Скандалозно: Субрата Рој место крави броел овци пред спиење!

11.07.2013 13:57
Скандалозно: Субрата Рој место крави броел овци пред спиење!

Скопје, 11 јули 2013

Индиската јавност е во шок откако популарниот индиски магазин Hindu Gossip на насловната страница објави дека Субрата Рој минатата ноќ наместо крави, пред спиење броел овци. Магазинот го нарекува милијардерот „предавник“, а како причина за инцидентот е наведено македонското влијание врз Индиецот.

Како што е познато, Субрата Рој вчера пристигна во Македонија за да посети неколку локации на кои треба да инвестира. Според информациите до кои дојде екипата на Пара вести, индискиот милијардер бил изненаден од бројот на овци во нашата земја.

Само неколку часа откако Hindu Gossip ја објави веста за политички некоректното заспивање на Рој, тој се извини преку весникот Delhi Trach.

„Длабоко му се извинувам на мојот народ поради заменувањето на светото животно со овца. Бев занесен од бројот на овци во Македонија, каде политичарите што ме поканија бројат единки од ова животно пред спиење, па сакав да направам гест на добра волја кон државата во која сум почесен инвеститор“, вели Субрата Рој и додава дека изнашол компромисно решение за техниките за заспивање.

„Најдов начин истовремено да не ги навредам моите Индијци, а да искажам почит кон македонскиот народ. Од сега па натаму, пред спиење, наместо овци ќе бројам Македонци. И онака разликата не е голема“, вели Субрата Рој.

Неофицијално, дознаваме дека владата уште повеќе ќе ги засили кампањите за многудетно семејство, затоа што е непримерно еден добронамерен странски инвеститор да остане без сон само затоа што нема доволно Македонци за броење.