Бил во Индија, не напишал книга

23.02.2013 10:14
Бил во Индија, не напишал книга

И еден месец откако заврши неговото шестмесечно патување низ Индија, младиот писател-аматер Чилаут Патников сè уште не почнал да пишува книга за патувањето и вели дека нема намера да го направи тоа.

Откако по многу обиди конечно успеавме да го добиеме на телефон, на прашањето кои фасцинантни и просветлувачки искуства ги стекнал на патувањето во Индија, Патников кратко одговори: „Индија ко Индија. Извинете, треба да одам, ме чека жена ми“.

Здружението на писатели егзотисти, инаку моќна струја во ДПМ, го осуди молкот на Патников и го повика уште еднаш да ја преиспита својата одлука за непишување книга за патувањето во Индија.

Незадоволство изразија и најголем дел од македонските издавачи.

„Поради неодговорноста или мрзата на Патников, македонската книжевност губи уште еден бестселер. Ваквата политика и практика на авторите може да биде погубна на долг рок“, изјави Стојко Профитероски, претседател на Здружението на издавачи.

Во меѓувреме, според листата на угледниот неделник Крајм, четири најпродавани книги во Македонија во последните шест месеци се токму книги инспирирани од патувања во Индија - „Знаев уште кога купив авионска карта“, „Sade mozok journey“, „Со Кришна дуќан да имам“ и „Леле, коа ќе се вратам“.

Фотографија: Shaun Higson