Вистинската цена на евтината работна сила

10.02.2017 03:01
Вистинската цена на евтината работна сила

Студијата „Вистинската цена на евтината работна сила“, од Бранимир Јовановиќ, во издание на Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје, која беше промовирана неодамна, ги оценува политиките за привлекување на странски директни инвестиции кои се применуваа во Македонија во периодот 2007-2015 година.

Првиот дел од студијата дава осврт на овие политики и прави обид да ги процени нивните директни трошоци и ефекти.

Вториот дел се осврнува на работните услови и работничките права во странските фабрики, низ призма на интервјуа со работници од петте најзначајни странски фабрики.

Наодите се дека македонската влада во периодот 2007-2015 година потрошила 160 милиони евра за привлекување и помагање на странските инвестиции. Дваесет и пет странски фирми добиле државна помош во овој период. Овие фирми на крајот на 2015 вработувале вкупно 12.600 работници, што значи дека државата потрошила околу 12.600 евра по вработен работник.

Средствата кои овие фирми ги исплатиле за плати на работници во целиот овој период изнесуваат 92 милиони евра, што е значајно помалку од она што државата го потрошила. Нето добивката на помаганите фирми во истиот овој период изнесувала 235 милиони евра, односно, два и пол пати повеќе од платите на работниците.

Анализираните фирми обично вработуваат со договори на определено време, што генерира неизвесност и страв кај работниците, што пак има дисциплинирачки ефект врз нив. Во сите фирми интервјуираните работници сметаат дека работата е тешка и нормите се високи и дека не се платени сразмерно на вложениот труд. Во три од фирмите работниците истакнале дека има примери за повреди на работното место, а во една дури и смртен случај. Во ниедна од фирмите нема синдикат и работниците сметаат дека работодавачите ќе санкционираат обиди за синдикално организирање. Во една фирма има пример кога работници кои се обиделе да се организираат за да одбранат одредени свои права, биле избркани од работа. Работниците истакнале и неколку примери на целосно потфрлање на државните институции задолжени за заштита на работничките права, односно, на инспекциите и судовите.

Во сите анализирани фирми работниците истакнале дека има примери на кршење на одредени работнички права. Најчести примери на кршење на права се мобингот, неплаќањето на работата за време на викенди, наметнување да се работи за време на викенди или празници и неможноста да се користи ден од одмор. Присутни се и примери на ограничување на слободата на говор, на ограничување на слободата за извршување на одредени физиолошки потреби и на неинформирање на работниците за одредени здравствени ризици.

Печатен примерок од книгата може да се подигне во Институтот за општествени и хуманистички науки Скопје, на ул. „20 Октомври“ бр. 8.

Електронската верзија на студијата можете да ја преземете на овој линк.

 

Во продолжение, пренесуваме извадок од студијата.

 

2.1 Странски инвестиции во Македонија и политики за нивно привлекување и поддржување

 

Од осамостојувањето наваму, македонската економија постојано бележи незадоволителни резултати. Просечната стапка на економски раст (реален БДП по глава на жител) во периодот 1991-2005 изнесува 0%. Доколку се исклучат првите пет години од транзицијата, кога има намалување на економската активност, растот повторно изнесува ниски 2% (Графикон 1). Стапката на невработеност во истиот овој период постојано изнесува преку 29%, што е едно од највисоките нивоа во светот (Графикон 2).

Едно од објаснувањата за ваквите резултати кое често се пласира е дека економијата не успева да привлече доволно странски инвестиции. Резонирањето е дека за една мала екомомија, сиромашна со ресурси, да може да се развива, потребно е во неа да влегуваат странски инвестиции. Странските инвестиции во Македонија во периодот 19941-2005 изнесуваат само 3% од БДП (во што влегуваат и продажбите на неколку големи природни монополи). Од земјите од регионот за кои постојат споредливи податоци, единствено Албанија има пониско ниво на странски инвестиции, додека сите останати се подобри (Графикон 3). Кога нивото на странски инвестиции во Македонија би било повисоко, на пример околу 6% од БДП, како во Чешка, Унгарија или Бугарија, и економскиот раст би бил повисок.

Ваквото резонирање особено стана актуелно по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Еден од столбовите на економската политика на оваа гарнитура беше токму привлекувањето на странски директни инвестиции, паралелно со воведувањето „рамни“ даноци (т.е. намалувањето на даноците на побогатите), „флексибилизацијата на пазарот на труд“ (т.е. кратењето на работничките права) и „подобрувањето на бизнис климата“ (т.е. подобрувањето на позицијата на земјата на Дуинг Бизнис листата2).

Фетишизацијата на странските инвестиции во ова време доживеа невидени размери. Владата плаќаше реклами во бројни светски медиуми во кои се претставуваа условите за инвестирање во Македонија, со акцент на евтината работна сила. Редовна пракса беше во Владата да има по неколку министри без ресор, задолжени за привлекување на странски инвесиции, покрај министрите за финансии и економија (од 2011 година наваму, по пет министри). Се отвори и Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот, како примарна владина институција за привлекување на нови странски фирми и за поддршка на постоечките. Се ангажираа и триесетина економски промотори низ разни земји во светот, со мандат да ги промовираат ресурсите и потенцијалите на Македонија како атрактивна бизнис дестинација. Редовно се правеа роуд-шоуа (road-show) низ светот, на кои високи владини претставници, честопати и самиот Премиер, патуваа и зборуваа за поволностите кои им се нудат на странските форми за да инвестираат во Македонија. Беа организирани вкупно 58 вакви роуд-шоуа, низ 31 земја. Се отвори и Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, со цел да отвора, развива и менаџира технолошко-индустриски развојни зони, во кои странските фирми можеа многу лесно да отворат фабрика. На крајот на 2016 година, има 15 вакви зони (Слика 1), иако фабрики има само во 7 од нив (Скопје 1, Скопје 2, Тетово, Кичево, Струга, Штип и Прилеп).

На странските фирми кои сакаат да инвестираат во Македонија почнаа да им се нудат бројни поволности. Двата главни закона кои ги регулираат овие поволности се Законот за технолошко- индустриски развојни зониvi и Законот за контрола на државната помошvii. Две уредби понатаму ја специфицираат помошта определена во Законот за контрола на државната помош - Уредбата за условите и постапката за доделување на регионална помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на хоризонтална помош. Привилегиите, накусо, се:

• Целосно ослободување од плаќање на сите даноци, т.е. данокот на доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност;
• Целосно ослободување од плаќање на царини и други увозно-извозни давачки;
• Целосно ослободување од комунални трошоци за градење на објект;
• Покривање на трошоците за градење на објект во вредност до 500.000 евра;
• Покривање на трошоците за образование на работниците во износ до 50% од трошоците;
• Директен „кеш грант“ од страна на државата во износ до:

– 70% од вредноста на инвестицијата или;

– 70% од платата за новите вработени за период од 2 години3.

И покрај сето ова, резултатите изостанаа. Странските директни инвестиции во времето на овие влади изнесуваа во просек 3,3% од БДП, што е пониско од нивото остварено за време на претходните две влади. За време на претходната влада, која владееше од 2002 до 2006, тие беа во просек 4% од БДП, додека за време на владата од 1998 до 2002, изнесуваа 5,7% од БДП (Графикон 4).

__________________________________________________

[1] Како почетна година е земена 1994, заради недостапност на податоци за претходните години

[2] Дуинг Бизнис листата ги рангира земјите врз основа на 11 критериуми: започнување бизнис, добивање дозволи за градење, добивање струја, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински акционери, плаќање даноци, прекугранична трговија, спроведување договори, разрешување несолвентност и регулација на пазарот на труд. Критериумите мерат првенствено правни аспекти, имплементацијата е надвор од опфатот на индикаторите.

[3] Процентиве се однесуваат на мали фирми. За средни, износот е до 60%, а за големи, до 50%.