте и нема да победите затоа што стратегијата и идеологијата ви беа историски погрешни: базирани на јарболи и знамиња; а победите на избори со пукања и крв.

Ова е држава во која живата култура е сведена на непотребен трошок, во која здравството и образованието се претворени во профитабилни бизниси, во која еднаквоста пред судот е различна за различни поединци и различни семејства, каде што во зародиш се угушува секоја граѓанска инцијатива, каде што штрајкот е форма на шминка, каде што слободата на говорот е декларативна и угушена... Ова, со еден збор, не е држава каква што ја сакавме. Поточно, не е држава.

Затоа се бесмислени расправите дали Стевчо Јакимовски требало да оди на локални избори или не. Како што се бесмислени расправите дали треба да се бојкотираат изборите или не. Со кој било одговор на овие прашања ништо не се решава. Освен можеби личните судбини на актерите што ги форсираат овие дилеми. А тие, личните професионални судбини, ако ме прашувате мене, не се работа на јавниот интерес.

Во услови на диктатура, на невидена контрола на сите полуги на власта, на самоволие на кое не сме навикнати ниту од времето на турско..., совршено е сеедно кој ќе биде нечиј градоначалник. Секој ќе биде сфатен онака како што доликува. Колку што сега го гледаме Коце Трајановски како татко на Скопје, толку ќе гледаме и некој друг.

Сепак, мене во целава оваа ситуација, најинтересен ми е ликот (не делото) на претседателот Ѓорге Иванов. Човекот има големи подочници и делува бледо. Разбрал дека се размислува да се донесе закон со кој ќе му ја укинат функцијата. Па сега не спие цели ноќи. За да не биде сменет преку ноќ. А, кој знае, можеби е веќе сменет а никој од нас не знае. Оваа власт работи како подмачкана машина за носење закони. Секој закон по пет секунди. Со обемна расправа од две секунди.

Можам да замислам какви промени би се случиле кога би го укинале Ѓорге Иванов. Никакви. Поточно, тешко дека би забележал некој. Или какви промени би се случиле кога би го укинале Уставниот суд? Никакви. А кога би ги укинале телевизиите и весниците? Тие, за волја на вистината, и онака се укинуваат, па не видов дека нешто пострашно се случи од она што се случува. Секако, кога би се укинале оние што не се укинуваат, де факто ќе дишеме почист воздух, без загадувањата од знамето во Мислешево.

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото